1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе чувства ве молиме!

Кај-Александер Шолц/превод:СН29 јули 2016

Бегалската криза и исламистичкиот терор тешко ја погодија Германија. Општеството е поларизирано. Она што Меркел мисли да го направи за надминување на ваквата ситуација, едноставно не е доволно, смета Кај-Александер Шолц.

https://p.dw.com/p/1JXbX
Фотографија: Getty Images/Gallup

Канцеларката не е позната по емоционални говори. Затоа најавата на некои медиуми дека Ангела Меркел ќе има „обраќање до нацијата“ беше едноставно заблуда.

Како и секогаш при вакви поводи, таа главно сортираше и анализираше. Покрај тоа, форматот беше поинаков - нејзината годишна летна прес-конференција, која поради крвавите нападите од последните денови, се одржа порано од првобитно планираното.

Меѓутоа и очекувањата беа поинакви од претходните години. Првите исламистички терористички напади во нивната земја расколебаа многу Германци, предизикаа страв и отворија бројни прашања.

Прашања и за тоа дали беше исправно, да се примат толку многу бегалци во земјата без притоа од самиот почеток да се има контрола врз ситуацијата. Не само на социјалните мрежи можеше да се прочита многу за тоа, туку и занаетчијата зад аголот, поштарот и луѓето на село зборуваат за тоа. Не сите, ама многумина. Без притоа да се споменува најжестокиот противник на бегалската политика на Меркел- популистичката партија Алтернатива за Германија (АфД)

Scholz Kay-Alexander Kommentarbild App
Кај-Александер Шолц

Исправно не е доволно

Во 90-те минути Меркел најде премалку зборови за ваквата емотивна состојба. Можеби е исправно, како што рече, политиката да не смее да си дозволи да се води од чувства на страв и оти се потребни многу поединечни чекори, за исправно справување со комплексните предизвици.

Исто така е точно дека веќе е сторено многу за политиката за азил во Германија и во Европа да биде поставена на постабилна основа.

Но во овие времиња, Меркел требаше да покаже поголемо срце - шансата е пропуштена. Во нејзиниот говор и во нејзините одговори на новинарите недостасуваа мостови, која таа мораше да ги изгради, за да ја запре растечката поларизација меѓу приврзениците и противниците на нејзината бегалска политика.

Можеби овојпат требаше вербално или буквално да утри со тупаницата на маса за да сигнализира: доста е. Пакетот од девет точки за поголема безбедност кој го претстави беше слабокрвен и ја промаши целта.

АфД ликува

Речиси на самиот крај од 90-минутината прес-конференција двајца новинари од Холандија и Полска се обидоа да извлечат повеќе емоции од Меркел. Што би одговорила таа, прашаа тие, ако на улица би ѝ го поставиле прашање дали нејзината политика на добредојде е виновна за теророт во Вирцбург.

Меркел одговори дека одбивањето да се преземе хуманитарна одговорност би имало лоши последици за Германија. Зошто таа не отпатувала во Вирцбург или Ансбах, гласеше следното прашање.

Канцеларката одговори дека одлучува од случај за случај и дополни дека наместо тоа решила да присуствува на комеморацијата во Минхен. Одговорот можеби во основа е исправен, но прашањата изискуваа повеќе емпатија.

АфД ликува во социјалните мрежи по настапот на Меркел. Без оглед колкава потврда за исправноста на политиката на Меркел чувствуваат во нејзиниот табор, по овој четврток истото тоа важи и за нејзиите критичари.

Меркел, како што рече, сака со дела да ги убеди гласачите на Алтернатива за Германија, повторно да се вратат кај другите партии. Но само дела нема да бидат доволни.