1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќето банки успешно го минале „стрес-тестот“?

23 јули 2010

Европскиот банкарски систем денеска ги очекува резултатите од т.н. „стрес тест“ кој треба да ја утврди способноста на 91 банка да се справат со кризни ситуации. Германската влада со оптимизам ги очекува резултатите.

https://p.dw.com/p/OSQn
Стрес-тестот нема да го мине една десетина од банките, велат експертитеФотографија: Bilderbox

Во владата во Берлин се уверени дека очекувањата од тестот ќе се остварат и оти ќе дојде до смирување на финансиските пазари:

„Не сметаме на тоа дека за нас ќе се појави потреба за интервенирање по објавувањето на резултатите на тестот“, изјави портпарол на сојузното министерство за финансии.

Германските покраински банки го минале тестот?

Die Firmenzentrale der Hypo Real Estate Holding AG
„Хипо“ банката падна на испитот?Фотографија: AP

Меѓу 91 банка која беше подложена на испитувањето има 14 германски, меѓу нив и најголемите приватни банки „Дојче Банк“ и „Комерцбанк“, како и поголемите покраински банки. Токму за покраинските банки деновиве се ширеа гласини дека можеби нема да го минат тестот, но денеска германските весници пишуваат дека некои од нив веќе ги добиле резултатите од Европската комисија за надзор на банките (ЦЕБС) кои се позитивни. Неофицијалните информации велат дека најголемиот дел од сите испитувани банки успешно ќе го минат тестот.

Загрозени десет банки

Германските аналитичари очекуваат единствено „Хипо“ банката за кредитирање на недвижности од Минхен да има проблеми. Европските финансиски експерти, пак, сметаат дека 10 од 91 испитувана банка нема да го минат тестот, меѓу нив банки од Шпанија, Германија и Грција.

Дали овој „стрес-тест“ ќе донесе светлина во мракот на европскиот банкарски сектор е спорно. Во ЕУ, меѓутоа, се надеваат дека евентуалните позитивни резултати од „стрес- тестот“ ќе ја подигне довербата на инвеститорите и финансиските пазари во стабилноста на банките, што ќе влијае позитивно и на курсот на еврото кој е во постојан пад.

Автор:СН/БГ/дпа/ртре

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска