1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Петмина осудени за трговија со органи во Косово

Б. Георгиевски/бета29 април 2013

Пет лица, меѓу кои и двајцата првообвинети, се осудени на затворски казни откако беа прогласени за виновни за илегална трговија со човечки органи на Косово.

https://p.dw.com/p/18P6H
Фотографија: Fotolia

Првообвинетиот во случајот со трансплантацијата на органи во приштинската клиника Медикус, Љутфи Дервиши, денеска беше осуден на осум години затвор, а неговиот син Абран на седумгодишна казна. Судот одлучи дека на жртвите треба да им се исплатат по 15 илјади евра.

Затворска казна од три години му е изречена и на Сокољ Хајдини, додека уште две лица добија условни затворски казни.

Прво и второобвинетиот се прогласени за виновни за организиран криминал и трговија со човечки органи. Судот утврди дека поранешниот генерален секретар на косовското Министерство за здравство Илир Речај не е виновен за двете кривични дела за кои беше обвинет.

Судењето за скандалот со трговијата со органи во Приштина се водеше под раководство на судии од ЕУ. Сослушани беа повеќе од 80 сведоци во над 100 рочишта од 2011 година. Според обвинението, на клиниката биле изведени околу 30 нелегални операции. Сиромашните дарители на органи на Косово биле носени од Турција, Русија, Молдавија и Казахстан со лажно ветување дека за своите бубрези ќе добијат и до 15 илјади евра. Обвинителството, кое го предводеа претставници на Еулекс, тврдеше дека во некои случаи примателите на органи плаќале и повеќе од 70 илјади евра за бубрег.

Клиниката „Медикус“ се споменува и во извештајот на Советот на Европа во кој се наведува дека припадниците на Ослободителната војска на Косово тргувале со органите на заробениците во текот на 1999 година. Специјалниот известувач на Советот на Европа Дик Марти во повеќе наврати тврдеше дека во трговијата со органи во текот на војната, но и подоцна во клиниката Медикус, се вклучени истите луѓе.