1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повлекување од Косово: „Балканот не е Германија“

Нико Поинтнер (дпа)
17 август 2018

Германските војници се повлекуваат од базата во Призрен. Во текот на речиси 20-годишното присуство, во мисија беа испратени 130.000 германски војници, потрошени беа милијарди евра. Дали целиот напор се исплатеше?

https://p.dw.com/p/33ISM
Bundeswehr KFOR-Mission im Kosovo
Фотографија: picture-alliance/dpa/M.Gambarini

Пред капелата имаат направено патека, покрај која се посадени рози во различни бои. Ако се следи патчето, по само неколку чекори се стигнува до фитнес-студиото „Спортска оаза“. Малку подолу се направени патека за трчање, тениско игралиште и спортска сала. Освен тоа, има барови, ресторани и, во позадина, зелени планински кулиси. Ако се игнорираат униформите, жичената ограда, стражарниците, тогаш германската база во Призрен би можела да се измеша со некој забавен спортски парк.

Бундесверот е во мисија на Косово од 1999 година. Речиси две децении, во текот на кои војниците требаше да создадат безбедност во регионот. Покрај тоа, Германците овде, во базата на југот на Косово, си создадоа дом - на оддалеченост од околу 1300 километри воздушна линија од Берлин.

Имаат згради со имиња како „Зелена вила“, „Црвен штаб“ или „Сина резиденција“. Имаат поставено германски сообраќајни табли и жолти поштенски сандачиња. На шега некои велат дека се во Бад Призрен (Бад во името имаат многу германски места, каде вообичаено има бањи или други погодности за терапии и опоравување, н.з.).

„Кога би биле овде уште 20 години, можеби би имале и базен“, се шегува Детлеф Г. Овој армиски офицер го познава секој агол на базата. Во мисија на Косово бил веќе шест пати. Ова е негова последна мисија овде. Зашто, војниците ја затвораат базата. Мисијата на Бундесверот на Косово со тоа не завршува целосно. Неколку десетини војници треба да останат во Приштина. Но, со оглед на тоа што голем дел од Германците се сместени во Призрен, со повлекувањето од оваа база завршува и дел од историјата на Бундесверот. Таканаречената КФОР-мисија е досега најдолгата мисија на германските сили. И, таа е темелот на промената на Бундесверот и претворањето во армија која се ангажира во странство.

КФОР некогаш броеше 50.000 војници од 40 држави. Денес за обезбедување на мирот се активни уште само 4.500 војници. Тие, на пример, помагаат во формирањето на косовските безбедносни сили. Трупите во Призрен беа долго време специјализирани за медицинско снабдување на меѓународните сили.

Kosovo Bundeswehr Pristina
По повлекувањето од Призрен, на Косово, односно во Приштина, ќе останат само уште неколку десетини германски војнициФотографија: DW/R. Jung

Кој дефинира што е стабилно?

На почетокот на мисијата, задачите на војниците беа главно јасни. Владееја конфликти и насилство. Тогашниот министер за надворешни работи Јошка Фишер од Зелените, ги оправда бомбите во косовската војна во 1999 година со слоганот: „Никогаш повторно Аушвиц“. Во знак на протест, на вонреден партиски конгрес на неговата мировна партија, доби удар во главата со балон со боја.

Со текот на годините целите се менуваа. Прво Бундесверот на Косово требаше да го надгледува повлекувањето на српските трупи. Потоа Германците требаше да помагаат за „развој на стабилно, демокрaтско, мултиетничко и мирно Косово“, односно накусо - да ја стабилизираат земјата. Но, кој дефинира што е стабилно?

Меркел против промена на границите на Балканот

Мисијата на Косово само во 2016 година, според податоците на Бундесверот, чинела 3,4 милијарди евра. Таму животот го загубија 27 војници. До крајот на годината, војниците на Бундесверот сакаат сосема да ја испразнат базата во Призрен. Но, дотогаш ги чека уште многу работа.

Детлеф Г. е во една од халите. Часовникот покажува 10:37, топло е и загушливо. Неколку метри пред него два транспортера минуваат низ еден вид „автопералница“. Секое возило кое допрело косовска почва и кое мора да биде транспортирано во Германија, мора да биде измиено со киселина. Со тоа треба да се спречи во татковината да бидат пренесени предизвикувачи на болести како птичји грип.

„Секогаш радо престојував овде“, вели баварецот Детлеф Г. Тој ги сака топлото време и околината. Сега зградите во базата или ќе бидат урнати, или ќе бидат реновирани. На тоа место би требало да се создаде парк за иновации и обука за Косовците. Детлеф Г. во меѓувреме се чувствува безбедно во земјата. Но, тоа не било секогаш така. Добро се сеќава на првата своја мисија на Косово пред повеќе од 10 години. Тогаш во утринските часови сѐ уште имало пукотници и експлозии.

Balkan - Konflikt zwischen Kosovo und Serbien - Bundeswehreinsatz
Мисијата на Косово само во 2016 година, според податоците на Бундесверот, чинела 3,4 милијарди евраФотографија: picture alliance/dpa/V. Xhemaj

Мисијата е исполнета?

Додека германските војници се повлекуваат од Косово, се прошируваат најопасните и најголемите мисии на Бундесверот - во Авганистан и во Мали. Експертите критикуваат дека нема безбедносно-политичка стратегија. Пратениците во Бундестагот постојано само ги продолжуваат мандатите за мисиите на Бундесверот. Овој ритуал за Косово беше повторен во јуни.

Повеќе: На Косово нема многу причини за славје

Каква земја напушта Бундесверот? Командантот Кристијан Кизел во моментов стои на чело на 50. контингент. И тој се враќа во татковината. Покрај вратата на неговата канцеларија има слика на Урсула фон дер Лајен од младите години. Иако министерката за одбрана од редовите на ЦДУ редовно ги посетува трупите, на Косово не била уште до 2014 година. Мисијата КФОР важи за „заборавена“ мисија. Тоа може да се толкува како добар знак, како знак дека веќе не се пука.

43-годишниот Кизел смета дека мисијата е карактеристичен пример за успешна воена мисија. „Ние, меѓу другото, се повлекуваме и заради тоа што работите овде функционираат.“ Бундесверот за 20 години има создадено безбедност, која е основа за добар развој на регионот.

Меѓутоа,во Призрен речиси веќе и нема Срби. Во поделениот град Митровица на северот на Косово, каде Албанците и Србите се соседи, ситуацијата е многу потензична.

Па, ако земјата е толку безбедна, зошто трупите досега не се повлекоа? „Тоа ќе мора да ги прашате политичарите“, вели командантот.

Deutschland Bundeswehr Verteidigungsministerin Ursula von der Leyen bei Soldaten
Министерката Урсула фон дер Лајен последен пат ги посети трупите на Косово во 2014 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Да, мирно е, но дали е стабилно?

Колку е Косово, десет години по прогласувањето независност, навистина демократско и мирно? Одговорот зависи од аголот на гледање на работите. За многу граѓани ситуацијата е безнадежна. Владеат сиромаштија и рекордна невработеност. Земјата со речиси два милиона жители, од кои околу 100.000 Срби, важи за една од најкриминалните и најкорумпираните држави во Европа.

Повеќе: Албанија и идејата за корекција на границите

Национализмот на Балканот се засилува на многу места. Старите конфликти не се решени. Судирот со Србија, кој трае, парализира многу сфери од општествениот и економскиот живот. Германската влада и самата во текстот за продолжување на мандатот зборува за „потенцијал за конфликти и ескалација“.

Се разбира дека има уште проблеми, вели Кизел. Криминалот со дрога во регионот е во пораст. Но, воените сили тоа не можат да го решат, со тоа ќе мора да се справат Косовците. Работите не смеат да се мерат со германски аршин, вели Кизел: „Балканот не е Германија.“