1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пиратите на бран на успехот

Фредерике Шулц/ Александра Трајковска 27 март 2012

Партијата на пиратите влева страв во редовите на етаблираните политичари во Германија. По нивниот сензационален успех во покраинскиот парламент во Саарланд изминатиот викенд следната цел е влез во Бундестагот.

https://p.dw.com/p/14SoA
Фотографија: dapd

„Јасно кон промени!“ Изборниот слоган свесно треба да асоцира на повиците за борба на пиратите од изминатите столетија. Со ова Партијата на пиратите очигледно го погоди нервот во најмалата по површина германска покраина. На првото учество на покраинските избори тие во Саарланд освоија 7,4 проценти гласови и во иднина ќе имаат четворица претставници во покраинскиот парламент. Партијата во минатото го привлече вниманието на јавноста пред се’ со интернет теми. Партијата на пиратите се залага за слобода на информирањето и подобра заштита на приватните податоци на интернет. „Тоа се теми, кои кај традиционалните партии досега беа слабо застапени“, вели политикологот Геро Нојгебауер од Слободниот универзитет Берлин за ДВ.

Групацијата меѓу тоа не сака да добие печат дека е сојуз на интернет активисти, туку да биде прифатена како полноправна политичка организаиција. „Во Германија постои желба за социјално-либерална партија, а луѓето во Саарланд препознаа, дека ние сме таа партија“, изјави за ДВ Алекс Лесман портпарол на Пиратите на сојузно ниво.

Опсежна партиска програма постои од минатиот декември. Нивните барања се: безусловни основни примања за сите, целосна поделба на државата од црквата и слободна употреба на сите дроги. „Ние се залагаме и за правото на бесплатно образование и заштита на животните“, вели Лесман. На полето на економската и финансиска политика треба да се искристализира заедничка позиција „Но и тоа ќе дојде“, дополнува Лесман.

Потеклото од Шведска

Токму ваквата програмска отвореност според проценките на политикологот Геро Нојгебауер е тајната на успехот на Пиратите: „Тие не кажуваат однапред: Ние знаеме се’. И ако нешто не разбирате, тоа е поради тоа што сте глупави. Не, тие велат: Ќе го научиме тоа заедно“. Во меѓувреме Пиратите ширум Германија имаат 22.000 членови. Повеќето се под 35 години, се интересираат за интернет-политички теми и бараат алтернатива за веќе етаблираните партии.

Deutschland FU Berlin Gero Neugebauer Friedensforscher
Политикологот Геро НојгебауерФотографија: Privat

Јасмин Мауер ја предводеше кампањата во Саарланд. Таа има 22 години и со своите партиски пријатели комуницира претежно преку социјалните мрежи Фејсбук и Твитер. „Бевте супер“ - е нејзиниот коментар на Твитер по изборниот успех.

Пиратите потекнуваат од Шведска. Таму во 2006 година партијата се формираше како протестно движење, за да се реформира авторското право. Тогаш шведското државно обвинителство ја имаше во визирот интернет страницата "Pirate Bay", каде корисниците можеа да разменуваат видеа и музика. Забавната индустрија се спротивстави на ова, бидејќи стравуваше финансиски загуби поради нелегалните даунлодирања. За да го заштитат виртуелниот пиратски залив, шведските активисти формираа партија. Скоро потоа се појавија ограноци по повеќе европски земји, меѓу нив и Германија. Таму, го привлече вниманието на јавноста пред четири години, кога и беа ставени податоци за нелегалнио набљудување на интернет телефонски разговори од страна на баварското министерство за правда. Кратко потоа Пиратите повторно ги наполнија насловните страници со онлајн петиција против цензура на интернетот. На успехот не се чекаше долго: кратко потоа Пиратите ги освоија првите мандати во окружните и градските собранија. На сојузните парламентарни избори во 2009 година освоија два проценти гласови. Минатиот септември Пиратите за првпат беа израни во еден парламент, во Собранието на Берлин.

Наредна цел Бундстагот

На покраинските избори во Саарланд партијата ги освои симпатиите пред се’ кај младите избирачи - 23 проценти од гласачите кои првапт избираа, гласаа за Пиратите. Но и приврзаници на етаблираните партии ги свртија симпатиите кон оваа партија. Според анкета на Втората програма на германската телевизија ЦДФ, партијата успеала да привлече по 15 проценти од гласовите на водечките партии Христијанско демократиската, Социјалдемократската партија и Партијата на Левицата, додека шест проценти од гласачите на Партијата на Зелените сега го дадоа својот глас за Пиратите.

Deutschland Saarland Wahlen die künftige Fraktion der Piraten im Landtag
Пиратите во СаарландФотографија: picture-alliance/dpa

Канцеларката Ангела Меркел, која воедно е претседател на Христијанско - деморкатската унија, изјави дека Пиратите се важен политички фактор, со кој треба да се одмерат силите: „Среднорочно мора да се прилагодиме дека нив ги има“, изјави Андреа Налес од СПД.

За коалициони разговори засега е рано. Шефот на Зелените Џем Ездемир нагласи Пиратите сега мора да докажат, за што се залагаат. Резонанца на која се радуваат Пиратите. „ Другите партии мора сега да сметаат на нас“, изјави портпаролот на Пиратите, Лесман. „Сигурен сум, дека во 2013 година ќе влеземе во Бундестагот.“