1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патот на страдањето

11 мај 2009

Трговијата со луѓе, посебно со децата не ја заобиколи ниту Македонија. Посебно загрижува фактот дека земјата од дестинација во која се носеа жртвите на трговијата со луѓе прерасна во земја на потекло на овие жртви.

https://p.dw.com/p/Hna3
Фотографија: Andrea Motta

„Сакав да избегам. Да се вратам дома. Газдата ме претепа и два дена не станав од кревет. Рече дека ќе ме убие. И почнав да го работам тоа. Секоја вечер им ги задоволував ниските страсти. Беше пекол.“

Ова е приказната на 16-годишната Надица од едно село во Македонија, која сиромаштијата ја натерала рано да избега од дома и во најблискиот град да побара работа. Лошата судбина експресно ја носи во погрешни раце и во соседниот град е продадена како робје, за работа прво како келнерка, а потоа и како дама за придружба. Кога го одбила сопственикот на локалот за неа почнал пеколот. Со месеци била малтретирана, тепана, силувана, искористувана. Сега е спасена од канџите на трговците со бело робје, но носи мноштво трауми од месеците минати во заложништво.

Надица е само една од тажните приказни за се‘ поприсутната трговија со деца во Македонија.

Frauenhandel in Russland
Се‘ поголем број жртви потекнуваат од МакедонијаФотографија: AP

Девојче од Скопје е ветено или поточно продадено од семејството на маж од странство, па по пеколот минат со наметнатиот сопруг таа бега, се крие и потоа се мажи за човекот што навистина го сака и со кого сега среќно живее.

Вакви приказни има се‘ повеќе и сите до една имаат сурови пораки. За жал, се‘ уште се дознаваат само мал дел од случаите, поточно оние што ќе ги открие полицијата. Останатите и натаму присилно работат, трпат болка - психичка и физичка, и сонуваат дека еден ден ќе бидат спасени.

„Отворена порта“ за жртвите

Жртвите од трговијата со деца, последниве три години ги прифаќа невладината организација „Отворена порта“ , која се грижи за нивното згрижување и ресоцијализација. Низ нивниот центар за згрижување досега минале 54 девојчиња, кои добиле комплетна правна, медицинска, социјална и психолошка помош.

Дел од нив, продолжиле да се школуваат под надзор на старател, дел се вратиле во своите семејства, но за жал дел се вратиле и во канџите на трговците, без разлика што нивното засолниште е тајно.

„Имавме и случаи каде жртвите на трговија со луѓе се вратија во синџирот. Навистина не беа многу, од педесетина само три-четири случаи, но имавме и такви податоци“, вели социјалниот работник Маја Варошлија, која дообјаснува дека трговците не ги бираат жртвите според националноста, бидејќи како жртви се јавуваат и Македонки и Албанки и Ромки.

Frauenhandel
Жртвите не се бираат според националностФотографија: Barbara Cöllen / DW

За тоа каква е реакцијата на семејствата на жртвите или на средината во која живеат на сознанието дека биле жртви на трговците со бело робје, Варошлија објаснува: „Зависи од која средина дошле и во која средина ќе се вратат. Нормално е дека во помалите средини стигматизацијата е поголема. Секако дека наидуваат на проблеми при враќањето во своите средини. Колку нивните семејства се подготвени да им помогнат, толку тие полесно го пребродуваат тој период.“

Навремено информирање и едукација се клучни

Најбитно за спречување на оваа појава е навремено информирање и едуцирање на целокупната јавноста за проблемот на трговијата со луѓе, посебно на средношколската младина како најранлива група, вели Стојне Атанасовска Димишковска: „Она што најмногу заплашува е дека Македонија во минатото беше дестинација на трговијата со луѓе, а во моментов е земја на потекло на овие жртви. Се соочуваме со внатрешна трговија. Старосната граница опаѓа и се движи од 12 до 18 годишна возраст“, вели Атанасовска Димишковска.

Fotografie von Inge Bell Aktionsbündnis gegen Frauenhandel
Пекол и страдање - тоа е секојдневието на жртвите на трговијата со луѓеФотографија: Inge Bell/Aktionsbündnis gegen Frauenhandel

Сонот за подобар живот е мамката која ја користат трговците со луѓе, нудејќи им примамливи услови за работа, школување, луксуз. Жртвите никогаш не влегуваат во мрежата доброволно - трговците ја користат нивната слабост и им „пакуваат“ најразлични прикаски. Кога тоа тие ќе го сфатат, веќе е доцна.

За врбување на жртвите трговците најчесто го користат „лавер бој“ методот, односно преку момче кон кого девојчињата развиваат младешка љубов и доверба, кој потоа им ги предава или продава, сеедно. Од сакани девојки, тие тогаш стануваат жртви.

Треба да се каже дека претходно најчесто во бизнисот беа користени кафеани и бордели, а во последно време тоа се прави по приватни станови, па затоа и потешко се открива.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска