Победата на Трамп не носи спектакуларни промени за Македонија

Вашингтон ќе настојува новите демократии да се надградуваат врз основа на евроатланските вредности. Тие и натаму ќе бидат главни ориентири на надворешната политика на САД кон Македонија,прогнозираат домашни аналитичари.

Изборната победа на Доналд Трамп, е голема победа на американскиот милијардер, не само против Хилари Клинтон и Барак Обама, туку и против кланот на семејството Буш, против бројните музички, спортски, медиумски звезди и моќни медиумски куќи, па дури и аналитичарите на jавното мислење, оценува Нано Ружин, поранешен македонски амбасадор во НАТО, во Брисел. Победата на Трамп, кој го опишува како „њуjорчанец метаморфозиран во циничен републиканец“, Ружин ја гледа како резултат на фактот што Хилари Клинтон ја треселе непријатни моменти за време на кампањата - аферата со мејловите испраќани од приватен сервер со класифициран предзнак (2009-2013), нејзините разговори објавени од Викиликс, други афери кои ја отсликале нејзината „одвоеност“ од американската реалност, како и навредливиот речник кон гласачите на Трамп („бедници и олош“),нои кон ривалот, („коњ што ќе го јава Путин“).

„Хилари не успеа да стане првата жена председател на САД и во историјата ќе остане запаметена само како сопруга на поранешниот американски претседател Бил Клинтон“, смета Ружин, со оглед дека немала да понуди ништо ново во големата слика на американската надворешна политика, освен стратегиски „јастребски закани“.

Амбасадата на САД во Скопје

Вредностите на либералната демократија

Што по победата на Трамп во сферата на надворешната политика?

„Кога е во прашање надворешната политика на Трамп, овој домен е голема непознаница, но јасно е дека ова чуствително прашање ќе го преземат неговите моќни соработници“, оценува Ружин.

„Затоа, и покрај бројните декларации за време на кампањата, американската надворешна политика нема да претрпи некои поголеми стресови. Кога е во прашање Балканот и Македонија, со мали осцилации САД не би можеле драстично да ја сменат политиката кон нашето подрачје. Македонија не може да очекува некои спектакуларни промени. Како и досега, ќе продолжи континуитетот на американската надворешна политика на САД на соработка со балканските држави. Се очекува и натаму да се инсистира на целосна реализација на Охридскиот договор, но и пред се реализација на договорот од Пржино, на среден рок и имплементација на препораките кои произлегуваат од Извештајот на Прибе, а во преден план фер и демократски избори“, вели Ружин. 

Тој смета дека евентуалното забрзување на процесот на проширување на Алијансата не би требало да биде резултат на некој геополитички натпревар, туку повеќе како резултат на ширење на евроатланската култура. Верува дека Вашингтон ќе настојува новите демократии да се надградуваат врз основа на  евроатланските вредности, односно врз вредностите на либералната демократија, кои и натаму ќе бидат главните ориентири на американската надворешна политика кон државите на Западен Балкан.

Now live
04:37 минути
Сите содржини | 08.11.2016

Клинтон или Трамп? За кого би гласале Македонците

„Тоа значи дека на просторот на Западен Балкан, САД ќе настапуваат во синергија со ЕУ во решавањето на клучните проблеми - владеењето на правото, битката против корупцијата, почитување на основните човекови права и слободи, слобода на медиумите, независноста на судството...“, прогнозира Ружин.

Без драматични промени

За голем дел од домашните аналитичари иако победата на Трамп е големо изненадување, сепак не очекуваат никакви промени во политиката на САД кон Република Македонија.

„Изненадувачка победа, но неизненадувачки и коректен победнички говор, кој ги илустрира константите во американската политика. Во однос на политиката кон Балканот и кон Македонија не очекувам драматични промени“, кусо коментира д-р Малинка Ристевска Јорданова, директорка на Институтит за европска политика - Скопје.

Таква порака утринава испрати и американскиот амбасадор во Македонија,  Џес Бејли, од прес-центарот во скопскиот хотел „Александар палас“ каде што се следеа резултатите од претседателските избори во САД.

„Поддршката на САД кон Македонија останува иста и нема да се промени“, рече Бејли.

„Кампањите се период за нагласување на разликите, додека постизборниот период во САД е време на соединување. И сега кога кампањата е завршена, ние од амбасадата и администрацијата ќе се вратиме на својата работа на градење добри врски помеѓу Македонија и САД“, изјави амбасадорот.

Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли

Тој потенцираше дека добрата иднина е нешто што е заедничко за сите.

„Луѓето од Македонија и САД сакаат просперитет и добро образование за своите деца, како и мир и напредок во светот. Не секогаш ќе се согласуваме како да стигнеме до тоа, но целта е секогаш иста. На секои четири години САД слават нешто специјално, право што е во самата основа на нашата држава, право за кое луѓето се бореле. Оваа кампања секако предизвика доста врева, но најважно од сето тоа е дека американските граѓани излегоа да го остварат своето право на глас и нивниот глас ќе биде слушнат“, рече Бејли.

Меѓу присутните во „Александар Палас" беше и заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, која ги коментираше изборните резултати во САД.

„Не можам да кажам дека како жена не сум разочарана што во Белата куќа не влезе жена-претседател, но тоа е одраз на демократската волја на граѓаните, како што ќе биде и на 11-ти декември во Македонија. Резултатите покажаа дека и покрај големата медиумска поддршка и покрај сите предвидувања, волјата на граѓаните не може да се заобиколи", рече Шекеринска, додавајќи дека се надева на промени и во Македонија.

Знаете ли се за Доналд Трамп и Хилари Клинтон?

Зад јавната личност

Претседателските кандидати конечно пристигнуваат до крајот на трката која се чини дека трае цела вечност. Лицата на Доналд Трамп и Хилари Клинтон беа сеприсутни повеќе од една година, но и двајцата имаат голем број на необични карактеристики кои не допираат до јавноста.

Знаете ли се за Доналд Трамп и Хилари Клинтон?

Конзервативната Хилари

Хилари Клинтон израснала во конзервативно семејство во Илиноис. Нејзиниот татко изработувал украсни завеси, а како млада жена таа била републиканка која ги поддржувала Бери Голдватер и Ричард Никсон. Дури подоцна таа станува демократ.

Знаете ли се за Доналд Трамп и Хилари Клинтон?

Доналд - критичар на политичарите

За Доналд Трамп, во минатото не беше лесно да се каже која или дали воопшто поддржува некоја партија. Во минатото тој поддржуваше кандидати на Демократската партија, меѓу кои беа Бил и Хилари Клинтон, а некои од неговите изјави во тоа време беа исклучително либерални. Тој многу доцна во својот живот го најде својот пат до Републиканската партија – на неверување на голем дел од нејзините членови.

Знаете ли се за Доналд Трамп и Хилари Клинтон?

Недоволно импресионирана од Бил

Славата на Хилари Клинтон првично се должеше на фактот дека е сопруга на претседателот на САД. Но, кога Бил прв пат ја побарал за жена, таа рекла не. Тој морал да ја бара нејзината рака неколку пати додека таа не се согласи да биде негова сопруга.

Знаете ли се за Доналд Трамп и Хилари Клинтон?

Воајерот на изборите за убавина

Од 1996 до 2015 година Трамп поседувал дел од натпреварите за убавина: Мис Универзум, Мис на САД и Мис на САД за тинејџери. Во тоа време, тој повремено ги посетувал гардеробите зад сцената каде убавиците се преоблекувале, за да се увери дека „се е во ред“. Токму на тоа може да се должи изразот на Мис Калифорнија.

Знаете ли се за Доналд Трамп и Хилари Клинтон?

Првата жена член на одборот на директори на Вол Март

Клинтон беше првата жена што некогаш седнала во бордот на директори на американскиот ланец на супермаркети Вол Март. Компанијата, најблаго кажано, не е позната по тоа што е пријателска работна средина. Години подоцна, Хилари ја потпишуваше автобиографијата во една од продавниците на Вол Март - каде што вработените не можат да си дозволат да купат копија.

Знаете ли се за Доналд Трамп и Хилари Клинтон?

Дополнителен, но профитабилен бизнис

Иако кариерата ја започна со недвижности, Трамп се појавуваше и на голем број филмови и телевизиски шоуа, вклучувајќи го и реалното шоу „The Aprentice“. Тој е член на организацијата на телевизиски актери и од таму добива годишна пензија од 110.000 долари за неговите телевизиски појавувања. Ѕвездата на познатиот „Булевар на славата“ во Холивуд ја доби во 2007 година.

Знаете ли се за Доналд Трамп и Хилари Клинтон?

Жена со многу стилови

Како прва дама на САД, Хилари Клинтон беше позната поради експериментирањето со различните стилови. Во 1996 година магазинот „Венити Фер“ тврдеше дека таа сменила 43 фризури. На сликата е прикажана фризурата која ја носеше кога зборуваше за Моника Левински, практикантката со која нејзиниот сопруг имаше афера.

Знаете ли се за Доналд Трамп и Хилари Клинтон?

Во „коцкастиот“ круг

Трамп имаше бројни појавувања во боречкиот ринг како дел од наводната кавга со шефот на “World Wrestling Entertainment” Винс МекМахон. Учеството на Трамп во наместени борби му донесе место во „Wrestling Hall of Fame“. Веројатно е дека Трамп би сакал да ја повтори сцената на сликата со Хилари.

Знаете ли се за Доналд Трамп и Хилари Клинтон?

Освојувач на Греми награда

Многумина од оние кои се спротивставуваат на Хилари и добар дел од нејзините подржувачи се согласни дека гласот на Хилари не е многу пријатен за ушите. Сепак, тоа не ја сопре да освои Греми награда во 1997 година за најдобар говорен перформанс за аудио книгата на нејзината автобиографија. Патем, истата година Селин Дион освои награда за најдобар албум.


Следете нѐ