1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патот до разговорите во Брисел поплочен со нови „бомби“

Катерина Блажевска8 јуни 2015

Домашните аналитичари немаат големи очекувања од новата рунда разговори во Брисел, а дипломатски извори посочуваат дека е најважно да има искрена, а не декларативна конструктивност.

https://p.dw.com/p/1FdCP
Фотографија: Petr Stojanovski

Демаскирањето на владините политики преку т.н. „бомби“ нема да запре пред продолжението на лидерските разговори со еврокомесарот Јоханес Хан закажани за среда, 10 јуни во Брисел. Една од нив ќе биде активирана денеска, а како што најави лидерот на СДСМ, тие „аудиоматеријали нема да го загрозат преговарачкиот прцес“.

„Бомбите продолжуваат в понеделник. Ќе внимаваме на сензитивноста на објавените аудиоматеријали. Нема да може да бидеме обвинети дека го загрозуваме преговарачкиот процес, а тоа и не го сакаме. Мора да продолжиме со обелоденување на вистината за злоупотребите што ги вршела власта. Ќе чуеме разговори од кои ќе стане јасно како се вршеле манипулации и местенки во разни невладини организациии, граѓански здруженија, како се местеле први луѓе и што се правело во Фудбалската федерација на Македонија, во ректорати на универзитетите и факултетите и слично. Сите материјали се подготвени, и ќе повикаме луѓе од невладиниот сектор на кои ќе им поделиме папки со нивни нелегално прислушувани разговори“, изјави Заев во интервју за порталот „Кирилица“.

Во минатиот петок (5.06) Заев најави дека го откажува учеството во разговорите, бидејќи комесарот Хан ги игнорирал сериозните недостатоци во изборниот процес нотирани од ОБСЕ/ОДИХР изјавувајќи дека изборите добиле „генерално позитивни извештаи“. Топката беше спуштена по телефонскиот разговор што уследи меѓу нив, но и по соопшението од Европската комисија, која потсети на загриженоста за точноста на избирачкиот список и на прашањата кои мораат итно да се решаваат во согласност со препораките на ОБСЕ-ОДИХР и Венециската комисија. Не оспорувајќи го своето учество на претстојните разговори во Брисел, лидерот на СДСМ уште еднаш ги повтори позициите на партијата по прашањето за составот на Владата што треба да ја стабилизира европската иднина на Македонија во транзицискиот период до предвремените избори во април 2016 година.

„Ние ќе инсистираме таа преодна, транзициска влада да биде без Груевски. Може да биде целосно експертска, може да биде и политичка, композитна влада, од сите партии во парламентот, може да биде предводена дури и од член на ВМРО-ДПМНЕ, но не од гарнитурата која е целосно инкриминирана. Но, никако од Никола Груевски, кој е прв и најодговорен за таа инкриминација“, изјави Заев.

Искрена конструктивност

Имајќи ја предвид атмосферата што и претходи на средбата во Брисел и тврдите позиции на двете страни, домашните аналитичари немаат големи очекувања од новата рунда разговори. Сметаат дека разговорите во среда нема веднаш да донесат решение и дека ќе потраат подолго. Во дипломатски кругови не сакаат да го прејудицираат епилогот на разговорите во среда. Единствено потенцираат дека е „многу важна сликата за конструктивност и волја што ја рефлектира секој учесник пред влегувањето во разговори, бидејќи таа најмногу навестува како ќе се движат работите“. Според нив, за никого не е од корист декларативната, туку искрената конструктивност.

Johannes Hahn in Skopje
Европскиот комесар Јоханес ХанФотографија: MIA

Дипломатите се воздржуваат и од конкретен одговор на прашањето - дали минатонеделната епизода меѓу Заев и Хан, ќе разниша нечија позиција?

„Интенцијата е сите да имаат висока доверба во процесот и да се вклучат максимално и посветено во барањето излезни решенија од кризата врз основа на утврдените проблеми. Недовербата и недоразбирањата може да бидат голем хендикеп во потрагата по најдобрите можни солуции за надминување на растечката криза“, велат дипломатски извори.

Но, утврдувањето на фактите и разврската не зависи само од она што ќе биде изнесено на разговорите во Брисел, од изјава на Хан, Заев, Груевски или само од она што го соопштуваат „бомбите“ на опозицијата. Експертски тим ангажиран од Европската Комисија во кој меѓу другите биле поранешниот директорот на Директоратот за Западен Балкан, Рајнхард Прибе, поранешен државен обвинител на Ирска, поранешен шеф на одделот за борба против мафијата на Италија, во изминатите недели во Македонија ги скенирале состојбите во проблематичните области. Како што рече вицепремиерот Фатмир Бесими во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат-М, нивните наоди ќе бидат составен дел од Извештајот за напредокот на Република Македонија, но и за една агенда која треба да произлезе како службен документ од политичкиот договор, во кој ќе бидат прецизно нотирани сите конкретни проекти што треба да бидат спроведени во транзицискиот период.

Поддршка од Вашингтон

Разговорите во Брисел имаат силна поддршка и од Вашингтон. Портпаролката на Стејт департментот Мари Харф на брифинг во петокот соопшти дека заменик-државниот секретар Антони Блинкен ги поздравил успешните преговарачки напори на еврокомесарот Хан, на македонската влада и на опозициските лидери за реафирмирање на заложбата од 2-ри јуни за европските принципи, меѓуетничките и добрососедските односи во подготовките за предвремени избори на крајот од април следната година. Блинкен нагласил дека додека патот напред нема да биде лесен за Македонија, но САД заедно со европските партнери, ќе бидат активно вклучени во поддршката на Македонија во справувањето со предизвиците и постигнување на крајната цел - евроатлантска интеграција.

Во домашните политички кругови веќе се шпекулира дека на разговорите на 10 јуни во Брисел можно е да присуствува и висок претставник од САД. Во јавноста се вртат имињата на американскиот помошник државен секретар за Европа, Викторија Нуланд, на заменик-помошникот државен секретар за Европа, Хојт Ји и на „влијателен конгресмен“, но засега нема официјална потврда за нивно вклучување во процесот на разговори.

Хојт Ји, кој во април годинава ја посети Македонија, рече дека САД немаат готови решенија за политичката криза во земјата.

„Она што Меѓународната заедница може да направи е да помогне во комуникацијата меѓу политичките партии, да понуди технички совети, да ги информира вашите власти за тоа што соодветствува со европските стандарди. Нашата улога е да ги охрабриме властите да најдат решение за проблемот и не би сакал да коментирам дали предвремените избори се вистинското решение“, рече Ји во април.

Во мај, во посета на земјава беше и поранешниот американски конгресмен Ерл Померој.