1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ПАСОК се обновува

8 јануари 2004
https://p.dw.com/p/AcQq
Грчкиот премиер, Костас Симитис најави предвремени избори во земјата и негово заминување од функцијата. Од местото претседател на грчките социјалисти,пак, Симитис веќе се откажа. На неговото место доаѓа популарниот Јоргос Папандреу, министерот за надворешни работи на Грција.

Политиката на Костас Симитис може да се гледа во позитивна смисла, исто како и неговото заминување - парче нова политичка култура , зашто во Грција доброволно заминување на врвни политичари е апсолутен раритет. Се разбира, сосема доброволно тоа не се случи. Дури и изборните подароци, тешки милијарди, од минатата есен не донесоа промена на расположението на избирачите за неговите социјалисти - конзервативната опозиција води и натаму во сите истражувања на јавното мислење.

"Нашата партија има водечки личности кои и' припаѓаат на новата генерација. Тие го познаваат новото време. Нашата партија има личности кои ќе ја реализираат желбата на народот за благосостојба и пораст, за економска стабилност и општествена соработка", рече Симитис.

Токму тука, имено во секојдневието на Грција, Симитис и не успеа. Тој ги оствари големи цели - од помирувањето со Турција до воведувањето на еврото во Грција. Тоа го признаваат и неговите противници. Но, Грците се се' понезадоволни од своето секојдневие. И покрај стопанскиот пораст, невработеноста расте.

Кој сето ова сега треба да го решава е веќе познато - Јоргос Папндреу, стар само 51 година, близок соработник на Симитис, но пред се' син на легендарниот Андреас Папандреу, основачот на ПАСОК. Тој вели:

"Ние треба да се менуваме - претпазливо и со почит кон минатото, но мора да се менуваме. Ако се подновиме, ќе можеме да одговориме и на предизвиците на иднината."

На вонреден партиски конгрес, Папандреу треба да биде промовиран како врвен кандидат на социјалистите, за предвремените избори во март. ПАСОК владее веќе 20 години речиси непрекинато. Предизвикувачот конзервативец, Костас Караманлис, вели:

"Сега Симитис бега од одговорноста, но народот и покрај тоа ќе го принуди системот ПАСОК на полагање на сметките."