1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пепел и дијаманти

20 мај 2017

Зоран Заев при составувањето на владата би требало да го одбере патот на новата европска инспирација- Емануел Макрон. Да донесе луѓе што може да испорачаат промени, а не послушни партиски лица, пишува Љупчо Поповски.

https://p.dw.com/p/2dEbJ
Zoran Zaev
Фотографија: Picture alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Во една метафоричка асоцијација, настаните во судството и улогата на претседателот на Врховниот суд на Македонија, Јово Вангеловски, наликуваат на драматичната фабула од легендарниот филм од 1958 година на полскиот режисер, Анджеј Вајда, „Пепел и дијаманти“. Филмот отсликува како трагичната историја на полскиот народ влијае врз обичните луѓе. Ден пред капитулацијата на Германија, на 8 мај 1945 година, Мачеј (го глуми фасцинантниот Збигњев Цибулски), кој за време на окупацијата бил војник во десничарската Национална армија, добива наредба да го убие комунистичкиот секретар на еден округ. Наредбата е залудна, затоа што убиството не може да го запре доаѓањето на новите власти. Растргнат од совеста и барањата да покаже лојалност, Мачеј најпосле го убива секретарот, а потоа случајно е застрeлан од воена патрола додека бега и умира сам на една депонија.

Се разбира, Јово Вангеловски, не е антихеројот Мачеј од „Пепел и дијаманти“ (фрустриран млад човек со темни наочари, кој не може да ги препознае настаните), но улогата што му е дадена, а тој ја прифатил речиси како наредба, е дел од обидот да се запре она што не може да се закочи. Благоглаголивоста на Вангеловски, неговите акробации во составите на кривичните совети, одлуките кои се аматерска злоупотреба на законите по кои судството е растресено како по земјотрес, востановувањето пракса кое го исмева целиот судски систем и луѓето во него, воопшто не е поврзано со идеите за слобода, демократија и правда. Вангеловски и уште два-три вода судии и адвокати околу него, се водат само од една идеја: да се заштитат десетина луѓе во Македонија, без оглед какви урнатини ќе останат зад нив. Вангеловски и судиите околу него мислат дека како анти-херои ќе успеат да ја добијат битката со Специјалното јавно обвинителство и дека ќе успеат да ја свртат јавноста против него. Како и секогаш на почетокот на вакви битки, Вангеловски и водовите изгледаат добро фортифицирани за да ги одбијат сите напади, па дури и да однесат психолошка победа. Секако, канцелариите на кривичните совети не се бојно поле, но тие се обидоа да ги претстават како последна линија на одбраната на една структура, на еден систем, на една мрежа која е во заминување и која не знае да се повлекува организирано. Како што нацистите кога си заминуваа од Југославија ги сечеа праговите на пругите за да ги запрат возовите, така овие судски и обвинителски ешалони се обидуваат да го доискасапат она што останало во системот за потоа да се создаде хаос во којшто малку работи ќе можат да функционираат. Бесполезно е да се бара од Вангеловски и ешалоните да работат според совеста и законите. Тие тоа не го правеа сите овие години кога Македонија потклекна, па сега не треба да се верува во нивното морално воскреснување. Едноставно, со нивниот камен врз совеста нека седат настрана, онаму каде што не може да му напакостуваат на судството и на општеството.

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist
Љупчо ПоповскиФотографија: Privat

Хаотично повлекување

Во ова хаотично повлекување, во кое само на прв поглед изгледа дека има систем, непримерните зборови на претседателот Ѓорге Иванов против германската амбасадорка Кристине Алтхаузер имаат мала врска со гневот, туку повеќе со цик-цак отстапница откако Зоран Заев го доби мандатот. Иванов, како да е лидер на ВМРО-ДПМНЕ, по студената церемонија во резиденцијата на Водно се расшета по про-вмровските телевизии за да понуди оправдувања зошто го направи тоа и да го намали бесот кај оние коишто во него гледаа икона во отпорот кон големите и мрачни сили. Во основа, Иванов и немаше друга можност освен да го врачи мандатот по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието. Работите веќе беа ставени на шините и тој не можеше да го запре возот. Се качи на неговиот последен вагон и скокна од него кога тој тргна од станицата.

Обвинувањата на сметка на Алтхаузер и владата во Берлин се само привид, фатаморгана од Водно. Тие имаат една основна цел – да ја намалат неговата улога во разгорувањето на кризата, а во еден дел да го претстават како највистинскиот бранител на македонската кауза. Обвинувајќи ја Германија дека ја навредила Македонија со нивото на дипломатите што ги праќала последниве години, Иванов посредно соопштува дека сите македонски амбасадори што со негов потпис заминале во странство се дипломати од самиот светски врв, дека ниеден од нив не бил навреда за земјата домаќин, што би значело една кисела шега.

За една мала и сиромашна земја, чиј најважен економски партнер е Германија, и кога сите ја бараат поддршката на Ангела Меркел (Емануел Макрон неколку часа по стапувањето на должност замина во Берлин) ваквите зборови на претседателот изгледаат како да немаат никаква логика. И немаат. Но имаат поттекст. Изјавите на германските министри за надворешни работи (Франк-Валтер Штајнмаер и Зигмар Габриел), соопштенијата на германското министерство за надворешни работи, посетите на специјалниот пратеник на Берлин беа повеќе од пораки за наоѓање решение на кризата. Многу пати тие беа убиствено прецизни и германски сурови во дијагностицирањето на вината. (Како и последното од некни: „Обвинувањата против германските дипломати и дипломати на други пријателски држави се неумесни“.) А во повеќето текстови што беа објавени во клучните германски медиуми и Иванов беше означен како голем виновник за продлабочувањето на кризата. Кога лани највлијателниот германски весник, „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во еден „отровен“ портрет го напиша и ова: „Кога македонскиот претседател ќе каже нешто, тоа не значи дека имал нешто да каже... Кога владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ во 2009 година го номинираше дотогаш малку познатиот професор Ѓорге Иванов за кандидат за претседател секој во Скопје знаеше дека премиерот Никола Груевски сакаше сервилен претседател без сопствени политички идеи и амбиција – повеќе како уставна декорација. По седум години на власт може да се каже: Иванов не го разочара Груевски“.

Кога некој има привид за сопствената улога не е пријатно да се прочитаат вакви зборови. Некој може, а некој не сака да ја скрие лутината. Па Иванов, како што лани во интервјуто за „Билд“ во врска со бегалците изјави дека „вашата земја (Германија н.з.) целосно потфрли од безбедносен аспект“, сега додава нов фил – „канцеларката Меркел мораше јавно да се извинува во Брисел“. Иванов со ваквите навреди и создава неволји и на партијата што го кандидираше за претседател, затоа што секој во Берлин верува дека тој и понатаму е продолжена рака на Груевски. На ВМРО-ДПМНЕ сега ќе му треба многу време да ја поправи штетата што Иванов му ја нанесе во Берлин, па макар тоа биле зборови за оправдување на сопствените постапки.

Но не е само Иванов кој не може да види што се случува, иако убаво гледа. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е заробеник на своите заблуди. Гротескно е неговото појавување со двајца градоначалници зад себе и некој понизок државен функционер за да најави отворање на турска инвестиција кога други веќе ја прават владата. Неверојатна е големината на оваа заблуда која отприли гласи вака – „Владата, чиј член не сум јас, работи до последен момент за доброто на државата“. А потоа, како повозрасни старешини во извиднички камп ги предупредуваат помладите скаути како треба да ги подигнат шаторите и дека партијата „ќе остане будна и со отворени очи“ да не измрдал Заев од она што го изјави. Тоа има малку врски со подготовките за локалните избори и уште помалку со некаква кохерентна политичка стратегија. Ваквите изјави едноставно се одбивање за соочување со реалноста. Ваквите постапки имаат повеќе врска со психолошки анализи отколку со политиката. А тоа е уште една слика во мозаикот на хаотичното повлекување.

Да се биде Макрон

Но што станува со оние што треба да дојдат. Дали Зоран Заев може вистински да ја процени драматичноста на моментот и да им даде вистинска содржина на неговите зборови за промена на еден систем. Доколку подлегне под притисокот на партиските ешалони кои беа долги години фрустрирани и под голем притисок, а не се одлучи за вистински луѓе кои може да ја направат промената (и истото тоа да се случи кај коалициските партнери во владата) многу брзо ќе почне да потклекнува. Тој би требало да го одбере патот на новиот француски претседател Емануел Макрон при составувањето на владата. Да донесе луѓе што може да испорачаат промени, а не послушни партиски луѓе и да создаде влада во која што ќе има паритет меѓу мажите и жените.

Frankreich Emmanuel Macron Amtseinführung
Заев треба да тргне по стапките на МакронФотографија: Getty Images/AFP/F. Mori

Големиот вмровски пријател, министерот за надворешни работи на Австрија, Себастијан Курц, минатата недела стана лидер на Народната партија. Макрон преку ноќ стана инспирација за европскиот континент и сега 30-годишниот Курц сака да се моделира себеси како францускиот претседател. За предвремените избори во октомври тој објави дека ја напушта традиционалната партиска платформа и ќе ја замени со полово балансирана листа, на која ќе има многу независни кандидати поддржани од партијата. „Ние одлучивме дека почнуваме движење кое ќе ги цени постоечките сили во Народната партија, но во исто време ќе донесе и нови луѓе во неа“. Со тоа Курц сака да го измени поствоениот политички поредок во Австрија и со вакво макроновско пледоаје да победи на изборите.

Може ли Заев да тргне по стапките на Макрон во Македонија. Првиот чекор партијата го направи за време на изборите, кога на нејзините листи се најдоа лица кои не беа членови на СДСМ. Тоа беа неколкумина, но тоа се покажа како храбар потег. Заев сега има извонредна шанса да го направи вториот, уште поважен чекор. Онака како што Макрон ја состави новата влада од десничари, левичари и центристи, Заев може својата платформа за системско и морално обвновување на општеството да ја потпре врз луѓе коишто нема да бидат само од партијата. И со тоа да го направи првиот важен макроновски чекор во разбивање на постнезависниот партиски поредок во Македонија. За еден политичар кому му треба регионално и европско етаблирање е исклучително важно да ги почувствува, а и да ги спроведе, новите политики што ги донесе Макрон во Европа. Заев покажа дека има голема храброст, трпение и тактика да победи во битката со еден авторитарен режим, но прашање е дали ќе има знаење и умешност да ги спроведува новите политики. Со некои нови луѓе на бродот, кои не биле дел од партијата, но биле дел од граѓанскиот фронт, има поголеми шанси да го направи тоа. И она најважното – да ја остави суетата заклучена во некоја фиока во Струмица.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар