1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пет години од почетокот на судирите во Македонија

Александар Чомовски15 март 2006

Пред пет години припадниците на ОНА, од тетовското Кале ги испукаа првите гранати кон центарот на градот. Претходни сериозни инциденти беа Танушевци и појава на 40-тина униформирани Албанци на македонско-косовската граница и Лојане и рудно окно полно со оружје. Тие беа само влез во шестмесечните судири меѓу ОНА и припадниците на македонските безбедносни сили.

https://p.dw.com/p/Adek
Британски војник на НАТО над Тетово во август 2001-ва
Британски војник на НАТО над Тетово во август 2001-ваФотографија: AP

Во судирите пред пет години загинаа околу 150 учесници во директни борби, десетина цивили, киднапирани 20-тина Македонци и Албанци, беа раселени над 150 илјади луѓе, од кои и натаму денеска околу 1% не се вратени во своите домови. Меѓународната заедница не дозволи распад на Македонија и нејзина етничка поделба, како што и денес заговараат некои од тогашните политички актери. Јулското примирје, августовскиот Охридски договор, октомвриското разоружување, во таа 2001-ва година го овозможија мирот и почетокот на рехабилитацијата на државата. И по пет години, неизвесна е дефиницијата на крвавите настани. Војна за големо-албански идеи или само конфликт за поголеми национални права? Дури и неодамнешниот ТВ дуел на Али Ахмети и Арбен Џафери ги проблематизира мотивите. Дали лидерот на ОНА би мобилизирал толку Албанци, ако знаеле дека се борат за унитарна Македонија со поголеми права – рамноправност на двата јазика, зголемено учество на Албанците во јавната администрација, признавање на тетовскиот универзитет, децентрализација на власта? Уставните промени што следуваа по примирјето, политичката легализација на ОНА преку партијата ДУИ, ја промени власта на изборите во 2002 година. Тандемот Георгиевски-Џафери беше сменет од сојузот Црвенковски-Ахмети. Воените конфликти беа најжестоки кога во април 2001-ва година Македонија ја потпиша спогодбата за Асоцијација и стабилизација со ЕУ. Дури ни дел од тогашните европолитичари не веруваа дека по само пет години од земја на работ на граѓанска војна, Македонија ќе може да го добие статусот на кандидат за членство во ЕУ, и аспирант за НАТО. И сега, како што се вели, од политичките критериуми најважна е имплементацијата на Рамковниот договор и меѓуетничката доверба. Таа полека но сигурно се враќа, зашто Македонците и Албанците научија да живеат со етничка толеранција, како што рече и бриселскиот двоец Барозо и Рен пред еден месец, при нивниот престој во Скопје.