1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патриотска провокација на Русија

Ковал/Филатова/Јолквер
24 февруари 2017

Плановите на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу за инсценирање „напад врз Рајхстагот“, предизвикаа огорченост во Германија. Набљудувачите предупредуваат од опасна милитаризација.

https://p.dw.com/p/2YAwU
Russland Patriot Park in Moskau
Спорт и воен тренинг за цело семејство: паркот „Патриот“ кај МоскваФотографија: picture alliance/dpa/V. Belousov

Германија и Русија сѐ повеќе се отуѓуваат, оценуваат експертите. Најавата на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу за изградба на објект како германскиот Рајхстаг во близина на Москва, каде ќе се изведуваат воени вежби, предизвика вчудовиденост и огорченост во Германија.

„Тоа покажува дека односите на Русија со Германија се влошени. На тој начин се создава негативна слика за Германија“, се жали Штефан Мајстер од Германското друштво за надворешна политика (ДГАП). „Најголем симбол за Русија е победата во Втората светска војна. Тоа се пренесува во училиштата, во учебниците има сѐ повеќе за оваа тема. Тоа е величање на историјата на Советскиот сојуз и Советскиот сојуз како таков“, вели овој експерт.

Повеќе од воена вежба

Европратеникот Елмар Брок, кој до неодамна раководеше со Комисијата за надворешна политика на Европскиот Парламент, смета дека од одлучувачко значење е како „Рајхстагот“ ќе се гради во близина на Москва. „Ако се инсценира како Црвената армија го зазема Рајхстагот во борбата против Хитлер, тогаш немам ништо против. Меѓутоа, ако се работи за модерниот објект на демократијата, тогаш тоа не е во ред“, нагласува Брок. Зашто, на тоа ќе се гледа како на закана за воена акција против Германија.

Повод за целата дискусија е најавата на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, дадена вечерта пред 23 февруари, Ден на бранителите на татковината. Тој пред пратениците на Думата изненадувачки рече дека во близина на Москва ќе се гради „Рајхстаг“. „Не комплетно, но за нашите млади војници да не напаѓаат што било, туку нешто многу конкретно“, рече Шојгу.

Објектот како историскиот Рајхстаг во Берлин, во кој од 1999 година заседава Бундестагот, би требало да се изгради во паркот „Патриот“ и да се користи од страна на руското младинско движење „Јунармија“ (Млада армија). Руското Министерство за одбрана не сакаше да ги коментира за Дојче веле зборовите на Шојгу.

Russland Patriot Park in Moskau
Паркот „Патриот“ е мешавина од воен забавен центар и изложба на оружјеФотографија: picture alliance/dpa/A. Polegenko

„Патриотско воспитание“

Движењето „Јунармија“ беше основано на иницијатива на Шојгу, во октомври 2015 година. Прво го носеше името „Руско ученичко движење“. Според официјални наводи, организацијата во меѓувреме брои повеќе од 40.000 членови.

Паркот „Патриот“ кај Москва му припаѓа на Министерството за одбрана и беше отворен летото 2015 година. На просторот од повеќе од 5000 хектари има повеќе изложебени хали, конференциски сали, кино, бина и многу други работи. Во паркот „Патриот“, како што стои на неговата интернет страница, „треба да се обединат задачите на Министерството за одбрана со достапен семеен излет, спортски активности и патриотско воспитание“.

Deutschland Sowjetunion Zweiter Weltkrieg die Rote Armee in Berlin Flagge auf Reichstag
Знамето на Црвената армија се вее над Рајхстагот во Берлин во 1945 годинаФотографија: picture-alliance/akg

Сенките на минатото

Директорот за истражувања во Германско-рускиот форум, Александер Рар, оценува дека идејата за инсценирање на напад на „Рајхстагот“ е „чудна и несоодветна“. „Денес во зградата на Рајхстагот заседава парламентот на демократска Германија, која се откажа од минатото со Хитлер“, вели Рар, кој припаѓа кон германските политиколози кои се цитирани од руските медиуми.

И раководителот на московската канцеларија на фондацијата „Фридрих Науман“, Јулиус фон Фрејтаг-Лорингхофен, смета дека плановите на Москва се сомнителни. „Оној кој денес гради објект како Рајхстагот, дури и со намера само да потсети на историјата од тоа време, не може да спречи луѓето кои учествуваат во вакви вежби да мислат и на денешниот Рајхстаг во Германија“, вели тој за ДВ.

Растечката милитаризација во Русија и идентификацијата само со воени мигови од руската историја е многу чудна за Германците. „Тоа нѐ потсетува на нас самите и на она што ние никогаш, никогаш веќе не сакаме да го имаме“, нагласува Фрејтаг-Лорингхофен.