1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски и Мицкоски разговараа за 27 април

ДТЗ
7 мај 2021

Двајцата се согласни дека доколку има нови докази, има законска основа да се побара повторно судење за осудените за насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година.

https://p.dw.com/p/3t7WX
Nordmazedonien Präsident Stevo Pendarovski (R) und Oppositionsführer Hristijan Mickoski
Фотографија: Presidents Office of North Macedonia

Претседателот Стево Пендаровски и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски го стопија мразот на едночасовна средба во Вилата Водно, на која разговараа за актуелната политичка и економска ситуација во земјата, но и околу барањата за повторно судење за настаните од 27 април 2017 година. Двајцата се согласни дека доколку има нови докази, има законска основа да се побара ново судење за осудените за крвавиот упад во Собранието. Конечниот збор, за тоа дали имаат тежина новите докази коишто ќе бидат понудени, сепак ќе го има судот. И претседателот и лидерот на опозицијата се согласни дека власта треба да ги држи рацете што подалеку од судството. Но, не само од него, туку и од обвинителите, инспекторатите и сите оние институции коишто според закон се независни во своето работење. Пендаровски е дециден – затоплувањето на односите со Мицкоски, нема да значи заладување на релациите со власта. Тој веќе за утре најави куса средба со премиерот Зоран Заев, за кој што, рече дека во изминативе две години, немал никаква забелешка околу ставовите коишто претседателот ги изнесувал во јавноста.

Мицкоски бара правда, а не амнестија

Мицкоски вели дека повеќемина за „27 април“ се осудени за крвично дело терористичко загрозување на уставниот поредок  и смета дека тие треба да одговараат за делото кое го сториле, а не за делото за кое се осудени.

- повеќе на темата: Пендаровски ја отвора темата за повторно судење за 27 април, за СДСМ случајот е затворен

„Ние не бараме амнестија, не бараме милост, туку бараме правда за осудените лица. Тие да бидат осудени за прекршување на законите, а не за тероризам“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ по едночасовната средба со претседателот. Вели дека наишол на разбирање од негова страна. „Јас барам правда преку дополнителни докази коишто бранителите на овие лица ќе можат да ги достават до Врховниот суд или до Еврпскиот суд за човекови права, откако ќе ја добијат второстепената пресуда. Второстепената судска одлука на лицата осудени за настаните од 27 април во моментот е завршена и за жал најголемиот дел од нив ја немаат добиено за да можат да искористат вонреден правен лек“, рече Мицкоски.

-повеќе на темата: Денко Малески: Не се уставобранители тие што кршеа глави и го влечеа полумртвото тело на Села

Тој апелираше до политичарите да ги тргнат рацете од судството и обвинителството, оти само на тој начин, тие ќе судат согласно законот и Уставот.

Nordmazedonien Präsident Stevo Pendarovski (R) und Oppositionsführer Hristijan Mickoski
И претседателот и лидерот на опозицијата се согласни дека власта треба да ги држи рацете што подалеку од судството. Фотографија: Presidents Office of North Macedonia

Запрашан зошто двајца политичари седнале на заедничка маса да разговараат за судски пресуди, Мицкоски одговори: „Разговараме за правда, не вршиме притисок врз судството“. Лидерот на опозицијата порачува дека нема да биде мирен ако види и еден човек што доживеал судска неправда. „Ќе се борам до последна капка крв за правда за секој граѓанин. Без разлика дали е Алмир, Христијан, Саздо, Томче или Шабан, за секого треба да има правда. Никогаш не сум ги двоел луѓето по име, нација или по верата, и бидете сигурни секогаш ќе се борам за секој граѓанин“, порача  Мицкоски.

Ако има докази да се преотвори процесот

Помилувања за лица кои направиле кривично дело не доаѓа предвид. Но, ако има нови докази кои досега не биле познати, тие треба да бидат презентирани и судот да оцени каква е нивна тежина и дали има основа за ново судење. Ова е ставот на претседателот Стево Пендаровски, околу барањето на опозицијата за 27 април. 

-повеќе на темата: Пендаровски за ДВ: Добро е што ВМРО-ДПМНЕ воспостави комуникација

Потенцирајќи дека е огромна поделеноста во општеството, тој вели дека изминатиот период двете политички партии имале крајно спротивставени мислења за настаните од 27 април и осудените лица. Токму затоа целта на оваа средба било да се помогне двете страни да не се гледаат преку „нишан“. Цитирајќи делови на пресудата и на законските одредби, претседателот вели дека постои законска можност осудените за 27 април да достават нови докази и да имаат повторно судење. Во однос на неговиот став дека овие лица не се терористи, тој објаснува дека се  води од правната квалификација за која се осудени лицата, а тоа не е тероризам, туку терористичко загрозување на уставниот поредок. Двајцата соговорници најавија средби и во иднина околу актуелни теми коишто ги засегаат македонските граѓани. За утре претседателот најави и средба со премиерот Зоран Заев.