1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе не е судбина, туку шанса – емиграцијата од Бугарија

Благородна Григорова/Александар Методијев11 октомври 2012

Емиграцијата од Бугарија беше со децении одлука за живот, бидејќи поради комунизмот немаше враќање назад. Но, приближувањето кон ЕУ им отвори на Бугарите нови можности за патување.

https://p.dw.com/p/15zMF

Всушност сакав да студирам во странство, објаснува 26-годишната Красимира Марјанска, која студира медиумски студии на Универзитетот за применети науки во Диселдорф. Таа мечтаела тогаш за Велика Британија или за САД.

Porträt Krassimira Maryanska
Красимира Марјанска е на студии во ДиселдорфФотографија: DW

„Сепак во гимназија сфатив дека многу луѓе одат на студии во Германија. Како и мојот братучед. Тој замина за Келн и мене ме убеди да го направам истото“, објаснува таа. Квалитетот на студиите таму е подобар отколку во Бугарија – и’ појаснил братучедот. „Германската диплома ќе ми отвори повеќе врати, отколку бугарската“, смета Красимира. Потоа таа започнала да учи германски. По матурата таа заминала за Германија, како и најголем дел од луѓето на курсот по германски јазик.

Студирањето во Германија – масовен феномен

„Студирањето во Германија од почетокот на 2000-та година вистински се разви во мода во Бугарија“, смета социологот Марина Лијакова, која го истражува иселувањето од Бугарија. До 2004-та година бројката на бугарски студенти во Германија постепено се зголемуваше. Во зимскиот семестар од академската 2004/2005 година тие беа втората најбројна група странски студенти на германските високо-школски установи со 12.500 лица, веднаш зад студентите од Кина.

Трендот се промени во 2007-ма година, кога во Германија се воведе школарината. Освен тоа, истата година Бугарија стана дел од ЕУ и со тоа беа отстранети ограничувањата на германскиот пазар на труд.

„Дел од Бугарите само про-форма се запишуваа на германските универзитети за да добијат пристап до пазарот на труд, но потоа тоа не беше потребно“, вели Лијакова.

Сепак, во 2011-та година во Германија студираа уште 8.000 студенти.

Првиот емиграциски бран кон Запад

Повисокиот животен стандард, како и подобрите можности за заработувачка ги привлекуват и натаму бугарските граѓани кон Германија. Веднаш по колапсот на комунистичкиот режим илјадници Бугари ја напуштија земјата – најголем дел отидоа во САД и во Западна Европа.

Illegale Einwanderung
Гранични полицајци спречуваат група Бугари, нелегални мигранти, да влезат во ГерманијаФотографија: picture-alliance/ZB

Пред се’ стануваше збор за млади, добро образувани луѓе. Еден голем дел од емигрантите кои отидоа во Германија побара политички азил - до 1994-та година над 80.000 лица. Тие бараа азил, бидејќи не гледаа друг пат како легално да се населат во Германија, а не затоа што се политички прогонувани во Бугарија.

Во поглед на овој миграциски бран, Германија ја заостри својата политика за азил и потпиша договор со Бугарија за враќање и реинтеграција на овие луѓе. Освен тоа Германија, како и мнозинството западноевропски земји, создаде ограничувања за бугарските граѓани. Наметнатите бариери за патување не ги обесхрабрија Бугарите, туку доведоа до зголемување на нелегалната емиграција. Многу луѓе патуваа кон Германија како туристи и остануваа таму на илегален начин по истекот на визата. Посетите на татковината под овие услови беа речиси невозможни.

„Легална можност да останат во Германија во 90-те години на минатиот век добија оние кои во Сојузната република сакаа да студираат или таму имаа членови од семејството“, објаснува Марина Лијакова.

Секој петти Бугарин живеел во странство

Од 2001-ва Бугарите можат да патуваат кон Германија без виза. Тоа исто така ја промени и миграцијата. Пред се’ од приемот на Бугарија во ЕУ енормно порасна економската миграција, нагласува Лијакова. „Луѓето од сите социјални слоеви си ја бараа среќата во странство“, додава таа.

Во меѓувреме, секој петти Бугарин има живеено во странство повеќе од три месеци, потврди едно истражување на Фондацијата Сорос - „Отворено општество“ во 2011-та година во Софија за искуството во странство, како и за желбите за миграција. Три четвртини од анкетираните сакаат да работат во странство. „Притоа Германија е многу популарна“, вели Алексеј Пампоров, социолог во Бугарската академија на науките и експерт во Фондацијата Сорос. Студијата покажа дека се работи за лица кои сакаат да работат во гастрономија или градежништво или, пак, прифаќаат нископлатени работи. Но, Германија е омилена и меѓу младите и доброквалификуваните луѓе, нагласува Пампоров. „Посебно атрактивна е Германија за медицинските сестри, докторите и инженерите“, додава тој.

Studenten Hörsaal Uni Oldenburg
Младите Бугари се‘ почесто доаѓаат на студии во ГерманијаФотографија: dapd

Назад во татковината?

Економската и финансиска криза натера многу Бугари од цела Европа да се вратат во татковината. Националниот статистички институт утврди дека од 2006-та година се’ повеќе Бугари се враќаат во татковината. И покрај таквиот тренд, бројките на бугарските државјани со официјален престој во Германија се речиси трипати зголемени од влезот на земјата во ЕУ – од 39.000 на 94.000 во 2011-та година. Повеќе не постојат пречките при патувањето и одлуката да се емигрира пред се’ на младите луѓе не им паѓа така тешко. „Бидејќи тие знаат дека тоа повеќе не е судбинска и неповратна одлука“, објаснува Лијакова. Кога еднаш ќе слетаат во Германија многу бугарски студенти повеќе не сакаат да се вратат назад. Тие се решени на тоа уште од почетокот на студиите, објаснува експертката.

Лошата слика за Бугарија во странство плаши многумина од враќањето назад. Ова треба да го промени здружението на Бугарите со образование и искуство во странство „Тук – Там“. Здружението го основаа седум пријатели во 2008-ма година, кои се вратиле во татковината по студиите во странство. Тие сакаат да им помогнат на оние кои како нив со текот на времето ги загубиле социјалните контакти и кои имаат искривена слика за работата во Бугарија.

„Многу често родителите ги обесхрабруваат своите деца да се вратат дома, бидејќи тие се незадоволни од својата сопствена ситуација“, вели Бојко Благоев од „Тук – Там“.

Сосема поинаку е во случајот на Красимира Марјанска. Нејзините родители сакаат таа да се врати. Но, за враќањето во татковината таа има одредени услови.

„Веројатно би барала работа во германска компанија во Бугарија, бидејќи само таму би се чувствувала пријатно“, вели таа. Исто како и нејзиниот братучед, кој по економските студии во Келн се врати назад и има најдено добро платена позиција во една голема германска трговска компанија. Без оглед што и’ носи иднината, едно е сигурно – со германската диплома в чанта и искуството во странство Красимира има многу можности, какви како девојка нема на некое друго место.

Портрети на успешни Бугари во Германија

[No title]

[No title]

Радостина Русева

Нели Костадинова

Димитар Гочев