1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повлекувањето ќе биде погрешна одлука

Нина Веркхојзер21 октомври 2008

Германската влада остро го осуди последниот самоубиствен напад врз припадниците на Бундесверот во Авганистан, во кој загинаа двајца германски војници и пет деца.

https://p.dw.com/p/Fdyq
Оклопни возила на Бундесверот во АвганистанФотографија: picture-alliance/ dpa

„Кукавичи и подмолен„ вака синоќа во Берлин реагираше министерот за одбрана Франц Јозеф Јунг, кој по веста од Кундуз за самоубиствениот напад врз припадниците на Бундесверот, мораше да го прекине одморот. Тој објасни дека војниците биле на пат кон воен склад од каде требале да подигнат муниција:

„Нашите војници се наоѓале во оклопно возило „Мунго". Атентаторот се приближил со велосипед и го активирал експлозивот при што настрадале двајцата војници. Едниот од нив во моментот на нападот се наоѓал во близина на децата кои си играле„ изјави Јунг

Во нападот се повредени уште две деца и двајца германски војници. Двајцата настрадани војници биле дел од специјалниот батаљон во Цвајбрукен, Германија, кој беше испратен како засилување во Кундус. И покрај зголемениот број на напади, Јунг смета дека мисијата треба да продолжи:

Bundesverteidigungsminister Franz-Josef Jung nach Anschlag in Afghanistan
Министерот за одбрана, Франц Јозеф ЈунгФотографија: AP

„Доколку не се бориме против теророт во Авганистан, тогаш тој ќе дојде кај нас. Според тоа нашите војници даваат важен придонес за нашата безбедност„

Поделеност во реакциите

Политичарот за Европа, Чем Ездемир, кој е предложен за претседател на Партијата на Зелените, смета дека Бундесверот неможе вечно да остане во Авганистан. Тој побара објаснување од канцеларката Ангела Меркел. Неговиот партиски колега, Винфрид Нахтвеи, пак смета дека сега не е момент за дебата за повлекување:

„Ќе биде многу погрешно доколку трупите се повлечат поради овој тежок убиствен напад. Најголем дел од тамошното население сака тие да бидат присутни на теренот. Тие се неопходни за поддршката во обуката на авганистанските сили за безбедност и државните органи„

Пратеникот од Партијата на Левицата, Волфганг Герчке, кој заедно со своите сопартијци гласаше против последната одлука за продолжување на мисијата во Авганистан до крајот на 2009 година и зголемување на трупите на максимални 4500 војници, има поинаков став:

„Конечно мора да се свати дека оваа војна не треба да се добие по воен пат, што во последно време го слушаме од повеќе армии. Мора да се бара политичко решение и да се зголеми притисокот за одржување мировна конференција во Авганистан. Исто така е потребно и да се повлечат германските војници од Авганистан„

Меѓутоа министерот за одбрана Јунг, останува на концептот за таканаречената поврзана безбедност, која подразбира воена и цивилна обнова.