1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Перипетии со Коридорот 10

Горан Петрески28 февруари 2009

Грција се закани дека ќе ги запре парите за изградба на важниот трансевропски систем поради преименувањето на автопатот Куманово-Гевгелија во „Александар Велики“.

https://p.dw.com/p/H34J
Кога ќе бидат изградени модерни патишта?Фотографија: AP

Во сенка на политичките релации, чија база е спорот со името, без значајни осцилации се одвиваат грчко македонските односи на економски план. Трговијата е во пораст. Во 2008 Грција е трет трговски партнер на Македонија со меѓусебна размена поголема од милијарда долари. Грчките компании и натаму се меѓу најзастапените странски инвеститори во земјата. Проблематизирана е само економската соработка во делот на грчкиот план за обнова на Балканот. Откако Македонија го преименува автопатот Куманово-Гевгелија во „Александар Велики“, Грција се закани дека ќе ги запре парите за изградба на овој трансевропски коридор. Потврда дека има пречки во финансирањето од Брисел донесе шефот на Директоратот за транспорт и енергетика. Директорот Џонатан Шел рече дека одлуката на македонската влада предизвикала последици во изградбата на Коридорот.

„Станува збор за финансирање кое не е контролирано од ЕУ, што значи дека одредени средства, кои претходно беа предвидени во однос на овој Коридор, ќе мора да се најдат од други извори. Очекуваме да го добиеме ревидираниот предлог план за финасирање на овој дел од Коридорот, рече Шел.

Без нервози кај владата

Официјално Скопје е спокојно, бидејќи владее уверување дека ќе биде обезбедена финансиска конструкција. Станува збор за европски проект и во соработка со европските партнери ќе се обезбеди мобилност на европскиот бизнис е ставот на македонската влада.

Но загриженост има на теренот. Македонија се години чека да стартува изградбата на нов автопат што ќе го замени постоечкиот, тежок за возење 20 километри долг пат во две насоки. Големите свиоци и честите одрони се значителна опасност за возачите.

Новиот автопат треба да биде долг повеќе од дваесет километри. За изграбда се потребни меѓу 150 и 200 милиони евра, од кои Атина според планот треба да инвестира околу 50 милиони евра. Патот од Коридорот десет на правецот Север-Југ, што води по течението на реката Вардар е многу искористена транзит варијанта за милиони патници од цела Европа, кои кон Грција патуваат преку Македонија. Селото Смоквица е главната клучка каде сегашниот пат ќе се поврзува со новиот автопат. Трасата се‘ уште не е утврдена. Надлежните имаат дилема дали и новата делница да минува покрај реката или пак да ја сече планината што е поскапа варијанта.

Skopje,Kamen Most.
Македонија мора да биде вклучена во европските транспортни системиФотографија: DW

Експертите: неопходен е транспортен систем

Оценките на европските дипломати и експерти се дека без адекватен транспортен систем Македонија ќе биде нефункционална, а ќе трпи штети и доколку нема развој на транспортниот систем во целиот регион.

Македонија и Европската комисија интензивно преговараат за формирање на транспортна унија со земјите од Западен Балкан.

Целта на ова здружување е да се воспостави интегриран пазар, инфраструктура и копнен транспорт, воден транспорт и внатрешна пловидба, како и да се усогласи законската легислатива на земјите од Западен Балкан со транспортните закони на Европската унија. Подготовкките за потпишување на договор за транспортната заедница почнаа во јуни минатата година. Предвидено е во финишот на 2009 новата Унија да почне да функционира.