1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поголема моќ за Путин

Херман Краузе15 април 2008

Рускиот претседател Владимир Путин ќе добие поголема моќ. Тој се согласи да биде лидер на владеачката партија Единствена Русија и иден премиер.

https://p.dw.com/p/DiGe
Путин прифати да застане на чело на Единствена РусијаФотографија: AP

Тоа беше помпезна медиумска презентација. Руската телевизија уште од вчера во вестите, на секој час се вклучува од Гастин двор - реновираниот центар на Црвениот плоштад, каде се одржува деветиот партиски конгрес на владеачката партија Единствена Русија. Но, највозбудливо беше утрово. Сите го чекаа него, Владимир Путин. Дојде заедно со неговиот наследник Дмитриј Медведев, но аплаузот беше за Путин. Неговата популарност во изминативе недели само порасна. Иако има помалку од три недели пред да ја напушти претседателската функција, поголемиот дел од Русите посакуваат тој и понатаму да продолжи да ја раководи земјата.

Гризлов и Медведев му дадоа целосна поддршка на Путин

Путин како прв човек на партијата е идеално решение, смета претседателот на Дума-та, Борис Гризлов.

„Денеска ги имам сите аргументи, во името на партијата, на претседателот на Руската федерација и новоизбраниот претседател Дмитриј Медведев да им понудам членство. Ќе станеме посилна партија, ако идниот претседател на владата стане и прв човек на партијата“.

Според планот, веднаш по инаугурацијата на Дмитриј Медведев, Путин ќе биде избран за премиер од страна на Дума-та. Медведев, и понатаму останува на иста линија со својот претходник.

„Борис Гризлов на Владимир Путин му го понуди местото шеф на партијата, и тоа е логично и консеквентно. Тогаш ќе има подобра соработка меѓу извршната и легислативната власт. Со тоа ќе се зајакне политичката сила во Русија“. Тој сепак ја одби понудата да се зачлени во партијата со образложение дека тоа е претерано и не би било добро како претседател да и припаѓа на една партија.


Путин ја прифати понудата

Во салата накитена во националните бои, Путин во ова политичко шоу настапи како вистинска ѕвезда. Во емотивниот говор, постојано прекинуван од аплауз даде ветуваење за зачувување на единство на нанцијата. Клучната реченица гласи:

„Според мене тоа е цивилизана постапка во едно демократско општество, кога премиерот е и прв човек на владеачката партија. Затоа ја прифаќам понудата“.

Со ова Путин го зголеми своето влијание. Сега новиот претседател на државата потешко ќе му се спротивставува на идниот премиер. Но,Путин по се изгледа не стана и член на партијата. Присутните на Конгресот, претходно извршија промена на статутот со која се дозволува на чело на партијата да биде и човек кој не партиски член. Ова е и светски преседан.