1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Путиновата дилема

Роман Гончаренко
18 март 2019

Анексијата на Крим во 2014 година достигна рекордна поддршка меѓу руското население. Пет години подоцна избледена еуфорија, намалена популарност на Путин и отворена дилема во општеството.

https://p.dw.com/p/3F7r1
Moskau Jahrestag Krim Annektion Konzert Putin Plakat
Фотографија: picture-alliance/dpa/TASS/S. Bobylev

Кога во руските експертски кругови се зборува за „Крим-ефект" или „Крим-бонус" тогаш секогаш се користи форма на минато време. Претседателот Владимир Путин во анкетите повторно се врати на нивото од пред анексијата на украинскиот полуостров. Деновиве се навршуваат пет години од оваа анексија која во Киев се нарекува „окупација“ а во Москва „повторно обединување“.

Пред пет години маскирани и тешко вооружени мажи без ознаки ја преземаа власта во Крим. Потоа на 16 март 2014 година, руската влада организираше нелегален референдум на кој се изгласа отцепување од Украина. Резултатот од референдумот не беше меѓународно признаен. На 18 март 2014 година првиот човек на Кремљ унилатерално го запечати „припојувањето“ на Крим кон Русија.

Русите во екстаза од анексијата на Крим

Ова предизвика речиси невидена еуфорија во Русија. Популарноста на Путин се искачи на над 80%. Претходно беше околу 60%. „Тоа можам да го споредам со екстаза", вели Николај Петрив од Руската висока школа за економија во Москва. „Тогаш во 2014 година луѓето имаа чуство дека се е добро и се е дозволено. Луѓето беа затруени со повторно откриеното чуство на величина. Сите грижи во тој момент како да исчезнаа."

Plakat Krim ist Russland Archiv 2014 Moskau
Фотографија: Reuters/A. Bainozarov

Константин Гасе од московскиот Карнеги – центар е сигурен дека „Крим-ефектот" е уникатен и не може да се спореди со било кој друг настан во руската историја. „Секој обид овој ефект да се повтори сигурно нема да биде успешен," вели Гасе. "Тој не се ограничува на пропаганда, а акцијата во Крим на многумина им даде можност отворено да го изразат она што не се осмелувале да го сторат порано."

Разочарување кај прагматичарите

Алексеј Титков од невладината организација Комитет за општествено-граѓански инцијативи разликува две групи на Руси кои тогаш ја поддржале акцијата на Путин на Крим. Заедно тие се две третини од населението. „Едните силно го поддржуваат воениот пристап и се порадикални, како што е воено мешање или комплетно расчистување со Западот." Другите се попретпазливи и попрагматични. Во оваа група во изминатите години се случија најголемите промени.

Повеќе:

-Шест проблеми кои Германија ги има со Русија

-Кризата на Крим ја подели и црквата

Дека „Крим- бонусот“ веќе нема позитивно влијание стана очигледно веќе кон крајот на минатото лето. По најавата за реформа на пензискиот систем и со тоа поврзаното покачување на старосната граница за пензија ја намали поддршката за Путин, која сега е околу 64%. Но разочарувањето започна уште многу порано, велат експертите. „Бројот на луѓе кои сметаат дека санкциите донеле само штета, започна да расте уште кон крајот на 2014," вели Титков. Кога руските власти во 2015 година јавно ја уништија незаконски увезената странска храна, многу Руси беа негативно изненадени. Тие и понатаму ја поддржуваа надворешната политика на Кремљ, но сфатија дека состојбата само се влошува.

Крим повеќе не е тема

Новата фаза во развојот на руското општество се уште нема име, но има карактеристики: разочарување, ревалоризација, фрустрација. Кремљ се уште не пронајде што е она што може да го замени „Крим- ефектот". Еден пат, за да се зголеми поддршката кај населението, би било поостра борба против корупцијата - " сценарио како во Сингапур или Кина", вели Алексеј Титков. „Но, актуелната власт тоа не може да го спроведе од различни причини и се ограничени на поединечни случаи на многу безопасни личности како што се гувернери или градоначалници."

Заедно со „Крим-ефектот“ и дебата во јавноста за вистинската припадност на полуостровот влезе во застој. Додуша таа и не беше никогаш водена на големо. Поголемиот дел од Русите ја прифатија анексијата како даден факт. „Притоа опозицијата речиси престана да зборува за тоа", вели Константин Гасе од Карнеги-центарот. Еден од најпознатите критичари беше поранешниот вицепремиер Борис Немцов кој беше убиен во 2015 година.

Но, прашањето за припадноста на Крим „за меѓународното право е сѐ уште релевантно и болна точка," вели Гасе. Ова поле на напнатост најверојатно ќе биде еден од поголемите проблеми за руското општество и државата во следните десет до дваесет години.