1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повлекувањето од Газа проследено со големи потешкотии

15 август 2005

Поради бројните протестни манифестации на доселениците проследени делумно и со улични барикади, израелската армија и полиција до пладне успеаја да ги достават службените налози за иселување само во три од вкупно 21 населба.

https://p.dw.com/p/AcDN
Палестинците го слават претстојното повлекување на израелските населби од Газа
Палестинците го слават претстојното повлекување на израелските населби од ГазаФотографија: AP

За да се одбегне опасноста од судири со противниците на повлекувањето, војската во неколку населби не се ни обиде да влезе.

Еврејските доселеници во Појасот Газа пружаат се‘ уште силен отпор против наредбата на централната влада во Ерусалим за напуштање на населбите. Во службените налози што армијата и полицијата денеска се обидуваат да им ги достават на доселниците стои дека имаат последен рок од 48 часа за иселување. Оние кои нема да го испочитуваат ќе бидат присилно иселени, а ќе загубат и една третина од ветената финансиска помош од државата. Во знак на протест против ваквата политика на владата на Ариел Шарон неколку стотици демонстранти во населбата Неве Декалим, на пример, денеска го блокираа главниот влез. Кога војниците се обидоа да влезат на една друга порта беа обиколени од доселениците. Група доселеници веднаш ги запали официјалните налози за иселување што им ги врачија војниците.

„Силите за безбедност се решени да ја спроведат оваа мерка и тоа го прават со неопходна чувствителност„ – појасни портпарол на израелската армија.

Министерот за одбрана Шаул Мофас најави дека војската нема насилно да влегува во населбите. Нашата политика е да помогнеме на секаков можен начин, порача Мофас преку израелските медиуми. „Ова е болен и тежок ден, но исто така е и историски„ – порача израелскиот министер за одбрана преку армиското радио. И заменик премиерот Ехуд Олмерт се обиде да објасни дека заштитата на неколкуте илјади Израелци во пренаселениот Појас Газа каде живеат и преку 1,5 милион Палестинци станала преголемо оптоварување за силите за безбедност. Владата во Ерусалим се надева дека со повлекувањето од 21 наслеба од Појасот Газа и уште 4 од Западниот брег на реката Јордан ќе си обезбеди сигурност од палестинските атентатори.

Во меѓувреме илјадници палестински полицајци зазедоа позиции во близина на израелските населби, со намера да спречат напади на палестинските милитанти. Денеска израелските војници во близина на населбата Гуш Катиф мораа да стрелаат во воздух за да задржат на доволно растојание неколку стотици Палестинци, меѓу кои и маскирани вооружени лица. Стотици приврзаници на милитантните организации Хамаз и Исламски Џихад денеска со истрели во воздух го славеа повлекувањето на Израелците од Газа. Приврзаници на Исламски Џихад делеа и слатки на улица, нагласувајќи дека повлекувањето е резултат токму на нивната политика на самоубиствени атентати врз Израелците. Претседателот на Палестинците Махмуд Абаз, пак, повторно го пофали повлекувањето на израелските населби.