1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победа на Германија

Штефан Нестлер, Агенции (емф)22 јануари 2009

Бранителот на титулата, светскиот првак Германија, веќе го има билетот в џеб за вториот круг натпревари на Светското првенство во ракомет. Екипата на Хајнер Бранд, синоќа во Вараждин, ја победи Македонија со 33:23.

https://p.dw.com/p/Ge1Z
Холгер Гландорф и Филип Миркуловски во дуелФотографија: AP

Десет гола разлика во конечниот резултат можеби звучи како јасна надмоќ на германските ракометари, но во добар дел на натпреварот воопшто не изгледаше дека победата на Германија ќе биде јасна. Напротив. Во првото полувреме германските ракометари имаа премногу промашувања и Македонија, на полувремето заслужено замина на одмор со водство од еден гол 14:13.

Се чини дека за време на паузата со чај, тренерот Хајнер Бранд ги пронајде вистинските зборови за својот тим, зашто играта на екипата во второто полувреме изгледаше сосема поинаку. Тренерот Бранд сведува ваков биланс: „Одбраната беше многу добра. Во нападот игравме добро, но имаше и избрзани потези. Во второто полувреме игравме континуирано, имавме добри контранапади кога Македонците беа веќе уморни и така добивме предност.“

Croatia Handball World Championships
Кирил Лазаров даде девет голаФотографија: AP

Без Лазаров значеше и речиси без голови

За победа на Германија, веројатно многу придонесе и тоа што најдобриот стрелец во македонскиот тим, Кире Лазаров добри црвен картон и беше исклучен на средината од второто полувреме. Без Лазаров, кој постигна девет гола, Македонија до крајот на натпреварот даде уште само три гола. Македонија денеска игра со репрезентацијата на Русија и само со победа има шанса да ги продолжи натпреварите на Светското првенство во вториот круг.

Германската репрезентација попладнево исто така се соочува со тежок противник - екипата на Полска, која е светски вицепрвак и која, се разбира, поради отворената сметка од загубеното финале на светското првенство во 2007 година сака да и‘ се реваншира на Германија.