1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патот на Шкендија до титулата есенски првак на Македонија

15 декември 2010

На крајот од есенскиот дел на фудбалското првенство на Македонија, на чело на табелата се најде тимот на Шкендија. Станува збор за голем подвиг, бидејќи таа минатата година играше во Втората лига.

https://p.dw.com/p/QXh2
Тренерот на Шкендија, Ќатип ОсманиФотографија: DW/Kalinski

Фудбалерите на Шкендија во Струмица десетти пат победнички ги кренаа рацете. Совладувајќи го Хоризонт со 1:0 тие го завршија есенскиот дел од фудбалското првенство на Македонија на лидерската позиција. Тетовскиот лигаш во 18-те одиграни кола собра вкупно 35 бодови, еден повеќе од второпласираната Ренова, а три од третопласираниот Работнички. Минатата година во ова време Шкендија беше второлигаш. Оттаму прашањето за Ќатип Османи, тренерот на Шкендија, очекувана ли е за него оваа водечка улога.

„Кога влеговме во прва лига приоритет на екипата беше да се задржи тимот кој го освои првото место во втората лига, и да се донесат две до три засилувања. Мислам дека успеавме, и искрено, можеби не очекувавме прво место, но очекувавме да бидеме во горниот дел на табелата.“

Spieler vom Fußballklub Skendia, die sich auf den Herbsttitel 2010 freuen
Радост поради есенската титулаФотографија: Petar Stojanovski

Шкендија по првпат е во ваква експонирана позиција. Разговарајќи за квалитетите на екипата, Османи потенцира.

„Мислам дека сепак во таа колективна игра на Шкендија доаѓаат и индивидуалните квалитети кои ги имаат одредени играчи, и токму таа колективна игра на Шкендија доминираше во текот првенството.“

Две години без пораз на домашен терен

Шкендија веќе две години е без пораз како домаќин, иако тренира на теренот во селото Мала Речица, а натпреварите ги игра во Тетово. Дали е планирано засилување во зимскиот преоден рок? За Османи поважно е да се задржи постоечкиот квалитет.

„Сигурно дека ќе требаат нови играчи кои ќе бидат освежување во тимот. Но, сепак сметам дека е многу важно да се задржи костурот на тимот.“

Малата бодовна разлика навестува интересна фудбалска пролет. Според Османи неколку тимови имаат големи шанси за титулата.

Catip Osmani ist der Trainer vom mazedonischen Fußballclub Skendia
Креаторот на „чудото“, тренерот ОсманиФотографија: Petar Stojanovski

„Неколку екипи се одвојуваат со квалитетот во трката за титулата. Покрај Ренова, тука се Работнички, Метелург и Шкендија и тие ќе бидат главни претенденти за шампионска титула.“

Потребен е успех во Европа

Ќатип Османи, 41-едногодишен, некогаш одличен фудбалер, голгетер. Израснат во Хрватска, до 20-та година беше во Хрватскиот фудбал, а потоа во Македонија и во Австрија. Сега како тренер е соочен со предизвикот на учество во Европските купови. Вели дека Шкендија се подготвува за евро-сцената, но дека не треба да се очекува премногу. Реално го проценува квалитетот на македонскиот фудбал и условите во кои тој егзистира.

“Сите клубови имаат проблем со терените за тренирање. Тоа треба да биде главниот предуслов, а потоа ќе дојдат и сите останати услови кои треба да ги има еден тим. Исто така многу е важно да постигнеме успех во Европа, или со некој тим или со репрезентацијата, а секако со тоа ќе се привлече и публиката.“

Автор: Златко Калински

Редактор: Горан Чутаноски