1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пет можни воени опции за САД во Сирија

СН/ЖА/афп/ртр/ап/бета23 јули 2013

Воениот врв на САД ги прецизираше своите претстави за интервенција во Сирија. Началникот на здружениот Генералштаб на американската војска Мартин Демпси во писмо до Конгресот претставил пет можни опции.

https://p.dw.com/p/19CGn
Фотографија: Getty Images

Конгресот на САД ја доби од Пентагон првата листа со воени опции за ставање крај на конфликтот во Сирија, со детален опис на можни акции и нивни последици и проценка дека таквиот обемен зафат би чинел милијарди долари, пишува американскиот весник Њујорк тајмс.
Во писмото на началникот на здружениот Генералштаб на американските воени сили, генералот Мартин Демпси (насловна фотографија) до претседателот на Комисијата за вооружените сили на Сенатот, Карл Левин првпат војската јасно опиша што е она што го смета за најголем предизвик на американска интервенција во сириската војна.

Големи трошоци

САД својата помош на сириските бунтовници засега ја ограничи на вооружување на противниците на претседателот Башар ал Асад.
Демпси наведува дека војската е подготвена да спроведе акции кои вклучуваат обука, советување и помагање на опозицијата, изведување ограничени ракетни напади, воведување зони за забрана на летање, тампон зона, веројатно по должината на границата со Турција и Јордан и преземање на контролата над Асадовиот арсенал со хемиско оружје. „Сите овие опции веројатно би ја прошириле тесната воена цел со помагање на опозицијата и би ставиле дополнителен притисок на режимот“, напиша генералот Демпси.
Првиот човек на американската војска во писмото детално ја опиша логистиката и парите потребни за секоја од воените операции и ги процени нивните ризици и полза. „Штом преземаме акција треба да бидеме подготвени за она што следи. Подлабока вмешаност е тешко да се избегне“, додаде тој. Демпси оцени дека решението за примена на сила не е „ништо помалку отколку чин на војна“ и предупреди дека би можело „ненамерно да ги закајакнеме екстремистите или да го ослободиме хемиското оружје кое сакаме да го ставиме под контрола“. За обука и советување на бунтовниците, според Демпси би биле потребни од неколку стотици до неколку илјади војници и околу 500 милони долари годишно. За напади од голема оддалеченост врз сириската војска би биле потребни „стотина авиони, бродови и подморници“ и тоа би чинело милијарди долари, наведе генералот.
За наметнување на зона на забранети летови пак би било потребно соборување на режимските воени авиони и уништување на аеродроми и хангари и стотина авиони, а трошоците би можеле да достигнат и милијарда долари месечно.

Syrien Rebellen
Фотографија: Getty Images

Погрешна првичната прогноза за Асад

За воведување на тампон зона за цел за заштита на делови на Турција и Јордан за да се пружи сигурно прибежиште на сириските бегалци и да се направи база за испорака на хуманитарна помош, би било потребно воведување на ограничени зони за забранети летови и распоредување илјадници американски копнени сили.
Мисијата чија цел би била спречување на употреба или ширење на хемиското оружје би опфаќала воведување на зони за забрана за летање и воздушни и ракетни напади. „Илјадници припадници на единиците за специјални операции и други копнени сили би биле потребни за напади и обезбедување на критични места“, напиша Демпси, оценувајќи дека таква операција би чинела повеќе од милијарда долари месечно.
По првобитната прогноза за брзо заминување на Асад од власт, американските представници, во тек на напредувањето на режимските сили на терен, почнаа имплицитно да признаваат дека веројатно Асад сепак ќе се задржи на власт уште некое време.