1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патот не’ води во црква и во џамија

31 декември 2011

На иницијативата на фондацијата Конрад Аденауер и Институтот за демократија младите во Македонија посетуваа различните верски објекти во земјата. Какви искуства стекнаа организаторите и учесниците во проектот?

https://p.dw.com/p/13cDn
Црква и џамијаФотографија: Petr Stojanovski

Православни во џамија, муслимани во црква. Слика која во Македонија како мултикултурна земја досега многу ретко можела да се види, посебно кај младите. Живеат едни покрај други, веруваат во слични нешта, но ги практикуваат на различен начин:

„За првпат ги посетив Католичката и Евангелско-Методистичката црква бидејќи јас сум од муслиманска вероисповед и не сум имала можност да посетам таков објект. Тоа беше едно ново искуство за мене, научив многу работи за кои не знаев и бев воодушевена дека имаме многу слични нешта во кои веруваме, но сепак не сум знаела за нив. Имајќи предвид дека живееме во една мултикултурна држава тоа ќе ни треба за да можеме нашите деца да ги едуцираме на вистинскиот пат, на соживот“, вели Ферикан Илјази, млада Албанка, студент на високата школа за новинарство во Скопје, која беше дел од групата студенти која во организација на фондацијата Конрад Аденауер и Институтот за демократија беше во посета на различните верски објекти во Македонија.

Deutschland Parteien CDU Konrad Adenauer Stiftung Gebäude in Sankt Augustin
Фондација Конрад АденауерФотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

Нејзиниот колега Александар Стојковски кој не бил првпат во џамија смета дека ваквиот начин на дружење и запознавање со традицијата на неговите врсници од српска, албанска, ромска популација се многу важни за соживотот во Македонија. Толеранцијата според него е нешто што постои со години и се негува, а границата што ја правел конфликтот од 2001 полека исчезнува:

„Односите во Македонија се многу добри, тие се граделе долго време и се сочувале. Многу ми е мило што и денес е сочувана таа традиција, затоа што и толеранцијата е таква традиција што исто и порано се градела, а ние само продолжуваме во тоа за да можеме да им ја пренесеме на идните генерации за да знаат како ние сме живееле заедно и како треба тие да живеат. Толеранцијата е нешто што постои и ќе постои, затоа што Албанците и Македонците се еден мирољубив народ кој живее на оваа балканска територија и мислам дека зборот толеранција е избришан од македонскиот речник“, смета Александар.

Jaкнење на демократската свест кај младите

Организаторите на проектот кој трае цела година и е финансиран од страна на ЕУ и Конрад Аденауер се задоволни. Посебно што станува збор за активности во насока на јакнење на демократската свест кај младите, почитување на човековите права и слободи, меѓу нив и слободата на вероисповед.

Skopje,Kamen Most.
СкопјеФотографија: DW

Ваквите иницијативи за Александар и Ферикан треба да бидат поттик за сите во општеството посебно за институциите и политичарите кои ги сметаат за главни виновници за стереотипите. Посебно треба да се внимава околу верата: „ Нашите контакти не ни можат да бидат поблиски, единствено околу верата, тоа е тенка жица од виолината која е многу тенка и најчесто ја чепкаат политичарите, а таа носи вибрации, многу вибрира. Тоа е единствената работа со која човек може да го повредите или одбиете од себе“, вели Александар

„Иако цел живот живеам во мешана средина не сум имала контакт за да слушнам од нив како се чувствуваат. Кога се запознавме подобро тоа влијаеше за подобра комуникација. Сега поинаку мислам, бидејќи сум мислела од друг агол дека тие се непријателите на кои не треба да им се верува и слично. Но сепак тоа се традиционални мислења на нашите предци, а сега во новото време преку меѓусебно запознавање, посебно кај младите и сите тие предрасуди полека се уриваат“, смета Ферикан.

Проектот во кој учествуваа 250 студенти официјално завршува денеска (31.12.11). Организаторите најавуваат дека наскоро ќе објават и видео материјал кој ќе сведочи за активностите и искуствата во рамки на оваа многу значајна иницијатива.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Алексадра Трајковска