1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиите во Израел преговараат за идна владина коалиција

Себастијан Енгелбрехт12 февруари 2009

Во Израел почнаа преговорите меѓу политичките партии за формирање идна владина коалиција. Експертите сметаат дека резултатот од сондирачките разговори ќе биде формирање десна владина коалиција на чело со Ликуд.

https://p.dw.com/p/GsF4
Кој ќе ја води владината коалиција? Плакати со главните соперници Нетанјаху и ЛивниФотографија: AP

Претседателката на досегашната владеачка партија Кадима, Ципи Ливни, го загуби победничкиот сјај еден ден по изборите. Во меѓувреме веројатно се соочи со ставот на повеќето коментатори дека поголеми шанси за формирање владеачка коалиција има нејзиниот соперник, Бенјамин Нетанјаху од десно конзервативниот блок Ликуд. „Народот се реши. Денеска чувствувам голема одговорност да ја употребам моќта што вчера ми беше дадена за да го обединам народот и да го водам по патот што му е толку потребен, по патот на внатрешното единство“ - порача Ливни.

Веднаш по изјавата таа замина на преговори со лидерот на десно-популистичката партија „Јизраел бејтејну“, Авигдор Либерман. Тој, имено, се смета за еден од победниците на изборите, бидејќи со анти-арапски пароли успеа да стане трета сила во идниот состав на Кнесетот. По средбата со Ливни, Либераман порача: „Се сретнав со Ципи Ливни, а ќе се сретнам и со Бенјамин Нетанјаху. Ќе се обидеме брзо да ги расчистиме разликите во ставовите и да ги поставиме основните принципи на новата владина коалиција.“

Avigdor Lieberman Beitenu Partei
Авигдор Либерман, претседателот на третата сила во Кнесетот, партијата „Израел бејтејну“Фотографија: AP

Сродни политички програми на десницата

Политичките програми на Либерман и Нетанјаху се всушност сродни. Обајцата се против мировни разговри со палестинските автономни власти. Нетанјаху најавува развластување на Хамас во Појасот на Газа, а Либерман отфрла директни и индиректни преговори со ова радикално исламско движење.

Блискоста со партијата на Нетанјаху не ја крие ни претседателот на втората помала партија што ќе одигра важна улога при формирањето на идната владина коалиција, религиозната Шаас партија: „Пред изборите ветивме дека ќе го поддржиме Нетанјаху. Народот се изјасни за влада на конзервативната десница. Не исклучуваме ни поширока коалиција, но ова е одлуката на народот“ - порача шефот на Шаас, Јишаи.

Benjamin Netanyahu
Ќе се врати ли на премиерската фотеља? Бенјамин НетанјахуФотографија: AP

Коалиција меѓу неговата партија и Кадима на Ципи Ливни е речиси исклучена, бидејќи во октомври пропаднаа преговорите за создавање заедничка влада. Шаас бара Ерусалим да остане чисто израелски град и за него воопшто да не се преговара понатаму со Палестинците.

Арапите резигнирани

Изборниот исход во Израел се чини не наидува на голем интерес во арапскиот свет. Тој реагира повеќе со мешавина на незаинтересираност и безнадежност. Ако неодамнешната војна во Газа ја диригираше министер за одбрана кој доаѓа од лево ориентираната Лабуристичка партија, тогаш многу полошо не може да биде ни со десно конзервативна влада под Нетанјаху, коментира весникот „Ал Хајат“.