1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Платформа за борба против популизмот на интернет

Хелена Кашел
9 јануари 2017

Нова интернет-платформа планира борба против популистичките дезинформации. Целта на платформата „Schmalbart“, која се формира затскриено, е одбрана на демократијата- мамутски проект.

https://p.dw.com/p/2VVJy
Screenshot Breitbart.com Fake News
Фотографија: Breitbart.com/Screenshot

Мигранти, пиротехника, пожар во црква - и дезинформацијата е готова - неодамна десничарско-популистичкиот американски медиум „Breitbart News" се катапултираше во јавноста со вџашувачка приказна: група мигранти во Дортмунд во новогодишната ноќ нападнала полицајци и запалила црква.

Во меѓувреме е познато дека  „Breitbart News" го измислил инцидентот, што е вообичаена пракса на порталот. Тој не напразно важи за мегафон на десно-екстремистичкото движење „Alt-Right" и редовно шири лажни вести.

"Breitbart Watch"за Германија?

На Кристоф Капес оваа тактика не му дава мир: „ 'Breitbart News' ги извртува настаните на фрапантен начин“, вели 54-годишниот ИТ-претприемач. Всушност, Капес во својата агенција во Хамбург работи на развивање стратегии за претпријатијата. Но, откако по изборите во САД и победата на Доналд Трамп, тој ја дознал веста дека „Breitbart News" планира отворање свое претставништво во Германија, добил поттик за акција. Кон крајот на ноември, Капес во својот блог напиша дека стравува од „политички земјотрес“ доколку овој медиум фати корен во Германија.„Имајќи ја во предвид експанзијата во САД, можно е во Германија за шест години овој медиум да стекне шест милиони корисници.“  Планот на Капес е создавање еден вид надзор врз „Breitbart Watch",  под работен наслов „Schmalbart".

Symbolbild Facebook Social Media Fake News
Фотографија: picture-alliance/maxppp/P. Proust

Со факти против дезинфорамциите

Но, наскоро идејата прераснала во нешто покрупно. Наместо неколкумина заинтересирани, се јавиле околу 200 видеопродуценти, програмери, ПР-советници, оптимизери на машини за пребарување, дури и правници. „Нѐ има многумина, соодветно на тоа, имаме и големи планови“, вели Капес. Планирани се, меѓу другото, Јутјуб-формати, „шитсторм“ сервис на Твитер и банка со податоци и помошни аргументации за дебати на социјалните медиуми.

Заради поголем дофат, предвидено е „Schmalbart” директно да се вмешува во дискусиите на Фејсбук, а притоа да остане објективен и фер, без арогантност. Првичната цел за обично надгледување на десно-популистичките медиуми е далеку надмината, зашто во прашање е демократијата, чија срж, истакнува Капес, е функционирачко градење на мислење. А негова претпоставка е вистинска култура на дебатирање.

Противтежа на нео-десничарите

И за 31-годишната Јулиане Краузе-Акелбајн од Берлин, која работи на развој на дигитални концепти, од првостепено значење е подобрување на дебатната култура. Таа интензивно ги следела американските избори и острата дискусија по нив, смета дека ни во Германија не е многу поразлично. „Не постои веќе дискурс, туку само луѓе кои се дерат едни на други.“ Јулиане сака да соработува во „Schmalbart" зашто смета дека недостасува противтежа кон таканаречените нео-десничари.

Новата платформа е сѐ уште во фаза на создавање, учесниците се организираат преку чет во проектни групи, постојат листи со линкови и безбедносен концепт, слично како кај илегално движење.

„Важно е 'Schmalbart' да не се сфати себе си како конкуренција на другите акции“, вели Краузе-Акелбајн. Зашто, постојат доволно групи кои се залагаат за постоење отворено општество. „Ние сакаме да се поврземе со нив“, вели таа.

Да се биде погласен од популистите

Карстен Роси првично планирал сопствена иницијатива. Раководителот на една маркетинг-агенција од Келн се обратил преку Фејсбук до своите колеги од браншата комуникации: „ Ако не успееме да станеме погласни од популистите, тогаш сите ние сме одбрале погрешна работа.“ Кратко потоа Роси ја открил поканата од Кристоф Капес и се приклучил кон „Schmalbart".

За 48-годишникот е важно постоењето плурализам на мислења, при пребарувањето на интернет на одредена тема, не смее да се наиде само на прилози од популистички интернет-страници. Роси целта сака да ја постигне на пример преку „блог-парада“, блогерите меѓусебно ќе упатуваат еден на друг, што ќе влијае врз резултатите на пребарувањата кај Гугл. „На таков начин можеме да влијаеме врз агендата“, истакнува тој.

Symbolbild Facebook Social Media Fake News
Фотографија: picture-alliance/maxppp/P. Proust

Борба за доверба

Проблемот е што и десно-популистичките медиуми често се повикуваат на придонес кон плурализмот на мислења. Тие се инсценираат како алтернатива кон политичкиот и медиумски меинстрим, тврдејќи дека објавуваат вистини, наводно премолчувани или заташкувани од етаблираните медиуми.

Кај многумина расте очајот „што сега и другата страна ја откри нашата убава машина за спасување на светот- интернет“, вели Роси. Дијалогот е неопходен, но станува збор и за доверба. Притоа, не смее да се посегне по истите средства користени од популистите. Но, Роси истакнува: „Ја имаме слободата, преку професионални кампањи, да се погрижиме тврдењата, кои според нашето мислење се погрешни, да не останат недемантирани.“

„Можеби ќе се распаднеме како Пиратите“

Како ќе се развива „Schmalbart" , зависи делумно и од неговото финансирање. За откривањето лажни вести е потребен персонал. Средства, меѓудругото, треба да бидат обезбедени преку платформа за плаќање.

Кај Кристоф Капес сепак постои сомнеж. „Мислам дека не е политичкото мислење тоа што предизвикува јаз во општеството, туку припадноста кон одредена средина. Можеби еден ден ќе се распаднеме, како Пиратите,“ вели Капес, мислејќи на политичката партија во Германија, која по краткиот метеорски успех, речиси се распадна.

Веста која „ Breitbart" ја прошири за Дортмунд, сепак ја зацврстува убеденоста дека „Schmalbart” ќе биде потребен. Иднината на новата платформа ќе биде решена за неколку дена, на 14. јануари сите кои соработуваат на неа планираат лично да се сретнат во Берлин.