1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пишаниот збор железни порти отвора!

19 октомври 2009

Со приказни за земјата како колевка на писменоста и земја на археолошки артефакти, Македонија ги пречека посетителите на Саемот на книгата во Франкфурт. Што значеше учеството на оваа манифестација за пишаниот збор?

https://p.dw.com/p/K9RV
Македонија на Саемот на книгата во ФранкфуртФотографија: DW

Универзитетот „Свети Климент Охридски“, старата скопска чаршија, информации за музејот на Мајка Тереза, куќата на Кемал Ататурк во Битола - сето ова беше презентирано на Саемот на книгата во Франкфурт, каде, се разбира, централно место имаше книгата. Македонија годинава го промовираше романот „Нишан“ на Блаже Миневски, а презентација пред публиката доживеа книгата „Македонскиот јазол“ на Ханс Лотар Штепан.

Ein Buch in mazedonisch
Презентација во ФранкфуртФотографија: DW

Најголем интерес кај публиката, предизвика археолошкото наследство: „Интерес имаше најмногу за археологијата, книгите за археологија, за исламски споменици, за христијанските споменици. Тука гледам дека ние сме некој убав спој на повеќе култури и религии, што веројатно ни‘ дава некаква предност пред останатите,“ вели Дејан Павлевски од „Матица Македонска“.

Во тој правец Македонија има што да понуди, потенцира и министерката за култура, Елизабета Канчевска-Милевска: „Република Македонија има големо наследство. На археолошката карта имаме над 7.000 археолошки локалитети. Имаме непроценливо богатство и сметам дека треба да се потрудиме максимално да го презентираме пред странската јавност,“ вели Канчевска-Милевска и дополнува дека токму Саемот на книгата е можност за Македонија да ги презентира сите свои потенцијали, покрај достигнувањата во областа на книжевноста.

Blaze Minevski - Autor des Buches Gun Sight
Романот на Блаже Миневски ќе биде преведен на грчки јазикФотографија: DW

Таква беше и приказната што Македонија ја раскажа пред светот, и што и‘ донесе нови договори, контакти и перспективи: „Најмногу се радувам за договорот за двајцата автори. За ’Проколната земја’ и ’Нишан’, што во 2010 година ќе бидат објавени во Грција, поканите што Република Македонија ги доби од саемите во Лондон, Каиро и Париз, многуте контакти за дистрибуција на македонски книги. Тоа е многу важно. Многу ми е драго што ’Вотерстоунс’, централната книжарнициа на Трафалгер сквер ќе овозможи едно катче со македонски книги. Нормално се’ ќе зависи од нас, иако мислам дека вакви шанси не смееме да пропуштиме,“ подвлекува Павлевски.

Stand Mazedonien - Frankfurt Buchmesse
Македонија на Саемот на книгата во ФранкфуртФотографија: DW

Успешниот настап на Саемот на книгата го заокружија и перспективите кои се отворија за туристичка презентација на Македонија, истакнува Зоран Николовски од Министерството за економија: „Мене ми беше интересно што можевме да разговараме со National Geographic и Lonely Planet, два бренда коишто издаваат туристички водичи, туристички анимации, и да им ја понудиме Македонија да ја стават во тие водичи.“

Logo Macedonina timeless
Фотографија: DW

Поинаку од другите, со спој меѓу културата, традицијата и природните убавини - тоа беше концептот за претставување на саемот во Франкфурт, со кој Македонија се обиде да го привлече вниманието и кој се покажа како успешен: „Претставени се не само литературни дела, ами преку литературните дела е всушност претставена културата и развојот на културата во Република Македонија,“ подвлекува македонскиот амбасадор во Германија, Ѓорѓи Филипов.

Со осмислениот концепт и презентацијата на Саемот на книгата, Македонија во Франкфурт направи чекор напред и годинава стана и партнер на саемот, што и отвора нови перспективи за во иднина. Ако продолжи да се презентира на светските саеми со осмислен настап, успехот ќе биде неминовен. Треба само работа. Присуството на Македонија на Саемот во Франкфурт годинава беше реализирано во соработка меѓу Министерствата за култура и економија со „Матица македонска“ и „Њу момент“.

Автор: Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска