1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Планот на ЕУ ќе ја консолидира моќта на Груевски

Б. Георгиевски/дицајт/ноц/хац29 јануари 2016

За мнозинството Македонци, планот на ЕУ од Македонија да направи бедем против бегалците, не значи ништо добро, пишува германскиот неделник „Ди Цајт“. Новите мерки во бегалската криза главна тема во германскиот печат.

https://p.dw.com/p/1Hlkg
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„Македонците не можеа ни да сонуваат дека нивната земја еден ден може да прерасне во надворешна граница на ЕУ“, пишува онлајн изданието на неделникот „Ди Цајт“ во текстот под наслов „Новиот бедем на Европа“.

„Но токму тоа деновиве изгледа дека се случува деновиве. ЕУ се заканува дека ќе ја исфрли Грција од Шенген-зоната, затоа што не ги исполнува своите обврски. Следната граница на север е македонската“.

Притоа, „Ди Цајт“ се прашува каква е државата која во иднина треба да биде некој вид „недоброволен бедем на ЕУ против миграцијата?“

„(...) Во Македонија владеат Никола Груевски и неговата националистичка партија ВМРО-ДПМНЕ. Коалициски партнер на Груевски е една албанска партија. Во нивното владеење корупцијата драматично се зголеми. Многу Македонци во Груевски гледаат автократ, кому му е важно само да ги задоволи желбите на својата клика. На почетокот на 2015 година се формираше широко протестно движење против него. Десетици илјади луѓе излегоа на улиците и бараа оставка од Груевски. Тогаш се говореше за некаков вид 'мал Мајдан'. Но Груевски остана на власт. Сепак, мораше под притисок на Брисел да ја реконструира владата. Во истовреме беше формирано независно истражно тело, кое треба да ги истражува наводите за масовна корупција. Конечно, ЕУ го принуди и на предвремени избори, кои треба да се одржат на 24 април.

Сето тоа покажува колку е фрагилна Македонија. Во моментов е тешко да се процени како новата улога на малата земја како 'тврдина' на ЕУ ќе се одрази врз внатрешната политичка состојба. Но веројатно е дека мошне контроверзниот Никола Груевски ќе ја консолидира моќта. Од искуство може да се каже дека ЕУ во немирни времиња се фокусира врз стабилноста - таа сака мир, и притоа ѝ е сеедно кој ќе го обезбеди. За мнозинството Македонци тоа не значи ништо добро. Замрсените структури на моќта, резервирани за малкумина, ќе останат и натаму зачувани“, пишува „Ди Цајт“.

Ограничување на бегалците - веднаш!

Бегалската криза е водечка тема во германскиот печат и од аспект на домашните проблеми. По синоќешниот договор на коалициските партнери во Владата околу новите мерки за справување со кризата, печатот го анализира договореното. ЦДУ, ЦСУ и СПД се договорија повторно да го ограничат спојувањето на бегалските семејства и да се отворат нови специјални прифатилишта, во кои барањата за азил на одредени групи мигранти ќе бидат решавани по забрзана постапка. Коалициските партнери се договорија да ги прогласат Мароко, Алжир и Тунис за сигурни земји, како што е веќе случај и со балканските земји.

Deutschland Treffen Horst Seehofer Angela Merkel
Хорст Зехофер (ЦСУ) и Ангела Меркел (ЦДУ)Фотографија: Reuters/F. Bensch

„Долго веќе состојбата е компликувана, но сега е едно јасно: за да се помогне интеграцијата на луѓето кои се културно и верски сосема поинакви, нивниот број мора да се ограничи. Веднаш!“, пишува „Хановерше алгемајне цајтунг“. „Тоа што коалицијата не донесе обврзувачки заклучок за прогласување на земјите од Северна Африка за сигурни, туку тоа ќе биде сторено подоцна, покажува дека предупредувањата од сојузните држави уште не стигнале до Берлин. Време е тоа да се случи“.

„Ноје оснабрикер цајтунг“ пишува: „Општините, покраините, федерацијата: новиот пакет мерки им носи по нешто на сите. Тројцата партнери за тоа водеа долги и напорни преговори, но на крајот произлезе дека се способни да делуваат и владеат. Како и во другите земји со голем број бегалци и баратели на азил, најважно им беше да го ограничат доселувањето во Германија. Сега постигнаа компромис со кој ЦДУ, ЦСУ и СПД можат добро да живеат и да не го загубат образот. Тоа посебно важи за ограниченото одлагање на дозволата за спојување на семејства“.