1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патот до мир е долг

11 мај 2009

Уште од самиот почеток, израелско - палестинските односи беа во знакот на војни, терор и потрага по мир.

https://p.dw.com/p/Hngs
Фотографија: DW

Во таканаречената шестдневна војна, во 1967 година, Израел го запоседна Синајскиот полуостров, Голанската висорамнина во Сирија, Западниот брег, кој беше анектиран од Јордан и појасот Газа. Две години подоцна, тогашниот министер за надворешни работи на САД, Вилијам Роџерс, го поднесе првиот мировен план врз основа на резолуцијата 242 на Советот за безбедност на ОН. Израел требаше да се повлече од окупираните територии во границите првобитно предвидени од ОН, а палестинските бегалци требаше повторно да се доселат. Но, и Израел и арапските држави го отфрлија мировниот план.

Долги години потоа не се вложуваа големи напори, за прекинот на огнот да се претвори во мировен договор. Меѓутоа, во 1977 година, тогашниот египетски претседател и подоцна добитник на Нобеловата награда за мир, Анвар ал Садат, иницираше директни преговори со Израел. Разговорите вродија плод и во 1979 година беше потпишан мировниот договор од Камп Дејвид под посредство на американскиот претседател Џими Картер. Со овој договор, Египет си го поврати Синајскиот полуостров, но изостанаа посакуваните преговори за палестинска автономија на Западниот брег и во појасот Газа.

Kalenderblatt 1987 Beginn der Intifada
Почеток на Интифадата во 1987 годинаФотографија: AP

Повеќе арапски држави и Палестинската ослободителна организација -ПЛО го критикуваа израелско-египетскиот мировен договор и ги прекинаа дипломатските односи со Египет. На почетокот на октомври 1981 година, Садат беше убиен за време на воена парада во Каиро, од страна на исламиски екстремисти. Мировниот процес влезе во ќорсокак.

Првата Интифада и недефинирана палестинска држава

За време на првата Интифада, односно востанието на бунтовничкоот движење на претежно млади Палестинци во окупираните области, Јасер Арафат, тогашниот водач на ПЛО, прогласи независност на палестинска држава, во ноември 1988 година. Но, нејзините граници не беа дефинирани. Се бараше одржување меѓународна мировна конференција, но за тоа недостасуваше неопходната политичка волја на големите сили. Таа се одржа дури три години подоцна, во октомври 1991 година, во Мадрид.

Weg zum Frieden
Фотографија: AP

Кратко потоа, во Осло се одржаа тајни израелско-палестински преговори. Во 1993 година, прво беше усвоена заедничка основна декларација врз база на принципот „земја за мир“. Тоа беше основата за договорот Газа - Ерихон, односно Првиот договор од Осло, потпишан на почетокот на мај 1994 година во Каиро. Договорот предвидуваше палестинска самоуправа во појасот Газа и околу градот Ерихон. Една година подоцна, овој договор беше дополнет со Вториот договор од Осло. Израелската армија целосно се повлече од Газа, Ерихон и некои области од Западниот брег.

„Роуд мап“ - патоказ во вистинска насока

Израелско- палестинскиот мировен договор беше прекинат со убиството на израелскиот премиер Јицак Рабин во 1995 година. Дури со инцијативата на т.н. Блиско источен квартет, составен од ЕУ, САД, Русија и ОН , се создаде скалестиот план за мировно решение, односно таканаречениот „Роуд мап“. Тој предвидува формирање на независна палестинска држава. Наспроти ова, Палестинците треба да го признаат правото на постоење на Израел, како и да се откажат од тероризмот.


Автор: Зоран Арбутина / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска