1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Deutschland Piraten

4 август 2009

Германскиот товарен брод „Ханза Стравангер“, кој пред четири месеци беше грабнат од страна на сомалиските пирати е повторно слободен. За неговото ослободување беа платени нешто повеќе од два милиони евра.

https://p.dw.com/p/J38k
Бродот „Ханза Стравангер“Фотографија: AP

Бродот на компанијата од Хамбург „Леонхард и Блумберг“ беше нападнат на почетокот на април меѓу Кенија и Сејшелските острови. Во неговиот екипаж има пет Германци, тројца Руси, двајца Украинци и 14 Филипинци. За 24-те морнари на германскиот товарен брод „Ханза Стравангер“ сега заврши заложничката драма.

Тешки преговори

Сомалиските пирати, како што самите објавија, претходно добиле околу два милиони евра откупнина. Преговорите за ослободување на товарниот брод во изминатите недели се одвиваа многу тешко. Роднините на петмината Германци во екипажот на бродот, изнесоа тешки обвинувања за шефот на компанијата „Леонхард и Блумберг“. Тие сметаа дека тој многу круто преговара за сумата за откуп, со што ги загрозува животите на морнарите. Капетанот на бродот пред неколку недели преку имејл ја опиша ситуацијата во која се наоѓаат членовите на екипажот на бродот. Тој напиша дека тие речиси и да немаат што да јадат и да пијат и оти се разболени. Покрај тоа според капетанот пиратите повремено се однесувале многу брутално со морнарите. На некои од нив им бил врзуван превез преку очите и било пукано во нивна непосредна близина.

Бродот „Ханза Стравангер“ беше киднапиран во морските води меѓу Кенија и Сејшелските острови на почетокот на април. Пиратите потоа го одведуа бродот во близина на сомалискиот пристанишен град Харадере, кој важи за упориште на морските разбојници. Кон првобитните грабнувачи постојано се приклучуваа нови пирати, кои сакаа истотака да заработат нешто од откупнината. Тоа ги отежнуваше преговорите за ослободување на бродот, бидејќи честопати непосредно пред постигнување на договор во игра се појавуваа нови соговорници со нови барања.

Пиратите заработија милионски суми

Сомалиските пирати во изминатите месеци успеаја да заработат милионски суми од откупнината за грабнатите бродови. Во моментов тие во заложништво држат уште најмалку десетина бродови со околу двесте морнари. И покрај ангажманот на меѓународната заедница, во кој е вклучена и Германија, бројот на пиратски напади и натаму расте. Покрај тоа пиратите ја проширија територијата на која оперираат. Познавачите на состојбите сметаат дека наредните недели би можеле да бидат особено опасни, зашто периодот на монсуни во регинот заврши. Големите морски бранови барем малку ги подзапреа пиратите.

Автор: Антје Дикханс / Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска