1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повторно напади врз цркви во Нигерија

ЖА/дпа/кна10 јуни 2012

Во Нигерија повторно се извршени напади врз христијански цркви. Агенциите јавуваат за повеќемина загинати и ранети.

https://p.dw.com/p/15Be2
Фотографија: dapd

Во централнонигерискиот град Џос еден напаѓач активирал експлозив во евангелистичка црква при што се ранети повеќе луѓе. Нигериски медиум јавува за четворица загинати, според изворот, атентаторот во дворот на црквата влегол со автомобил.

Во северниот дел од земјата пак, непознато лице отворило оган за време на богослужба, но засега нема информации за жртвите.

Христијаните во Нигерија во блиското минато постојано беа цел на напади. За поголем дел од нив одговорноста ја презеде радикалната група Боко Харам, чија цел е создавање радикално-исламистички поредок во земјата. Според аналитичарите, терористите стануваат се‘ понепредвидливи.

Нигерија со околу 155 милиони жители е најбројната со луѓе држава во Африка. Половината од жителите се припадници на исламот, а уделот на христијани се проценува на околу 40 до 48 проценти. Северниот дел од земјата е претежно исламски, додека во јужниот дел живеат главно христијани.