1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Побрзи реформи, побрз влез во ЕУ

Михаел Рот
28 септември 2016

Вратата на ЕУ останува отворена за Западен Балкан, пишува во гостинската колумна за ДВ Михаел Рот, државен секретар во германското Министерство за надворешни работи.

https://p.dw.com/p/2QgDW
Berlin Michael Roth
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. v. Jutrczenka

Расположението за проширување на ЕУ не е најведро и тоа не почна со референдумот за Брегзит. Граѓаните во ЕУ очекуваат Унијата прво да си ги реши своите сопствени проблеми, а потоа да прима нови членки. Тоа и на Западниот Балкан предизвикува загриженост. Затоа сигналот испратен од конференцијата во Париз во јули, во рамки на т.н. Берлински процес, беше толку важен: зацврстен е ставот за ЕУ-перспектива, а приклучувањето би следувало откако ќе се исполнат сите неопходни услови за тоа.

Граѓаните од државите од Западен Балкан, пак, се уверени дека приближувањето кон ЕУ оди пребавно. Неопходните реформи од нив бараат многу. Затоа политичарите се дотолку повеќе обврзани да придобијат поддршка за заедничката цел - приклучување кон ЕУ. Тоа е во заеднички интерес. Државите од Западен Балкан профитираат од заедница која е светски симбол за пораст, солидарност, слобода и демократија која почива врз цврсти вредности. ЕУ, од друга страна, профитира од еден стабилен и демократски регион.

Моментот на приклучување зависи од самите земји: колку побрзо се спроведуваат реформите, толку поблиску е приклучувањето. Кога ќе се случи приклучувањето зависи помалку од ЕУ, а повеќе од темпото на промени во самите земји. Критериумите се јасни, а ЕУ не ги остава земјите сами и ќе им дава поддршка на нивниот пат и натаму.

Развојот во регионот се следи внимателно

За нас приоритетен е демократскиот развој и развојот на правната држава. Тоа за нас е фундаментален критериум за можно приклучување. ЕУ и Србија неодамна отворија клучно поглавје од преговорите, што е чекор кој е важен и кој радува. Сега по зборовите треба да следуваат дела. Станува збор за спроведување на сѐ она што српската влада си го има зацртано конкретно во своите Акциски планови за поглавјата 23 и 24. Србија тука е на добар пат. ЕУ следи многу внимателно што се случува во делот на слобода на медиумите, независност на правосудството, основните и човекови права.

Притоа, јасно е дека промените кои се однесуваат на целото општество не може да се спроведат преку ноќ. Неопходните реформи не се ниту цел сама за себе ниту отстапка во однос на ЕУ, туку треба да им бидат од полза на сите српски граѓани. Истото важи и за помирувањето во регионот и добрососедските односи. Тие служат за трајна стабилност во регионот и би требало да го подобрат соживотот на луѓето.

Заеднички став кон Русија

Државите на ЕУ и покрај различните историски искуства и сфаќања, постигнаа согласност за заеднички став кон Русија. Притоа, ЕУ својот однос кон Русија не го заснова само на санкции, туку и на дијалог. Никако не сакаме политика против или без Русија. Не се работи ниту за тоа Србија да ги прекине своите врски со Русија.

Во ЕУ се работи за заеднички политички настап, меѓу другото и кон Русија. Одлуката да стане членка на ЕУ Србија ја донесе потполно свесна дека тоа во процесот на приближување ќе мора да значи и континуирано приближување на својата надворешна политика кон надворешната политика на ЕУ.

 

Михаел Рот, 1970, е долгогодишен пратеник на СПД и од 2013 година Државен министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи. Од јануари 2014 година тој е и ополномоштеник на Сојузната влада за германско-француска соработка. На средината од септември тој престојуваше во Србија на разговори со претставници на српската влада, парлаемнтарци, студенти и претставници на цивилното општество. По тој повод Михаел Рот пишува за ДВ.