1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

040509 Dialog Islamforschung

9 мај 2009

Во западните општества чести се конфликтите меѓу муслиманите и немуслиманите. Новоформираниот Институт за интеркултурно истражување на исламот од Виена си постави за задача да ги спречува.

https://p.dw.com/p/HmDm
ВиенаФотографија: dpa - Bildarchiv

Џамијата на брегот на Дунав во источниот дел од Виена делува импозантно. Исламскиот центар е сместен во зграда опкружена од голем парк. Професорот Елсаед Елшахед тука има свое биро. Раководителот на новоформираниот Институт за интеркултурно истражување на исламот живее и работи во Виена веќе 30 години. Еден дел од годината минува во Каиро, како доцент за исламски науки на тамошниот Ал Ацхар универзитет:

„Во фокусот на овој институт е истражувањето на исламот, но врз инреркултурна база. Тоа значи конкретно, дека исламот се разгледува од различни перспективи. Најголемиот дел од научниците со кои соработуваме се немуслимани.“

Тие исто така не се секогаш експерти за ислам, туку теолози, социолози, ориенталисти, културни научници во најширока смисла на зборот, со кои Институтот врши размена на мислења за прашања во врска со исламот. Во тримесечен ритам се одржуваат и соодветни семинари. Освен тоа, постојат и бројни конференциии за муслиманското секојдневие во услови на западно ориентирано општество, теми, на пример: како во училишната настава да бидат третирани тешкотиите на муслиманските ученици, без тие да заостанат во пропишаниот наставен материјал.

Меѓу поканетите често се и училишните совети и директори, како и професори, значи луѓе кои најдобро ги знаат ваквите проблеми од нивната секојдневна работа. Уште пред Институтот да започне со работа, постоеја и отпори: поплаки од соседството за неподносливиот повик на молитва на муезинот од разгласот, иако тој се слуша само во внатрешните простории на џамијата:

„Кај нас во Египет ќе најдете црква на десната страна, а џамија на спротивната, ги слушаме камбаните и муезините и не обрнуваме големо внимание на нив. Добро, овде сме малцинство и мораме да имаме обзир кон мнозинското општество, тоа ми е јасно, а тоа ние овде и го правиме!“

Прашања од секојдневието

Централни теми за Институтот во Виена се и општествената размена и средбите на кои се разговара за различните култури. На пример, еден млад Австриец, католик, сака да се ожени со муслиманка. Дали мора да конвертира во ислам? Какви семејни пречки треба да се надминат, какви отпори го очекуваат ако семејството се противи?

Ausländer in Berlin-Kreuzberg
Фотографија: dpa

За раководителот на Институтот Елшахед промената на религијата поради брак не е уверлива. При дискусијата се покажале и културните бариери, кога единствената присутна муслиманка на средбата предложила младиот маж да си најде невеста христијанка, за да ги избегне сите проблеми. Непремостливи спротивности? Решението за ова прашање не го знае ни Елсаед Елшахед:

„Бракот е правно прашање. А исламското право не го предвидува ова. Правниците во последните 20, 30 години се загрижени и дискутираат за тоа како да се омекне овој закон. Јас подготвив предлози до универзитетите уште пред 20 години, за нив се дискутира. Но, закон, кој тоа ќе го дозволува, се‘ уште нема. Правниците се обидуваат да најдат алтернативи.“

Очајна потреба од поткрепа

Елшахед ги посматра младите луѓе, не само муслиманите, туку и христијаните и Евреите, кои очајно трагаат по некоја поткрепа, бидејќи поради глобализацијата, културите и општествата се разложуваат и мешаат и не можат да гарантираат јасен идентитет. Ваквата поддршка, според научникот за ислам, може да ја даде само религијата.

Deutschland Muslime Imam Gebet in der Sehitlik Moschee Berlin
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Институтот сака да најде патишта кон интеграција која ќе го сочувува идентитетот на муслиманите, кои во Европа живеат во христијанско општество. А притоа ќе помогне да се надминат често недоволните и парцијални познавања на муслиманите за културата, религијата и социјалната структура на Европа. Само на овој начин може да се спречи повлекувањето на многу муслимани во т.н. паралелни општества. Исто така е важно на мнозинското општество да му се објасни целта на исламот и со тоа да се надминат предрасудите. Причина за конфликти меѓу муслиманите и немуслиманите често се недоволните знаења, смета Елсаед Елшахед.

Исламот е во состојба да излезе на крај со другите култури. Доказ е неговата историја во различни времиња и во различни културни простори, како во Средоземјето, во Источна Азија или Африка.


Автор: Ширин Рушиг / Жана Ацеска

Редактор: