1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Париз ќе даде поддршка за укинување на визите

15 мај 2009

Франција ќе го поддржи укинувањето на визите за македонските државјани, му беше речено на премиерот Никола Груевски на средба со министерот за интеграција, миграција, национален идентитет и солидарен развој, Ерик Бесон.

https://p.dw.com/p/HrAy
ПаризФотографија: picture-alliance / dpa

Официјален Париз, според министерот Ерик Бесон, ќе ја даде својата согласност за укинување на визите откако Европската комисија ќе оцени дека се исполнети условите утврдени од страна на Европската унија.

Францускиот министер му предложи на македонскиот премиер да ја продлабочат соработката меѓу двете земји со склучување договор за заедничко управување на миграционите движења. Ваков договор посебно ја фаворизира мобилноста на младите, студентите и младите професори. Бесон најави дека ќе ја посети Македонија до крајот на годинава.

Попладнево, во Елисејската палата, македонскиот премиер Никола Груевски има средба со францускиот претседател Никола Саркози. Средбата беше предвидена за вчера, но поради проблемите со владиниот авион и неможноста на Груевски да пристигне навреме во Париз, таа е презакажана за денеска (15.05.2009). Една од темите на средбата е и прашањето за спорот на Македонија и Грција околу името.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска