1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патриотски измислици

2 декември 2017

Патриотизмот и неговите лаги денес стана политичка категорија со која треба да се замаскираат погрешните политики, а измамништвото и криминалот да се претстават како доблест. Колумна на Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/2ocgv
Mazedonien - Wahlkampf: Führer der Oppositionspartei VMRO-DPMNE Nikola Gruevski
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Станува веќе бесмислено. Претераната употреба на патриотизмот за да се изнајде засолниште за криминалци, воени злосторници, пучисти, политички манипулатори и општествени заплашувачи толку го издевалвира овој термин, што веќе станува тешка дилема дали еден пристоен човек сега би сакал себеси да се претстави како патриот. Бизарниот спектакл со труењето во Хаг, кога театарскиот режисер кој стана генерал во „Херцег-Босна“, Слободан Праљак, испи отров кога му се читаше пресудата, во Хрватска беше оценето како највисока жртва на еден патриот. Националистите во Белград го славеа „херојството“ на Ратко Младиќ, откако беше осуден на доживотен затвор, ВМРО-ДПМНЕ се згрозува од притворот на дваесетината лица, објаснувајќи дека нивна единствена вина била што патриотски тргнале да го освојуваат Собранието на 27 април.

Во Полска оние што се нарекуваат патриоти излегоа на улиците марширајќи за „чиста Полска и бела Европа“, во Русија Владимир Путин објаснува дека „ние немаме ниту можеме да имаме каква била друга обединувачка идеја освен патриотизмот“, додека официјално се спроведува државната програма под назив – „Патриотско воспитување на граѓаните на Руската Федерација за периодот од 2016 до 20120 година“. Во Америка Доналд Трамп, под знамето на патриотизмот, ќе ги намалува даноците за најбогатите да станат екстремно побогати. Американските корпорации, според тој план, ќе добијат даночни олеснувања од два билиони долари и најбогатиот еден процент сега ќе има 38,6 отсто од вкупното национално богатство. Да ти се заврти во главата од ваков патриотизам.

Вмровски солзи

Не, светот не е полуден, полудена е политиката која измамништвото и криминалот сака да ги претстави како доблест. Можеби ја знаете славната фраза на британскиот поет, лексикограф и моралист, Семјуел Џонсон од 1775 година: „Патриотизмот е последното прибежиште за подлеците“. Познатиот руски новинар Игор Јаковенко вели дека таа фраза е неповратно застарена, затоа што сега патриотизмот е постојаниот дом на подлеците. Се разбира, оваа фраза на Џонсон не се однесува на патриотизмот генерално, туку на конкретни случаи од тогашната британска политика кога одредени министри и благородници се сампрогласиле за патриоти за да успеат на изборите за парламентот.

Mazedonien, Konvention der VMRO-DPMNE Partei in Skopje
ВМРО-ДПМНЕ не сфати дека државата и луѓето во неа се променилеФотографија: Petr Stojanovski

Патриотизмот и неговите измислици денес стана политичка категорија со која треба да се замаскираат погрешните политики, да се претстави поединечната корист како општествено добро, а исклучивоста како вредносна норма. ВМРО-ДПМНЕ денес плаче над „злата судбина“ што ги зафатила оние што се „бореле за Македонија и македонскиот народ“, со тоа што влегле во Собранието на 27 април да прават крвав пир, затоа што на тоа ги повикала татковината. „Власта се изживува со македонските патриоти, обвинувајќи ги за наводен тероризам. Влече по судови и притвори луѓе кои целиот живот немаат згазнато ни мравка. За оваа хунта нема ниту закони ниту правила. Како на Дивиот запад се елиминира секој што слободно размислува и се грижи за оваа држава. Ова е уништување на слободната мисла и пресметка на сите кои ја сакаат оваа Македонија и македонскиот народ... Затоа се определува притвор за чесни луѓе, патриоти“, се ронат секој ден вакви вмровски солзи. Па се удира на патетика и се злоупотребуваат пејачи и актери и нивните семејства за да не се дојде до нарачателите и организаторите на најцрната епизода од македонската демократија. Сѐ во име на патриотизмот, затоа што само тие имале лиценца за него во оваа држава и само тие знаат како може да се биде патриот.

ВМРО-ДПМНЕ не сфати дека државата и луѓето во неа се промениле, а нејзиниот лидер сѐ уште мисли дека оваа година од изборите лани се само некаков пропаднат викенд и дека работите, кај и да е, пак ќе си дојдат на свое место, тркалото ќе се свртело и тој одново ќе бил патриотскиот водач на татковината. Просто е несфатливо за еден политичар кој 11 години беше феудален господар на Македонија да не може да ги препознае процесите и да мисли дека не е се загубено за него. Сопартијците со кои седи во белата зграда треба да го прашаат Никола Груевски дали верува во зборовите што ги кажува: „ВМРО-ДПМНЕ ќе ја води битката за правдина и битка за татковината. Ние ќе бидеме на чело на таа светла битка, со идеја, со чест и со име...  Ние ќе бидеме на браникот на татковината да ги браниме слободата и слободната мисла на народот, да ги браниме нивните чувства и нивниот патриотизам“.

Овие претерани дози на самопрогласен патриотизам најпосле ќе ја уништат партијата или ќе ја маргинализираат без луѓето што ја водат да станат свесни за тоа. Но, овие патриотски ламентации не се само во политиката. Добро знаеме дека тој „надобуден“ вирус зафатил и важен дел во академијата. Во целета врева околу приведувањата и притворите за 27 април остана на маргините едно интервју на членот на МАНУ, академик Ѓорги Поп-Атанасов дадено за факултети.мк. Во него нема ништо поразлично од партиски прогласи (можеби се работи за конциденција) и е поучно за разбирање на една од поважните нишки во академската мрежа. Што вели академик Поп-Атанасов, кој е теолог и изучувач на старословенската книжевност: „Можам да кажам дека бевме посамостојни во бившата федерација, зашто тогаш можевме да опстанеме како народ и како држава... Ако албанскиот биде официјален јазик ќе треба да се учи во основните училишта. Во секое основно училиште во Македонија ќе треба да однесеш учители. Тие што се во Македонија нема да бидат доволни, па ќе треба да увезете од Косово и од Албанија. Ќе дојде до комплетна албанизација на целата територија на Македонија. Ако се направи тоа со Македонија е крај“, пророчки академикот ја одредува судбината на татковината.

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist
Љупчо ПоповскиФотографија: Privat

Заглавени во минатото

Колку патриотски солзи протекоа овие денови во Хрватска по потврдувањето на казните од 111 години на шестемина босански Хрвати осудени во Хаг за воени злосторства. Кој да мисли на иднината во Хрватска, како што вели познатиот тамошен историчар Твртко Јаковина. „Целиот политички дискурс е расправа за почетокот на 1990-тите, во тоа се заглавени сите, и власта и опозицијата“. Патриотизам и татковина, тоа се двете теми кои доминираат 25 години во Хрватска, вели Јаковина. Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, по спектакуларното самоубиство во судницата на генерал Праљак, изјави дека „многу ни е жал и тоа го покажува степенот на увереноста кај него дека работел добро за хрватскиот народ. Тоа е уште една негова порака до сите дека пресудата е неправедна и за него и за хрватскиот народ во БиХ“.     

Никој не порекнува дека имало десетици илјади муслимански жртви убиени од босанските Хрвати, но тие се претставуваат како имагинарна бројка, всушност како и да ги нема. Претседателката на државата и министерката за надворешни работи ги прекинаа своите посети во странство за да бидат дома во тој тежок час за татковината, кога нејзини припадници биле осудени за воени злосторства. Во Саборот дури имаше минута молчење за смртта на осудениот воен злосторник Слободан Праљак, а на членовите од опозицијата кои излегоа од салата за да не бидат дел од таа процесија подоцна им се испраќаа смртни закани за патриотско предавство. Саборот усвои и заедничка изјава на сите пратенички групи во која се вели и ова: „По повод жалбената пресуда на Меѓународниот кривичен суд за бивша Југославија со која се потврдуваат казните за шестемина, пратеничките групи се согласни дека жалбената пресуда не ја уважува историската вистина, фактите и доказите и како таква е неправедна и неприфатлива“.

Саборот вели дека пресудата не ги одразувала фактите. Британскиот новинар Ед Валимај, кој за време на војната известуваше од БиХ, а потоа во повеќе наврати сведочеше во Хаг (и на судењата на Ратко Младиќ и Радован Караџиќ), во текст пред три дена во лондонски „Гардијан“ ги опиша вистинските факти од неговата средба со Праљак во воените години.

Den Haag Kriegsverbrechertribunal Verurteilung Slobodan Praljak Gift
Слободан Праљак во судницата во Хашкиот трибунал испи отров (29.11.2017)Фотографија: ICTY

„Беше тоа на 6 мај 2006 година. Генерал Слободан Праљак беше на нозе во хашката судница и ме испрашуваше како сведок. И тоа не беше првпат кога се сретнавме лице в лице. Другата средба беше во септември 1993 година во седиштето на самопрогласената државичка ’Херцег-Босна‘. Генерал Праљак потпиша наредба со која на тројца новинари, вклучувајќи ме и мене, им дозволи да влезат во концентрациониот камп под негово заповедништво во Дретељ, крај хрватското упориште во Чаплина. Во тој логор босанските муслимани беа изложени на малтретирање, изгладнување и убиства.

Во еден склад беа сместени неколку стотици преплашени мажи кои седеа или клечеа. Вратата беше затворена 72 часа и беа оставени да се задушуваат во горештината, смрдеата, присилени да ја пијат сопствената урина. Потоа тргнавме кон два хангара на ридот. Вратите беа отворени, но внатре беше мрачно. Затворениците беа во страшна состојба – тенки како костури, со нефокусиран поглед. Ни кажаа дека вратите често биле заклучени, а една ноќ пијани стражари пукале низ нив убивајќи неколку затвореници и повредиле уште неколкумина. Иако муслимани, многу од затворениците се бореа за босанско-хрватскиот ХВО на Праљак против заедничкиот српски непријател. Сега беа затворени и прогонети од страна на бившите соборци. Тринаесет години подоцна Праљак не сакаше ни да чуе за тоа. Сакаше да зборува за тоа како етничките групи имаат ’право на суверенитет‘ и ме праша: ’Дали правото на одбрана и слободата е обврска и право на суверениот народ‘.“

Се разбира, во патриотската врева малкумина ќе ги прочитаат овие зборови и сведочењето на Ед Валимај. Кој има желба да размислува за правото и правдата? Патриотизмот, како што пишува Игор Јаковенко, го стеснува радиусот на довербата и ги ограничува слободите. Патриотизмот е систем на доживотна присилба на „пријава на престојот“ и морално кметство кое ги „пропишува“ слободите на изборот и движењата. Патриотизмот денес врз луѓето има дејство на опасен наркотик и неговиот промет треба да се ограничи.

Додека се чекаше одлуката на Собранието да им го одземе имунитетот на шестемина пратеници, клучните македонски партнери, ЕУ и САД, јасно изјавија дека мора да се утврди одговорноста за настаните во Собранието на 27 април со апсолутна транспарентност и почит кон правните процеси. Извршителите на нападите од 27 април треба да се соочат со одговорност за своите дејства, но мора да се почитува и нивното право на презумпција на невиноста. И дека Македонија мора да извлече поука од лекциите од минатото.

Mazedonien Proteste im Parlament in Skopje
ЕУ и САД јасни: мора да се утврди одговорноста за настаните во Собранието на 27 априлФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Тоа соочување со тешките одлуки можеше да се забележивчера во Собранието. Таков тежок воздух како да немало никогаш во собраниската сала. Томислав Тунтев тешко се издишуваше кога посредно најави дека имунитетот на пратениците ќе биде одземен. Ако правдата мора да биде еднаква за сите, тогаш и одговорноста мора да биде споделена. Пратениците ја донесоа единствената можна одлука и тоа може да се оцени како еден вид патриотизам. Што понатаму ќе успее да докаже обвинителството е веќе друга работа. 

* * *

Како своевиден дел од оваа патриотска врева една реакција на претседателот на државата Ѓорге Иванов, покажа колку се екстремно чувствителни политичарите и колку тие можат да бидат гневни на печатот. Иванов се нашол навреден од колажот на насловната страница на „Слободен печат“ и вметнувањето на свастиката. Од кабинетот на претседателот велат дека се „згрозени од објавената фотомонтажа“ затоа што со тоа се „рушел угледот на институцијата претседател на Република Македонија“. Надвор од речениците за рушење на угледот на професионалното и објективно новинарството, асоцирањето на „Слободен печат“ со официјалниот весник на нацистичката партија „Фолкишер беобахтер“ е ужасно лошо, па дури и одвратно.

Ангела Меркел или британската кралица Елизабета Втора досега требаше да полудат од илјадниците фотомонтажи што се направени со нивните ликови (а влијателниот „Шпигел“ одамна ќе требаше да биде затворен поради неговите насловни страници), но Иванов тоа не може да го поднесе. Нема случај во Европа еден претседател на држава да поврзе некој медиум во официјална реакција со пропагандистичкото гласило на Хитлер кое излегуваше од 1920 до април 1945 година.

Некој во кабинетот на претседателот сакал да покаже колку знае за црните пропаганди, па можеше уште да напише и „Lügenpressе!“ – „лажлив печат“, израз кој го употребуваа нацистите и кој го оживеаја европските екстремисти за да ги омаловажат медиумите. Посилен напад врз еден медиум во Македонија досега немало. Можете и да не го читате „Слободен печат“, да не ви се допаѓа, да не ви одговара неговата ориентација, да мислите дека содржината е претенка за весник со претенциозно име, но еден претседател да соопштува јавно асоцијации со весникот каде сите акции беа сопственост на Адолф Хитлер, е ужасно, премногу ужасно.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар