1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пинг-понг партија со гаранциите што ги бара Иванов

17 мај 2017

На 19 мај истекува рокот во кој претседателот треба да го даде мандатот, од мнозинството очекуваат да го даде денеска или утре, зашто Иванов ќе патува за Варшава. Аналитичари го критикуваат „изживувањето“ со гаранциите

https://p.dw.com/p/2d52s
Mazedonian Präsident Gjorge Ivanov PK
Фотографија: picture-alliance/abaca/A. Fazlagikj

Една верзија вратена на корекција, друга верзија ќе биде испратена на одобрување. Во ваква пинг-понг партија меѓу кабинетот на лидерот на СДСМ и кабинетот на претседателот шета усогласувањето на гаранциите за зачување на унитарноста на државата, кои Иванов ги побара како услов за да го даде мандатот за состав на влада на новото парламентарно мнозинство. Ниту од кабинетот на претседателот, ниту од СДСМ не откриваат која или кои формулации во предложените гаранции се спорни или недоволни за да ги разбијат наводните сомнежи на Иванов за загрозеност на унитарноста, поттикнати од т.н. тиранска платформа. 

Извори билиски до шефот на државата тврдат дека Иванов барал во гаранцијата децидно да биде наведено отфрлање на платформата, но тоа било неприфатливо за СДСМ, со став дека не постои платформа, туку програма на влада. Социјалдемократите тоа го истакнаа и во последното соопштение, со став дека „реафирмацијата на Програмата на новата влада на унитарна Македонија, која ќе работи според Уставот во интерес на евроатлантските перспективи, ги разбива сите неразумни аргументи околу мандатот што Иванов е неопходно брзо да го даде“. Од СДСМ потенцираат дека од исклучителна важност за стабилизација на државата е сите политички лидери и институции да се постават конструктивно, на ниво на одговорноста и да овозможат да продолжат демократските процеси.

„Граѓаните и домашната и меѓународната јавност очекуваат од Ѓорге Иванов да престане да ги поддржува деструктивните политики на Груевски и соработниците и да постапи според граѓанските и државните интереси. Согласно со Деловникот, Уставот и законите е избран новиот собраниски претседател. Согласно со Уставот, Деловникот и законите ќе биде избрана и новата реформска Влада“, се вели во соопштението на СДСМ.

Последниот став, јасно индицира дека ако Иванов не го даде мандатот, мнозинството ќе избере влада во Собранието, како што неодамна најави и претедателот на Собранието, Талат Џафери.

Изживување со гаранциите

Аналитичари одбиваат да прогнозираат дали Иванов ќе го даде мандатот, имајќи ја предвид и неговата досегашна „непредвидливост“, и актуелното „изживување со гаранциите“. Но, сметаат дека давањето на мандатот е неговата последна „сламка за спас“ доколку сака да се врати во рамките на уставните овластувања, а не да прави авантури надвор од нив. Заклучно со 19 мај истекува уставниот рок од 10 дена во кој претседателот треба да го даде мандатот за состав на влада. Во парламентарното мнозинство очекуваат тоа да го стори денеска или најдоцна утре, со оглед дека Иванов утревечер ќе патува, најверојатно во Полска. Од Кабинетот до утрово нема официјална потврда за патувањето, но се претпоставува дека тој ќе замине во Варшава, каде Македонија годинава за првпат ќе учествува на Меѓународниот саем на книгата што ќе се одржи од 17 до 21 мај. Националната и универзитетска библиотека „Климент Охридски“ од Скопје, која е организатор на претставувањето на македонската книжевност во Варшава, соопшти дека таму ќе биде презентирана книгата „Пораките на Свети Климент Охридски“ од претседателот Ѓорге Иванов, што НУБ ја објавила двојазично, на македонски и на англиски јазик, во соработка со Кабинетот на претседателот, а по повод одбележувањето на големиот јубилеј, 1.100 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски.

По Варшава, претседателот најверојатно ќе продолжи за Москва, бидејќи таму на 23 мај, на свечена церемонија во московскиот храм „Христос Спасител“, патријархот на руската православна црква, г.г. Кирил на Иванов ќе му ја врачи наградата „Неговата Светост Патријарх Московски и на цела Русија Алексеј Втори“ за 2016 година. Како што беше објавено на официјалната веб-страница на претседателот, наградата му ја доделила Фондацијата за единство на православните народи, „за извонредна дејност во зацврстување на единството на православните народи и за утврдување и промовирање на христијанските вредности во животот и во општеството“. Покрај Иванов, добитници на наградата се и поглаварот на Коптската црква - патријархот Тавардос Втори и градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин. Фондацијата која е формирана со благослов на рускиот патријарх, оваа награда ја доделила и на други претседатели на држави, влади, парламенти, поглавари на православни цркви и на јавни личности, но анализата покажува дека меѓу наградените има голем број личности кои многу повеќе имале врски со руската политика, отколку со православието.

Mazedonien Bauarbeiten Riesenrad in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Соседите позагрижени

И додека македонскиот претседател во екот на институционалната криза промовира книги и прима верски награди, за загрижувачките состојби во Македонија разговори водат - соседите.
„Високо ja ценам балансираната и одговорна позициja на Бугарија, ангажираноста на премиерот Бојко Борисов и пораките од него кон македонските лидери за наоѓање излез од политичката криза“, изјавил претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во разговор со Екатерина Захариева, новата бугарска вицепремиерка за реформи во правосудство и министерка за надворешни работи. Таа за време на дводневната посета на Брисел (15 и 16 мај) се сретна со високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, при што ја запознала Федерика Могерини со текот на подготовката на бугарското претседавање со Советот на ЕУ. На средбата разговарале и за ситуацијата во две земји: Украина и Македонија. „Двете се согласиле дека ЕУ треба да биде единствена во пораките кон сите политички фактори во Скопје за надминување на политичката криза во согласност со уставната процедура“, пренесоа бугарските медиуми. На средбата со комесарот за проширување и доброседство, Јоханес Хан, акцент исто така бил ставен на ситуацијата во Македонија, со став дека „добрососедските односи и регионалната соработка остануваат клучни фактори за напредок по патот кон нејзината европска интеграција“. Било истакнато дека е важно да се надмине политичката криза, за да може земјата да се врати на патот кон својата европска перспектива.

Според извори од кабинетот на грчкиот премиер, Алексис Ципрас на маргините на форумот во Пекинг „Еден појас, еден пат“, со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, требало да разговара на две теми: грчко-турските односи и ситуацијата во Македонија.

За разлика од политичарите во соседството, Иванов веќе подолг период е посветен на теми и ангажмани кои се надвор од актуелните приоритети на земјата, и тоа во време кога Македонија поради негови неуставни условувања веќе пет месеци е без влада, а и на локалната власт од завчера ѝ истече мандатот.