1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Плоштадите подготвени за славење

Катерина Блажевска24 март 2013

Додека партиите разменуваат оценки за регуларноста на изборите, на општинските плоштади почнуваат подготовки за славење на изборните победи.

https://p.dw.com/p/183VI
Фотографија: DW

Партиите во Македонија ги дадоа првите оценки за текот и регуларноста на изборите, а нивните приврзаници во зависност од првичните неофицијални резултати ги почнаа подготовките за прослава на изборната победа на општинските плоштади. Пратеникот и директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски вечерва им честита на граѓаните за фер и демократската атмосфера на изборите.
„Овие избори беа проследени од повеќе од 8.000 набљудувачи, домашни и странски. Не беа забележани нарушувања на постапките при изведување на гласањето, но и оној дел што беше забележан е значително помал по бројот на избирачки места во споредба со последните парламентарни избори“, изјави Димовски. Тој рече дека граѓаните имале можност да избираат помеѓу два концепти - помеѓу оној на ВМРО-ДПМНЕ, кој е концепт на дела и труд и концептот на СДСМ, кој е концепт на празни зборови и лажни ветувања.„Очекуваме победа базирана на делата што сме ги направиле во минатите години“, изјави Димовски.
Потпретседателот на СДСМ, Гордан Георгиев, им се заблагодари на граѓаните на Македонија за големиот одзив, кој според неговите очекувања треба да го одрази нивниот револт од власта.
„Очигледно, режимот не се откажа од своите намери на секаков можен начин да ја изигра волјата на гласачите. Голем број граѓани не можеа да гласаат, имаше агитирање за време на молкот, оранизиран превоз на фантомски гласачи, серија кражби на гласачки ливчиња во обид да се спроведе 'бугарски воз', обиди за заплашување, уцени и поткуп на гласачи и сликање со мобилни на гласачките ливчиња. Нашиот правен тим ја собира целата документација од нерегуларностите, пред да ги процесуира до надлежните државни институции“, рече Георгиев. Според него, позитивно е што на денот на изборите не биле забележани поголеми физички инциденти на гласачките места.

Kommunalwahlen in Mazedonien
Фотографија: MIA
Mazedonien Kommunalwahlen
Фотографија: Petr Stojanovski

ДПА ја обвини ДУИ
Првичната оценка на Демократската унија за интеграција (ДУИ) е дека локалните избори биле фер и демократски. Шефот на изборниот штаб на ДУИ Абдулаќим Адеми, очекува фер и демократски да се одвива и прибирањето на гласовите, нивното сумирање и објавување.
„Гласовите, односно волјата на граѓаните треба да се почитува и победниците треба и понатаму да работат во интерес на сите граѓани на Република Македонија. Очекуваме како и претходните, така и овие избори да бидат прифатени од сите политички партии“, рече Адеми.
Тој посочи дека имало неколку забелешки дека нивни гласачи не биле на избирачките списоци, но, рече, тоа е работа на државните институции, пред се на ДИК.
Според Демократската партија на Албанците (ДПА), Владата потфрлила во организирањето фер и демократски избори, со многу опструкции пред и за време на изборите.
„ДУИ продолжи со купување гласови, а закани од банди организирани од ДУИ го спречуваа изразувањето на слободната волја на гласачите.
Голем број граѓани со валидни биометриски документи беа спречени да гласаат. Загрижувачко е нивото на демократијата во земјава“, рече пратеникот на ДПА, Беким Фазлиу.

Kommunalwahlen in Mazedonien
Фотографија: MIA

Славењето почнува

Додека партиите разменуваат оценки за регуларноста на изборите, на општинските плоштади почнуваат подготовки за славење на изборните победи.
Според првични неофицијални резултати од партиските штабови, ВМРО-ДПМНЕ победила во општините Македонска Каменица, Кратово и Вевчани, а во водство е во Прилеп, Охрид, Битола и Крушево. СДСМ верува во победа во првиот круг во Струмица, Дебарца, Ранковце и Богданци, а во водство е во Куманово. ДУИ најави победа во првиот круг во општина Пласници и водство во Тетово и Чаир. Во Кичево неофицијално во водство е Благоја Деспотовски, заедничкиот кандидати за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Неофицијално, во скопската општина Карпош во водство е кандидатот на Српската напредна странка на Македонија, Стевчо Јакимовски. Додека партиските штабови пласираат првични неофицијални резултати кои се менуваат од миг во миг, се очекува првите нецелосни, но официјални податоци да ги соопшти Државната изборна комисија околу полноќ.