1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Писмо-бомба експлодираше во Париз

ЕМФ /агенции
16 март 2017

Писмо-бомба денеска експлодираше во просториите на ММФ во Париз. Вчера пакет со експлозив беше пронајден во поштата на германското министерство за финансии.

https://p.dw.com/p/2ZIOT
Frankreich Explosion einer Postsendung am IWF-Sitz in Paris
Фотографија: Reuters/P. Wojazer

Во експлозијата која се случи денеска во канцелариите на Меѓународниот монетарен фонд во Париз е повредено едно лице. Асистентка на еден раководител на ММФ има повреди на лицето и на рацете. Со повреди се здобила во обид да го отвори писмото, јавуваат агенциите повикувајќи се на извори во француската полиција. Повеќемина вработени во ММФ се евакуирани од зградата како мерка на претпазливот. Кој е испраќач на писмото сѐ уште не е познато.

Bundesministerium der Finanzen
Сомнителниот пакет во Министерството за финансии во Берлин беше откриен навремеФотографија: picture-alliance/dpa

Инцидентот во Париз се случува еден ден по откривањето на пакетот-бомба во поштенскиот оддел во германското Министерство за финансии во Берлин. Според надлежните, во пакетот имало мешавина од експлозивни супстанци и фитил. Во Берлин немаше повредени. Одговорноста за пакетот-бомба ја презеде грчка екстремно левичарска група. Грчката полиција денеска оцени дека смета оти пораката со која анархистите преземаат одговорност, а која е објавена на левичарската интернет-платформа Индимедиа, може да се смета за веродостојна. Групата која дејствува од 2008 година под името „Заговор на огнените ќелии“ е одговорна за десетици напади со потпалување или пакети-бомби, во кои досега немало жртви. Испраќањето на пакетот во германското Министерство за финансии е акција во рамките на проектот насочен против „системот на моќ“, се вели во пораката на екстремните левичари.