1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поголема безбедност, но помала заштита на податоци?

7 јули 2010

Покрај заштитните мерки на поединечните земји од ЕУ, одбраната од тероризмот ќе се координира и на европско ниво. Тука спаѓа и договорот на ЕУ со САД, за размена на банкарски податоци за одбрана од тероризам.

https://p.dw.com/p/OBxf
Во Европа пристигна исламистичкиот тероризамФотографија: picture-alliance/ dpa

Со ужасните напади на возовите во предградијата во Мадрид во 2004 година, и на метрото во Лондон една година подоцна, во Европа пристигна исламистичкиот тероризам. Релативниот мир оттогаш, не е причина за опуштање, вели Жил де Кершов, координатор на ЕУ за справување со тероризмот: „Од атентатите во Лондон веќе немаше поголеми напади на европско тло, во голем дел благодарение на работата на безбедносните служби. Но, ако ги погледнеме нападите кои оттогаш се спречени и терористичките групи кои се уништени, може да се заклучи дека и понатаму треба да бидеме претпазливи.“

Европол и Евроџаст

Gijs de Vries
Координаторот за борба против тероризмот, Гријс де ВрисФотографија: AP

Функцијата координатор беше воведена во 2004 година, по нападите во Мадрид. Државите од ЕУ дојдоа до сознанието дека работат премногу некоординирано во проглед на антитерористичките мерки. Првиот координатор Гијс де Врис вака ги формулираше задачите: „Размената на информации е многу важна. Со помош на Европол, полицијата може да разменува информации. Нашите правобранители се разменуваат преку Евроџаст. Покрај тоа, усвојуваме закони против финансирањето на тероризмот. На терористите им требаат пари, а ние мора да се погрижиме да не ги добијат. И за тоа е потребна меѓународна соработка.“

Европарламентот е категоричен за заштитата на податоци

Das Europol Gebäude in Den Haag
Европол во Ден ХагФотографија: picture-alliance/ dpa

Сепак, де Врис предвреме се повлече од својата функција, наводно разочаран поради тоа што земјите-членки не се информирале за нивните антитерористички активности во очекуваната мерка. Но, критиката најмногу е упатена во спротивниот правец, имено дека размената на информации помеѓу државите во ЕУ се одвива премногу добро. За време на минатонеделната посета на членовите на внатрешниот совет на Европарламентот во Европол во Ден Хаг, и шпанскиот демохристијан Агустин Дијаз де Мера го изрази своето сомневање: „Ако сакаме безбедност, мора да разменуваме информации. Притоа, Европол е сигурно корисен и неопходен инструмент. Но, сметам дека Европол е компромитиран при заштитата на податоци, и Европарламентот одлучно ќе ја застапува заштитата на податоци.“

Размена на банкарски податоци меѓу ЕУ и САД

Manfred Weber Abgeordneter Europaparlament
Германскиот европарламентарец Манфред ВеберФотографија: Europäisches Parlament

Многу граѓани стравуваат дека справувањето со тероризмот за државите претставува добредојден изговор за да се врши прислушување. Во Европарламентот особено остра беше критиката во поглед на размената на банкарски податоци помеѓу ЕУ и САД, СВИФТ-спогодбата. Според американските инспектори, размената на податоци придонесла за апсењето на таканаречената Зауерланд-група во Германија. Но, на почетокот од годинава, Европарламентот ја одби привремената спогодба. Еден од критичарите беше и германскиот европарламентарец од ЦСУ, Манфред Вебер: „Граѓаните на Европската унија со право очекуваат, да ги штитиме податоците кои им припаѓаат. Очекувам соработка со САД. Сакам да соработуваме во борбата против тероризмот. Но, мора да важи правилото дека за европските податоци важи европски стандард за заштита на податоците. Тој мора да важи и во соработката со Американците.“

Во меѓувреме, има нова СВИФТ-спогодба. Со тоа е најдено решение за некои, но не за сите критики од страна на Парламентот. И покрај тоа, на гласањето в четврток во Стразбур, се очекува големо мнозинство.

Автор: Кристоф Хаселбах / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска