1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повторно крвав ден во Сирија

17 септември 2011

Сирискиот претседател Башар ел Асад се‘ уште употребува сила во справувањето со противниците на режимот. Во најновите демонстрации загинале близу 50 луѓе.

https://p.dw.com/p/12b2R
Претседателот АсадФотографија: dapd

Сириските сили за безбедност вчера (16.09.2011) убија најмалку 47 луѓе во градовите Хама, Хомс и Басар ал Хари. Силите за безбедност почнале да пукаат врз демонстрантите во Хама и во Хомс, додека го гранатираа Басар ал Хари.

Активистите за човекови права соопштија дека безбедносните сили стрелале врз демонстрантите, кои излегоа на улиците по петочната молитва.

Сирискиот центар за набљудување на човековите права, со седиште во Лондон, соопшти дека во реонот на џамијата „Равдан“ во градот Деир ас Зур имало интензивни пукотници.

Организацијата, исто така, наведе дека илјадници луѓе излегле на улиците да протестираат против реживот на претседателот Башар ал Асад во градовите Хамишли, Амуда и Дербасие.

Сириската државна телевизија во меѓувреме јави дека еден полицаец загинал а четворица се повредени во престрелка во село во јужната провинција Дара. Независна потврда на информациите од Сирија нема, зашто режимот на претседателот Асад не дозволува присуство на странски новинари.

Ердоган повторно против Асад

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, кој вчера беше во посета на Либија, остро го нападна сирискиот претседател Башар ал-Асад, истакнувајќи дека времето на тиранот изминало.

„Таков лидер мора да сфати дека неговото време помина, како што помина и времето на тиранските режими“, изјави Ердоган, чиј говор се преведуваше и на арапски.

Турција која долга низа години има добри односи со Сирија, се дистанцираше од режимот во Дамаск откако не успеа да го наговори на прекин на репресијата.

Автор: ЖА/ АТ/ дв/ миа/ макфакс

Редактор: Александра Трајковска