1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Писмото на Груевски предизвика бура реакции во Грција

15 јули 2008

Грчкиот премиер Костас Караманлис кон крајот на неделава ќе испрати официјален одговор на писмото од македонскиот колега Никола Груевски. Од Грција пристигаа жестоки реакции на писмото од Скопје.

https://p.dw.com/p/Eckj
Караманлис го подготвува одговорот за ГруевскиФотографија: AP Photo

„Грција нема намера да дискутира за прашањата што ги смета за ирелевантни во преговорите за разликите за името на Македонија“ - ваков одговорот ќе му испрати грчкиот премиер Костас Караманлис на македонскиот колега Никола Груевски, во врска со неговото писмо, пишува грчкиот весник „Катимерини“. Истиот одговор му го пренел и грчкиот преговарач Адамантиос Василакис на медијаторот во спорот со името Метју Нимиц, на вчерашните преговори во Њујорк, го пренесува пишувањето на весникот македонската агенција Макфакс.

Русопулос: Грција не сака да учествува во обид за дефокусирање на преговорите

Претходно портпаролот на грчката влада Тодорос Русопулос, истакна дека писмото на премиерот Груевски претставува повторување на неприфатливи изјави за непостоечки малцинства во обид да се постават нови препреки во рамките на преговорите за спорот со името што се водат под покровителство на ОН.

„Грција на никаков начин не сака да учествува во каков и да било обид на дефокусирање на преговорите“, појасни Русопулос. Според портпаролот, премиерот Караманлис ќе испрати одговор на писмото на Груевски до крајот на неделава.

Критики за писмото од политичките партии во Грција

На писмото реагираа и политичките партии во Грција. Претставник на опозициската партија ПАСОК писмото го нарече „постизборно бладање“ на коалицијата во Скопје. Левата коалиција Сириза, смета дека чекорот на премиерот Груевски ја отежнува атмосферата и негативно влијае на преговарачкиот процес, додека префектот на Солун, Панајотис Псомиадис му препорачал на премиерот да ги прекине преговорите.

Македонскиот премиер со писмо вчера директно се обрати до неговиот грчки колега во кое бара признавање на македонското малцинство и решавање на прашањата поврзани со бегалците од грчката граѓанска војна.