1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Победниците и губитниците во северна Сирија

Рајнер Херман | ФАЦ
21 октомври 2019

Офанзивата на Турција во северна Сирија и променливиот курс на САД се причина за комплетна промена на ситуацијата во регионот, не само во регионите каде има борби, туку во целиот Блиски Исток, смета Рајнер Херман од ФАЦ.

https://p.dw.com/p/3RdLg
Türkei-Syrien Konflikt, Syrischer Soldat hält Assad-Portrait hoch
Сириски војници во пограничниот град КобанеФотографија: AFP via Getty Images

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу со право се радуваше на договорот постигнат во четвртокот помеѓу Реџеп Таип Ердоган и американскиот потпретседател Мајк Пенс во Анкара. Турција доби што сакаше, рече тој. За првпат САД се согласија со барањето на Турците за 32 километри долга безбедносна зона долж границата со Сирија. САД ветија дека ќе ги повлечат курдските милитантни, односно теренските борци на Вашингтон во битката со ИСИС од тој безбедносен појас. Договор беше постигнат и околу тоа во таа зона да бидат населени сириски бегалци од Турција. Јасен победник тука е Турција. Тоа што не го постигна на политички план, ѝ успеа со офанзивата што ја започна на 9 октомври во Сирија и заради која Пенс допатува во Анкара. Турција откри каде се слабостите на Трамп и нивниот голем ризик сега беше награден. Турската армија ќе остане таму каде што беше во четвртокот вечерта. Во секој момент може да продре подлабоко. Но, курдските милитанти мора да се повлечат 32 километри. 

Асад како последна сламка за спас

Вториот сигурен победник е сирискиот режим. Со американската двојна грешка - прво најавувањето дека американските војници ќе бидат повлечени од Северна Сирија, а потоа и попуштањето на Турција - Башар ал-Асад сега пак ја има речиси цела Сирија под контрола, со исклучок на провинцијата Идлиб и деловите кои ги контролира Турција. А, сето тоа без да испука ниту еден куршум. Курдите се фаќаат за последната сламка за спас и го повикаа режимот во Дамаск напомош. Сега може да дојде до воени судири меѓу НАТО-членката Турција и Сирија, зад која стои Русија. НАТО веќе појасни дека во тој случај не важи правилото сите зад еден.

Rainer Hermann, FAZ & Klett-Cotta
Рајнер Херман, Франкфуртер алгемајне цајтунгФотографија: Helmut Fricke

Иран е третиот победник. Од револуцијата во 1979 повлекувањето на САД од Блискиот Исток е едно од најважните барања на мулите од Техеран. И токму претседателот Трамп кој се зафати со тоа на Иран да му ги постави границите, ја исполнува таа желба на Исламската република. Повлекувањето и губењето на релевантност се одвива постепено и изгледа нереверзибилно. Пакс Американа на Блискиот Исток се заменува со владеењето на Иран, кој сака да стане нова хегемонијална сила. Тоа е третиот ризик: ако Америка, „големата Сатана“ веќе не е примарниот непријател, во преден план настапува Израел, „малата Сатана”. Шиитската Хизболах која е поврзана со Иран има 130 илјади ракети во својот арсенал кои се насочени кон Израел.

Путин со сигурен инстинкт

Незамислива е победата на Турција, Сирија и Иран без Русија. Промената на распределбата на силите на Блискиот Исток му оди во прилог на рускиот претседател Владимир Путин. Со сигурен инстинкт првиот човек на Кремљ ја користи секоја шанса која ќе му се укаже и го пополнува секој настанат вакуум кој другите го прават од глупост. Се исплати инвазија во други земји (примерот со Украина), да се фрлаат бомби врз цивили (примерот со Сирија), да се задуши мирољубивата опозиција (како во Русија). Доколку продолжи по истиот принцип, тоа ќе биде ризик не само за Блискиот Исток, туку и пошироко.

Најопасниот победник е всушност „Исламската држава“, која може да се реорганизира во светло на превирањата околу овој конфликт. Потврда за тоа се најновите самоубиствени напади во курдските градови во Сирија. Ако само неколку стотици нивни борци успеат да побегнат од затворите во завојуваниот север на Сирија, тогаш теророт со сигурност се враќа.

Петмина победници, многу губитници

Наспроти петтемина победници има многу губитници. Првите се САД, чиј кредибилитет опаѓа со забрзано темпо. Пред само еден месец, по нападот врз најголемата нафтена рафинерија во Саудиска Арабија, беа зад Иран или иранските сојузници. САД тогаш се повлекоа поради страв од одмазда. Сега, по трет пат по 1975. и 1991., им вршат предавство на Курдите. Курдите веќе нема се мислат дали да им веруваат на Американците. Кому му е потребен сојузник на кого не можеш да се потпреш? Губитници се и двете водечки сили во арапскиот свет, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, кои му се приближија на Иран и градат блиски односи со Русија. Со тоа дополнително се ослабува арапскиот свет, без лидерство и сѐ повеќе препуштени сами на себе. Во вакви околности протестите против навидум стабилните арапски режими повторно се зголемуваат. Протестите кои започнаа во 2011 година денес продолжуваат. Тоа е за поздравување, но води кон натамошна дестабилизација, чии последици ќе се почувствуваат и во Европа. И што прави Европа? Сѐ се сведува на дебати околу забрана за извоз на оружје, дали и каква улога има европското оружје во овој регион, и дали тоа ја надминува нивната одговорност во соседството. Притоа конфликтите и кризите на Блискиот Исток пред сѐ ја погодуваат Европа.