1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пешевски на мета затоа што повика на помирување

23 ноември 2018

Поранешниот вицепремиер за економски прашања, е последниот во низата функционери пред чии домови се одвиваат протести. Негов „грев“ е повикот за национално помирување и обединување

https://p.dw.com/p/38lvS
Proteste vor dem Parlament in Skopje gegen Einigung Mazedoniens mit Griechenland im Namensstreit
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

По протестите пред домовите на опозициските пратеници Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Елизабета Каческа Милеска, триесетина граѓани од „Македонија блокира“  револтот синоќа го истурија и пред домот на поранешниот вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски.  Полицијата ги спречи во намерата да влезат во неговиот дом  и да му предадат протестно писмо.

„Срамно е да повикувате пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да учествуваат во националното предавство. Со вакви поранешни функционери сме пример за ненормална држава. Со кое право барате да се менува името? Народот ќе ве чува ако ви се закануваат, излезете да ја спасиме Македонија заедно“, порачаа присутните на протестот.

Што е „гревот“ на Пешевски? Тоа што јавно обелодени дека има отворено писмо поддржано од поранешни министри, градоначалници и други функционери, во кое се даваат сугестии за создавање услови за крај на кризата, за општо национално помирување, обединување и интеграција, и за враќање на стабилноста и вербата во подобра иднина.

Messe InternationaleTourismusbörse ITB 2012 Berlin
Владимир Пешевски инсистира на дијалог заради решавање на проблемите, архивска фотографија Фотографија: DW

Консензус за иднината

Што се иницира во писмото? Нагласувајќи дека политичките партии и нивните раководства го имаат клучот тој процес да заврши со успех, потписниците на отвореното писмо ги упатуваат нивните сугестии во шест точки.

„Го повикуваме раководството на ВМРО-ДПМНЕ да иницира средба на лидерите на најголемите политички партии, на која ќе биде воспоставен повторен дијалог и на која ќе се пристапи на решавање на кризата во дух на конструктивност и разумност (...) Сакаме да ја дадеме нашата поддршка на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и да упатиме повик партијата да се вклучи активно и конструктивно во процесите кои имаат за цел евроатланска интеграција на Република Македонија и да придонесе за внатрепартиско обединување“, се вели во отвореното писмо.

Притоа се потенцира дека во Собранието се создадени предуслови со кои е прилично извесно дека ќе дојде до промена на Уставот, и ги повикуваат раководството и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ  да се вклучат во тој процес.

„Дел од напорите за зачувување на македонскиот идентитет ќе следат и по усвојувањето на уставните промени, и токму во нив е потребен придонесот на ВМРО-ДПМНЕ. И покрај тоа што Договорот од Преспа е далеку од идеален, сметаме дека е можно да се обезбеди квалитетно зачувување на идентитетот и заштита на македонските стратегиски интереси. Заедно со еден успешен и доволно широко поставен процес на национално помирување, може да се создадат услови уставните измени да бидат изгласани со многу поширока општествена и посилна политичка поддршка со што ќе се затвори ова повеќедецениско отворено прашање со Грција (...) Доколку не се направат овие чекори, постои реална опасност еден подолг период ВМРО-ДПМНЕ да остане длабоко поделена партија, изолирана дури и од некои наши традиционални пријатели и ставена на маргините на политичко дејствување. Да не ги повторуваме грешките од минатото кога и покрај патриотските заложби и човечки жртви, активностите на историското ВМРО не добивале доволно  поддршка од меѓународниот фактор  и поради тоа завршувале со неуспех“, се образложува во писмото.

Потписниците повикуваат ВМРО-ДПМНЕ да се вклучи и во дебатата за измена на Уставот, во собраниската група која ќе работи на помирувањето, како и во носењето на што поквалитетни реформски закони.

Mazedonien Gebäude Regierung
Во отвореното писмо се повикуваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се вклучат во дебатата за уставни измениФотографија: DW/P. Stojanovsk

Ништо спорно

ДВ разговараше со повеќе членови на опозициската партија, и ниту еден од нив не изрази несогласување со ваквите сугестии во отвореното писмо. Но, и тие се согласуваат дека сигналите што ги праќа базата мора да бидат препознаени и прифатени од партиските лидери.

„Нема ништо спорно во отвореното писмо. Главен проблем е што во моментов нема дијалог меѓу Заев и Мицкоски. Тие двајца мора да разговараат и јавно да испратат сигнал дека не се против вакви сугестии и иницијативи“, велат соговорници од ВМРО-ДПМНЕ.

Потсетуваат дека такво било и барањето на опозициските пратеници пред да се гласа за отворање на пакетот уставни измени: лидерите да седнат и да се договорат, но за жал, тоа не се случило. Според нив, би било добро ако власта прва подаде рака. И потписниците на отвореното писмо, на СДСМ „ѝ сугерираат да покаже максимално можна флексибилност и инклузивност во процесите што се одвиваат во овој историски период“.

„Како носители на извршната власт, во овој момент нивната одговорност е можеби и најголема. Ги повикуваме и сите пратеници при носењето на одлуките во Собранието како единствен мотив во својата работа да ги имаат долгорочните интереси на Република Македонија. Свесни сме за тежината на ситуацијата во која се наоѓаат некои од нив, но улогата на претставник на народот никогаш не била лесна“, се вели во писмото.

Притоа се изразува несогласување со протестите и притисоците кои се вршат врз некои пратеници и нивните семејства, само затоа што се одлучиле да го дадат својот глас за отварање на процесот за уставните измени.

„Таквото однесување на поединци и групи, независно од нивните мотиви, не придонесува за изнаоѓање на разумни решенија, дополнително ги влошува состојбите во државата и треба веднаш да запре. На овие пратеници и на нивните семејства им ја даваме нашата искрена поддршка“, се вели во писмото.

Во него се истакнува и дека кај експертската и општата јавност веќе подолг период е создаден впечаток дека некои делови на правосудниот систем учествуваат и во политичките процеси, практика која долгорочно е присутна и која во иднина може да биде погубна за правниот систем на земјата. Потенцираат дека е потребно сите политички чинители и органите на државната власт да придонесат за надминување на ваквите состојби преку ревидирање на постоечката законска регулатива. На крајот, од меѓународната заедница бараат да биде силен посредник во националното помирување и обединување.

„Овој процес треба да започне со праведно решавање на статусот на сите обвинети од 27-ми април и со целосно ослободување на оние кои на тој ден не извршиле никакво насилство. Но, кризата ниту започна ниту заврши со настаните од 27 април, и затоа помирувањето не може да биде фокусирано само кон еден настан. Вистинското помирување треба да биде многу поинклузивно и тоа долгорочно ќе значи и создавање на услови со кои Македонија во иднина ќе биде вистински, лојален и доверлив партнер и во НАТО и во ЕУ“, велат иницијаторите и бараат широка поддршка за содржината на писмото која во голема мерка ја сметаат за „натпартиска“.

Непоходен дијалог

Пешевски, кој прв јавно ја обелодени содржината на писмото, не беше достапен да  објасни дали овие сугестии „фаќаат корен“ кај партиите и генерално во јавноста. И Билјана Бришковска Бошковска, поранешен заменик министер за правда, која потврди дека е потписник на оваа писмо, вели дека сѐ уште нема информации за одгласите на инцицијативата, но цврсто стои зад аргументацијата презентирана во него.

„Уверена сум дека за наоѓање решение на секој проблем неопходен е дијалог, и тој треба да се одвива на највисоко ниво. Но треба отворено и искрено да се разговара за сите отворени прашања, а не само за теми што и одговараат на едната или на другата страна. Се разбира, Собранието е местото каде што треба да се официјализираат сите политички договори и сметам дека учеството на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во овој процес е многу важно за враќање на стабилноста во Република Македонија. Во таа насока и го разбирам гласањето на сите пратеници, и од власта, но и од опозицијата, кои само го отворија процесот за дискусија во парламентот за уставните амандмани. Не можам да се сложам со никакви форми на омаловажување на ниту еден пратеник, затоа што гласал по сопствено убедување“, децидна е таа.

Партиски извори од СДСМ велат дека слушнале за отвореното писмо, но се уште не се запознаени со неговата содржина. Но, се согласуваат дека секоја иницијатива од интерес за стратегиските приоритети на Македонија заслужува големо внимание, отворен дијалог и седнување на заедничка маса.