1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пензионери - каратисти

Себастијан Рик/ Жана Ацеска21 декември 2012

Карате групата 50 плус во Хамбург се состанува двапати неделно. Од јуни овде сениорите вежбаат спорт кој на прв поглед е невообичаен за нивните години - карате.

https://p.dw.com/p/16w5p

Во спортска сала во Хамбург сениори се подготвуваат за - карате. Карате групата 50 плус се состанува двапати неделно. Од јуни овде сениорите вежбаат спорт кој на прв поглед е невообичаен за нивните години.

„Мојата ќерка ми рече дека сум луда. Па, за стара мајка на 54 години од аспект на мојата 23-годишна ќерка тоа воопшто не одговара. Но, во меѓувреме таа се навикна на тоа“, признава Моника Хингст, учесничка на курсот по карате.

„Дали таа беше овде да види?“

„Не, но таа има се разбира сосема поинаква претстава. Јас постојано истакнувам, карате за стари луѓе, тоа е поблага форма, интересно е“.

Карате во функција на здравјето - се работи за чувство за телото и стабилизирање, може да учествува речиси секој.

„Во принцип човек треба да е здрав и потоа ништо не му стои на патот. Сите овде имаат некои болки. Јас велам, крвотокот мора да е стабилен. А за коските, тие може да се стабилизираат. Тие не се сите здрави, боли коленото, рамото, стапалата, но ќе биде подобро!“ објаснува Норберт Саул.

Тој веќе 44 години вежба карате, тој е тренер. Овде не станува збор за борба, туку за баланс, координација меѓу телото и душата.

Ни малку не е едноставно да се совлада ваков напорен спорт ако одлуката се донесе на 70 години.

„Концентрација, придржување до движењата и правилата, тоа е главната работа притоа“, вели Петер Штубе, 70-годишен учесник на курсот по карате.

„На почеток се вели, не јас не можам да го научам ова. Но, овие луѓе овде имаат огромен успех и неочекувано брзи успеси“, вели тренерот.

Норберт Саул е носител на црн појас, ранг на мајстор. Најголем дел од неговите ученици носи бел појас на почетник. Следната година тие ќе го полагааат првиот испит за жолт појас.

„Тоа ни е целта. Моја цел, нивна уште долго не, но ќе ги придобијам. Тие веќе имаат знаење, но не се уште одушевени. Се разбира, тоа е поради притисокот да се успее, но ќе им го намалам. Ќе ги придобијам, ќе успеам“.

Тренерот има доверба во своите каратисти 50 плус, зашто тие се постојано се‘ подобри.