1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партијата на Тачи победник на изборите на Косово

18 ноември 2007

Се’ уште нема официјални резултати. Низок одзив на избирачите, бојкот од Србите. Хашим Тачи најави дека неговата идна влада ќе прогласи независност веднаш по 10-ти декември. САД го поздравија мирниот тек на гласањето.

https://p.dw.com/p/CIXo
Самоувереноста во успехот се потврди: Хашим Тачи при гласањетоФотографија: AP

Поранешниот водач на илегалната албанска армија УЧК и претседател на Демократската партија на Косово – ПДК, Хашим Тачи, ноќеска ја прогласи својата партија за победник на парламентарните избори што се одржаа вчера, заедно со изборите за локалните органи на власта. Обраќајќи им се на своите симпатизери и на граѓаните на Косово, Тачи рече дека од денска започнува нова ера за жителите на Косово и оти како шеф на идната коалициона влада има намера да прогласи независност веднаш по 10-ти декември, крајниот рок за сегашните преговори околу идниот статус на покраината.

„Косово е подготвено да оди напред како земја на слобода, демократија и независност“

„Граѓаните на Косово денеска му испратија порака на светот дека сме земја на демократско општество и подготвени да донесуваме решенија кои ќе ни обезбедат место во големото семејство на европски држави“, рече Тачи. Тој искажа гордост поради текот на целата предизборна кампања, не само на својата партија, а посебно поради „однесувањето на народот на Косово во текот на кампањата“. „Владата што ќе ја формира ПДК ќе се ангажира за покачување на платите на просветните работници, на вработените во здравството, потоа за отворање работни места за младите луѓе, покачување на пензиите, подобрување на патната инфраструктура и за решавањето на секојдневните проблеми на граѓаните на Косово“ – вети Хашим Тачи.

Мирен тек на изборите, речиси целосен бојкот од Србите

Според податоците на групацијата на невладини организации Демократија на дело, врз основа на 60 насто пребројани гласови, ПДК има освоено 35 проценти, Демократскиот сојуз на Косово на актуелниот претседател Фатмир Сејдиу 22, Алијансата Ново Косово 12 проценти. Први официјални резултати се очекуваат во текот на претпладнево. Изборниот праг за влегување во парламентот изнесува пет проценти. Околу 40 илјади Срби со право на глас речиси целосно му се придружија на повикот од Белград за бојкот на изборите.

Според наводи на Централната изборна комисија, на изборите излегле само околу 40 до 45 насто од околу еден ипол милиони граѓани со право на глас, што е најнизок процент откако во 1999-та година Косово стана протекторат на ОН. Изборите поминаа мирно и без подрастични инциденти. Тоа го потврди и шефот на мисијата на ОБСЕ на Косово Тим Гулдиман: „Од технички агол на гледање, се’ функционираше многу добро, целата изборна процедура помина многу мирно, немаше никакви инциденти“.

САД – пофалба за изборите, критика за косовските Срби

Американската влада го поздрави мирниот тек на изборите и го криртикуваше бојкотот од страна на српското малцинство. Со тоа Србите само ќе бидат запоставени, оцени во Вашингтон Шон Меккормак, портпарол на министерството за надворешни работи. САД и натаму се чувствуваат обврзани да ги обезбедат „правата и безбедноста“ на сите етнички заедници на Косово, рече Меккормак и ги повика сите нив целосно да учествуваат во политичкиот процес во покраината.

Агенции / З. Јордановски