1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пензионери, социјалци и хонорарци во битка за тезгите

21 декември 2018

И пензионерите бараат одложување на Законот, кој ќе ги оневозможи да остваруваат приходи од трговија на зелените пазари. Се жалат дека ја добиле најлошата празнична честитка во време кога трпезите и онака им се празни

https://p.dw.com/p/3ATQe
Deutschland Bauern- und Wochenmarkt in Köln
Фотографија: DW/N. Martin

Законот за трговија на зелените пазари го вивна незадволството на пензионерите, социјалците и хонорарците. Велат дека го доживуваат Законот како „најлоша празнична честитка“, особено во време празничните трпези и онака најчесто им се празни. Го креваат гласот против член 7 став 2 од Законот, според кој „трговец на зелените пазари не може да биде физичко лице кое остварува приходи по основ на работен однос, на самостојно вршење на дејност по друг закон, договор за дело, пензија, социјална помош и паричен надоместок за време на невработеност“.

Како и во секоја македонска приказна, реакциите се случуваат во „пет до 12“, ако се има предвид дека беше најавено оти Законот ќе почне да се применува од 1-ви јануари 2019 година. Донесен е по скратена постапка во јануари годинава, а подзаконските акти беа донесени во септември. По три месеци молк, стопанските комори со реакција се јавија дури во среднината на декември.

„Сметаме дека три месеци се недоволен период организаторите на пазари да се прилагодат на новите одредби и да го усогласат своето работење и дека треба да претрпат сериозни измени неколку членови од законот“, изјавија од Стопанската Комора на Македонија. Оттаму до министерот за економија, Крешник Бектеши, минатата недела и официјално доставиле барање за одложување на примената на Законот. Министерот за економија до завчера децидно тврдеше дека Законот ќе профункционира на први јануари 2019 години, и дека сега не е можно одложување. Тој потенцираше дека Коморите предоцна реагирале, бидејќи до Нова Година нема време за измени во законот. И покрај тоа, ќе разговара со трговците и ќе ги анализира укажаните недостатоци.

Markt in Skopje
Фотографија: DW

И пензионерите бараат одложување

Но, притисокот расте. Барање за одложување на примената на законот стигна и од Партијата на пензионери. Велат дека ја поддржуваат основната цел на законот - да се уредат условите и начинот на вршење на трговијата на зелените пазари, но реагираат на членот 7 став 2, со кој, помеѓу оние кои не може да вршат трговија на зелените пазари се опфатени и лица кои имаат приходи по основ на пензија.

„Во законот не е предвидена можноста, дури и пензионери кои имаат сопствено земјоделско или друго производство, да можат вишоците да ги продаваат. Со тоа истите се оневозможени да го подобрат својот и семејниот стандард“, велат во реакцијата.

Партијата на пензионери смета дека примената на Законот треба да се одложи за најмалку три месеци, со цел да се изнајде решение кое нема да ги загрози основните цели на Законот, а ќе ги обезбеди и правата на пензионерите.

Одговорот на ова барање го чекаат многу пензионери, кои домашниот буџет го надополнуваат и со мали приходи од земјоделски работи.

Mazedonien Schaltergeschäft in einer Bank in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Имам минимална пензија со која тешко го врзуваме месецот во семејството. Имам нивичка која буквално не дохранува - и со производи, и со тоа што мал дел од приносот го продаваме. Сега не ќе можам да продавам, а не разбирам зошто. Ем јас ќе бидам зијан, ем државата нема да има ќар. Не разбирам кој би бил оштетен, ако со мој труд продадам некоја вреќа кромид или зелка“, прашува пензионер од скопското село Марино.

Во Управни одбори може, на тезга не може?

Законот ги опфаќа и примателите на социјална помош, бидејќи фигурираат како невработени лица кои не остваруваат приходи по друга основа. Интенција на Законот е да се постигне намалување на невработеноста, со тоа што преку нивно регистрирање како трговци на пазарите ќе им се реши работниот статус. Ваквата интенција на Законот предизвика критики од политичката партија Левица.

„Ова е срамен, противуставен и скандалозен закон кој е насочен исклучиво против класните интереси на најсиромашниот слој од населението, кое се обидува да преживее, заработувајќи скромен дополнителен приход продавајќи земјоделски производи на пазарџиските тезги. Тој е дискриминирачки затоа што забранува пензионери, социјалци, стечајци и хонорарци истовремено да можат да бидат и продавачи на пазар - токму оние на кои пензиите, социјалната помош или отпремнините им се толку мизерни, што не можат да си ги покријат и најосновните трошоци за нормален живот“, реагираше партијата.

Markt in Skopje
Фотографија: DW

Левица најави дека ќе ги искористи сите правни и вонправни инструменти да го спречи влегувањето во сила на тој Закон, го повика Министерството за економија итно да предложи одожување на неговата примената, а Уставниот суд по службена должност да донесе времена мерка за стопирање на примената. Доколку тоа не се случи, партијата најави дека ќе поднесе иницијатива за оспорување на уставноста на Законот, со барање за негово укинување.

„Додека во државава не е спорно едни исти луѓе да бидат членови на повеќе управни или надзорни одбори, напикани од партиските комисии - овие сиромашни луѓе, кои чесно си го заработуваат парчето леб, по Нова Година одеднаш ќе станат криминалци и ќе имаат правен третман на илегални трговци, само затоа што на владејачките буржоаски партии им текнало да ги штитат интересите на големите маркети и на т.н. зелена мафија од Кванташки пазар“, обвини Левица.

Ако примената на Законот не се одложи,  според неформални проценки на стопанските комори, од 1-ви јануaри за дури 30 отсто ќе се намали бројот на лицата кои закупуваат тезги, како и прометот на пазарите. Од Министерството за економија нема одговор дали ќе се предомислат и ќе ја одложат примената на законот.

Галерија која можеби ќе ве интересира: