1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Патриотските“ организации отуѓија голем дел од иселениците

5 декември 2017

На Форумот за демократска Македонија му се приклучија многу иселеници затоа што „патриотските“ организации на дијаспората глумеа неутралност и молчеа за сите кршења на човековитe права во Maкедонија, вели Кирил Трпков

https://p.dw.com/p/2omBl
Kanada Kiril Trpkov Chirurgischer Pathologe
Фотографија: Privat

Една од главните причини за раѓање на Форумот за демократска Македонија беше монополизирањето на гласот на дијаспората од организации со етноцентрична и националистичка агенда, вели Кирил Трпков, еден од неговите поистакнати членови. Според него, ваквиот настап и платформа отуѓувале голем дел од нашите иселеници. Затоа и бил формиран Форумот - да претставува заедница на граѓански ориентирана дијаспора, мултиетничка, мултикултурна и инклузивна. Трпков работи како патолог во Калгари, Канада, и е професор на тамошниот универзитет.

ДВ: Прогласот што го објавивте во мај годинава е убаво стокмен текст кој звучи многу оптимистички. Дали оптимизмот може да се претвори во заблуда ако тој остане само на добрите желби?

Прогласот на Форумот за демократска Македонија (ФДМ) е објавен неколку недели по упадот во македонското Собрание на 27 април, кога Македонија се наоѓаше на работ на амбисот. Тој го отслика чувстото на надеж кај голем дел Македонци што се наоѓаат надвор oд Македонија, но и на оние во земјата, дека е потребна голема општествена промена. Тој го означи моментот за ресет и нов почеток. Временската дистанца секогаш го просејува оптимизмот и емоционалниот набој на едно време и историски миг. Се уште е рано да се каже дали дали тоа што ќе остане и опстане ќе се преточи во една поинаква реалност, или во изгубени желби и илузии. Сепак, ние се уште сме доволно „млади" како организација за да го загубиме тој оптимизам.
Една од главните причини за раѓање на Форумот беше монополизирањето на гласот на дијаспората од организации со етноцентрична и националистичка агенда. Форумот, за разлика од нив, претставува заедница на граѓански ориентирана дијаспора, мултиетничка, мултикултурна и инклузивна, зашто и Македонија е мултиетничка заедница. Прогласот на Форумот беше објавен на седум јазици: македонски, англиски, албански, ромски, српски, турски и влашки јазик.
Ние се залагаме за демократска, европска и просперитетна Република Македонија целосно вклучена во евроатлантските структури и организации. Каде законите важат за сите подеднакво и каде што не се дискриминира по ниедна основа и се почитуваат човековите права. Форумот сега е и формално регистриран како невладина организација, со избран одбор и други соодветни тела. 

Повеќе на темата: 

Шарената Револуција ги поттикна прогресивните во дијаспората

Иселениците на протести: Си ја сакаме земјата, се срамиме од владата

Најголемата битка не е за дијаспората, туку за парите!

Реакција на ОМД: Иницијативата Жан Моне нема легитимитет

Заедничкиот глас подалеку се слуша

Во прогласот во стилот на Џон Кенеди велите дека „ние сме оние што се прашуваат што може да сторам јас за Македонија“. Имате ли вистинска идеја што можете да сторите за Македонија?

Една група од нас од САД, Канада, Австралија и Обединетото Кралство реши да покрене иницијатива за создавање на широка и отворена заедница на демократски настроени и непартиски иселеници, со потекло од Република Македонија, но и на оние што се идентификуваат со неа. На Форумот му се приклучија многу наши иселеници од различни континенти, профили и етнички групи, кои се пронајдоа и се препознаа во ваквата порака. Многумина наши членови беа и претходно активни и поддржуваа промени на работите во Македонија. На пример, движењето „Протестирам" во дијаспората беше еден од тие автономни облици на барање промени однадвор. Тоа што сите ние увидовме е дека заедничката ангажираност околу една идеја е посилна од индивидуалната и дека заедничкиот глас сепак се слуша, или се слуша повнимателно и подалеку. Всушност модерната дијаспора ја редефинира традиционалната улога на онаа „печалбарска дијаспора" од минатото. На пример, Мисирков и Чуповски беа предвесници на една ваква, поинаква дијаспора, а ете нивната трага и идеи останале и после толку време и покрај тоа што тие делувале индивидуално или во мали групи. 

Што можете лично вие како иселеник, сега државјанин на Канада, да направите за Македонија од Калгари, Алберта, кој во голема мерка е надвор од стандардните комуницаски средини на дијаспората?

Во времето на глобална позврзаност со било која точка од земјината топка преку интернет и социјалните мрежи, не постојат веќе „стандардни комуникациски средини на дијаспората", какви што постоеле порано. Покрај индивидуалниот придонес на членовите во заедничките и глобалните активностите на Форумот како целина, членовите на Форумот делуваат и како поединци што се афирмирале во новите средини, а и пошироко. На пример, јас сум лекар, патолог и специјалист по генитоуринарна патологија, редовен професор на Универзитетот во Калгари. Јас едуцирам и сум ментор на многумина што се усовршуваат во мојата област, не само во Канада, туку и од други земји. Постојано сум канет да предавам, да држам курсеви и семинари на сите континенти. Во мојата научна работа сум соработувал со професионални колеги од целиот свет. Зошто тоа не би можел тоа да го правам и со лекари од Македонија? Или пак, зошто тоа не би можела Македонија да го искористи и направи преку членови на Форумот како мене, но во различни области? Ние сме можеби најдобрите амбасадори на Македонија, за коишто скоро никој или многу малку во Македонија знаат. 

Kanada Kiril Trpkov Chirurgischer Pathologe
„Македонија е дел од нас и од нашиот идентитет, и покрај тоа што не сме во Македонија постојано“. Кирил Трпков Фотографија: Privat

И ние ги чувствуваме драмите во Македонија

Велите дека „Македонија ја чувствуваме наша исто онолку колку и секој што живее таму“. Знаете ли дека многумина овде мислат дека никој не може да ви го одземе тоа право, но дека товарот на сите драми – социјални, економски и политички – ги носат граѓаните што живеат овде.

Велат дека никој не може да знае колку е точно тежок слонот, додека не го почувствуваш на своја нога. Tочно, ние можеби не живееме во Македонија, но нам не ни е сеедно зашто имаме семејства, роднини, пријатели и колеги кои се уште живеат во Македонија и со кои сме во постојан контакт. Затоа на некој начин ние сме вклучени и ги чувствуваме сите драми и неизвесности низ кои тие поминуваат. Многумина од оние што заминале директно се грижат и ги помагаат своите роднини и блиски во Македонија и го прават товарот на тие социјални драми поднослив. Годишните дознаки од дијаспората до Македонија изнесуваат повеќе од една милијарда евра. Не заборавајте дека многумина од нас заминати надвор имаме двојни државјанства и ја посетуваме или минуваме одредено време во Македонија. Македонија е дел од нас и од нашиот идентитет, и покрај тоа што не сме во Македонија постојано. Таа е наш внатрешен „порив, што за смисла не прашува", како што вели Конески.

Ако не се препознавате „во етноцентристичката и националистичката реторика за Македонија“, тогаш како ќе воспоставите комуникација и мостови со еден значаен дел од дијаспората која, благо речено, е „патриотски“ настроен, а често и националистички.

Традиционалните „патриотски организации" во дијаспората обично настапуваат со една самоуверена, безрезервна, црно-бела реторика, секогаш фокусирани на изнаоѓањето непријатели и конспирации. Тие сакаат да се претстават себеси како исклучиви бранители на македонските интереси и идентитет. Нивниот настап понекогаш наликува на оној на политичка партија од тој профил. Овие „патриотски" организации глумеа неутралност и молчеа како залиени за сите кршења на човековитe права во Maкедонија во изминатата деценија, за прислушувањата, за незаконските притворања и затворања на политички противници, за задушувањето на медиумите, за заробеното судство, за урнисувањето на образовниот и здравствениот систем, за пљачките на општествен имот од епски размери, за перењето пари преку проектот „Скопје 2014", за изборните измами, за вандалскиот упад во македониот парламент. Ваквиот настап, реторика и платформа ги отуѓуваа и ги отуѓуваат голем дел од нашите иселеници. Тие, а и јас лично, не се пронаоѓаме во пораките на ваквите иселенички организации. Ние сакаме да соработуваме со сите иселенички организации од Македонија кои работат во интерес на демократијата во Македонија. Доколку имаме заеднички став или интерес за одредени прашања, ние не гледаме пречки за заедничко делување и поврзување, во интерес на нашата татковина.

Diaspora unterstützt die Bunte Revolution in Mazedonien
Дијаспората активно ги поддржуваше протестите во Македонија изминатите годиниФотографија: Boyan Lazarevski

Има перцепција дека Форумот има повеќе разбирање за сегашната влада, а некои други иселенички организации се понаклонети кон патриотскиот дел од македонските политички партии. Го чувствувате ли и вие тоа?

Можеби таква перцепција постои, но најчесто тоа е обид однапред да се класифицира и идентификува некој или нешто според нечие субјективно мислење, потреба или вкус. Да се суди, пред да се разбере. Ние сме една новосоздадена заедница на луѓе на коишто Македонија не им е професија. Ние не сме навивачки клуб на ниедна партија. Не сме ниту платени лобисти. Не има од сите континенти, од различни професии и профили, од различни етнички групи. Нашиот Форум им припаѓа на сите етнички заедници што потекнуваат од Македонија.
Ние ќе го поддржуваме и ќе го фалиме сето она што е во интерес на онаква Македонија каква што ние сакаме да видиме. На пример, постојано повторуваме и бараме јавно, а и во нашите контакти со владата, итна реформа на судскиот систем и јавната администрација, за којашто сметаме дека оваа влада доцни и е неодлучна и бавна. Без простор за отворен демократски дијалог, критика и судир на различни мислења, нема напредок. Демократијата понекогаш за жал, е бавна и навидум хаотична, но ако сме го избрале тој демократски пат на разногласие, тогаш неговите приниципите и правилата мора да се почитуваат од секого и да важат за секого.

Дали сте размислувале дека има и други начини за помош. Дали пренесувањето на искуствата од здравствениот систем во Канада, на пример, може да биде од голема помош за младата македонска демократија?

Ние ја гледаме нашата улога во давањето поддршка и поттикнувањето на процесот на демократизација на Македонија преку размена на идеи, знаења, култура и вредности помеѓу нејзините иселеници, граѓани, но и пријатели. Преку застапување, културна и друга промоција на Македонија. Една од идеите е создавање на мрежа на наши иселеници што ќе соработуваат и помагаат во нивните потесни професионални области, или преку менторство ќе помагаат на индивидуи од Македонија, а преку тоа и на младата македонска држава и демократија. Една од нашите најскорешните активности беше и вклучување во изработката на Национална стратегија за дијаспората, што е иницијатива и проект на Министерството за дијаспора и министерот Адеми.

Прашањето за името мора да се затвори

Во 2018 година можеби ќе дојде до ситуацијата да се решава проблемот со името. ОМД, која се претставува како најголема организација на дијаспората, со години заговара напуштање на преговорите. Што мислите вие во Форумот за демократска Македонија за тоа?

Ние сметаме дека ова е политичко прашање што мора да се затвори и ги поддржуваме сите активности и мерки што ќе овозможат ова да се реши што побрзо. Ова е стратешки приоритет за евро-атлантската интеграција на земјата. Ние треба да соработуваме преку отворен дијалог и со пријателски однос со сите соседи, на европски начин.

Јас се викам Кирил и не сум го сменил името. Се чувствувам Македонец и покрај тоа што речиси 25 години сум надвор од Македонија. Тое е мој личен избор и зависи само од мене. Целата професионална кариера сум ја изградил со ова име, на коешто сум горд. Во нашата поширока група на Форумот немаме ниту еден член што си го сменил името. За мене тој факт зборува сам за себе! Како може на пример, некој што се вика Мајк, Стив или Крис, што си го сменил личното име за да се „прилагоди" во новата средина, а македонскиот јазик не го знае воопшто или само рудиментарно, некој што нема ниту македонски пасош, ни државјанство, а со сиот ум верува во новокомпонираната македонската историја научена од интернет (обично од патриотските портали), да мисли дека е тој најповикан да го брани името и идентитетот?!

Некои работи однадвор се гледаат појасно отколку од дома. Кои два проблеми, според вас, изгледаат најголеми во Македонија и кои изгледаат најтешки за решавање?

Сметаме дека поделеноста на Македонија, по сите основи, којашто експлодира во претходната деценија, е огромен проблем, што ќе бара долготрајно решавање. Поделеноста и создадениот општествен јаз, вклучувајќи го и оној меѓу роднини и пријатели и нанесе огромна штета на Македонија и на македонското општество. Иста таква поделеност, пред се политичка, постои и во дијаспората, како одраз на оние поделби што настанаа во Македонија. Нам ни претстои широк и сложен општествен процес на соочување со вистината и национално помирување.
Втор клучен проблем е отсуството на свест за заедничкото добро и интерес. Не е лесно да се смени или да се изгради свеста на луѓето. Тоа е менталниот пристап дека некој друг, некаде „горе", во власта,  а не „јас како единка" секогаш треба да направи нешто за да се сменат работите. Единката е важна. Личната иницијатива може да промени многу нешта. Свеста за општото добро и заедничкиот интерес бара жртвување на личниот, себичниот интерес. Не може да се бара чист воздух и здрава средина, а секој да сака да се вози со автомобил или да се грее, на пример, на дрва. Македонија ќе се смени кога свеста на граѓаните ќе се смени. Македонија вели сака да влезе во Европа, но многумина во Македонија не сакаат Европа да влезе во Македонија. Крајно време е Македонија да ја заврши својата националната адолесценција, да матурира и да прерасне во зрело општество.

Diaspora unterstützt die Bunte Revolution in Mazedonien
Протести во Торонто, Канада во мај 2016 годинаФотографија: Kristina Ozimec

Вие живеете во олимпиското Калгари кое е во длабочината на канадската територија. Колку Македонци живеат во тој дел од Канада, во провинциите Алберта, Саскачеван и Манитоба.

Во Калгари, којшто е град од околу 1.3 милиони жители во провинцијата Алберта, живеат неколку стотини Македонци. Традиционално, Торонто и неговата околина во провинцијата Онтарио е локација каде што е сконцентриран најголемиот дел на македонската дијаспора во Канада. Бројот на оние што сега живеат во таканаречените прериски провинции Алберта, Саскачеван и Манитоба многу се зголеми во текот на последната деценија, заради емигрантскиот цунами од Македонија. Која е точната бројка на оваа дијаспора не можам точно да кажам. Сепак, да бидеш Македонец  или да се идентификуваш со Македонија во дијаспората е една флуидна категорија што ги опфаќа не само оние со потекло од Република Македонија или од другите делови на Македонија, но и оние што се идентификуваат со неа по било која основа. Некои се родени надвор, но со блискост до Македонија пренесена од родители, претци. Според последниот Канадски попис од 2016 година околу 16.000 луѓе во Канада официјално се изјасниле дека го зборуваат македонскиот јазик дома, како еден од јазиците што ги употребуваат.

Како и секоја дијаспора и македонската има повеќе генерации. Знаете ли вие, новите печалбари, да се разбирате со нив или едноставно само пристојно комуницирате. И како оди комуникацијата со ОМД, ако ја има.

Ние и како Форум и како поедници сме отворени и пријателски настроени кон сите, вклучувајќи ги и новите и старите печалбари. Многумина од нас ја поддржуваа ОМД во минатото. Но вакви иселенички организации што делувааат исклучиво во името на етноцентричност и национализам, според наше мислење, се минато. Тие делуваат како да го промашиле векот. А да е парадоксот и поголем, живеат и делуваат во општества што се толерантни, мултикултурни и мултиетнички. Во овој свет покрај тоа што зборуваме „наш" јазик, мораме барем да знаеме и еден заеднички (најчесто англиски). Светот се групира во глобални блокови, во кои народите, нациите, државите, ќе мораат заедно да живеат и да се разбираат, за да опстанат. Го пропатував светот и научив дека луѓето исто се радуваат и се смеат, исто тагуваат и плачат. Сите нации и народи, без исклучок! И дека дали си добар и чесен човек не зависи од тоа што си по националност.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар