1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Погребникот Фриц Рот од Бергиш-Гладбах

14 октомври 2010

Смртта треба да се прифати како дел од животот. Оваа порака сака да ја пренесе 60-годишниот Фриц Рот. Тој е погребник по професија, а себеси се гледа и како духовник.

https://p.dw.com/p/PQNE

Недела е. Како многупати досега, Фриц Рот организира еден закоп. Но, овојпат е поинаку. Тој закопува некој кој му бил многу близок.

Фриц Рот е добродушен човек и живее во покраината Ранјланд Пфалц. Има 60 години. За него занимањето „погребник“ не е само занимање, туку професија. Тој раководи со погребното претпријатие „Пиц-Рот“ во Бергиш-Гладбах повеќе од четврт век. Неговото име е познато и надвор од регионот:

„За мене е важно да се негува природниот однос кон умирањето, смртта и жалоста.“ Поради тоа ги основал и првите приватни гробишта во Германија.

Се грижи за душата на ожалостените

Погребното претпријатие е имот со негувана градина. Однадвор делува како отмен селски хотел. Кога зборувате со Фриц Рот го чувствувате воодушевувањето за тоа што му лежи на срцето: на ожалостените луѓе да им биде придружник и по закопот на починатиот: „Сакам да ги охрабрам луѓето повторно да ја разберат смртта.“ Рот зборува како духовно лице. Тој се разбира и во таа работа, а тоа има врска со неговата животна приказна.

Gesichter Deutschlands Porträt FrRoP1
„За мене е важно да се негува природниот однос кон умирањето, смртта и жалоста“Фотографија: DW

Кога имал десет години некои католички мисионери му го претставиле животот во манастир како многу убав. Тие го намамиле со сопственото фудбалско игралиште и базен. Поминал девет години во еден манастир, во холандското место Штајл. Фриц Рот отсекогаш се воодушевувал на нови идеи, но не сакал да го помине животот во целибат како свештеник.

По излегувањето од манастир тој студирал микроекономија во Келн. Таткото на сопругата му открил дека еден негов пријател бара некој човек кој ќе ја наследи неговата работа како погребник. Тестот всушност му ветил на пријателот дека неговиот зет со задоволство ќе ја прифати работата.

Токму денеска, во недела, се затвора тој круг. Починатиот, кој денеска Фриц Рот го закопува на приватните гробишта, е всушност неговиот тест, човекот којшто на некој начин направи од него погребник.

„Денеска е посебен ден за мене, бидејќи се‘ што сакам е да придонесам за менување на културата на жалост, а тоа, пак, го најдов во мојата лична засегнатост.“

Детство како „седумка на лото“

Фриц Рот е роден во 1949 година во местото Ајкамп, Северна Рајна Вестфалија, на селскиот имот на неговите родители. Рот вели дека растењето покрај четири сестри за него било како „седумка на лото“.

Gesichter Deutschlands Porträt FrRoP2
Соба на сеќавања - овде роднините на починатите стануваат свесни дека сите врски се раскинливиФотографија: DW

Сите го разгалувале, а баба му му ја исполнувала секој желба. Таа умрела кога тој имал шест години. За Рот тоа бил настан за паметење. „Смеев да ја држам раката на мојата почината баба“, раскажува Рот, речиси радосно. Така можел да сфати дека баб му никогаш повеќе нема да му направи какао, ниту пудинг. Тогаш ја сфатил во вистинска смисла на зборот разликата меѓу мртов и жив.

За Рот и денес е посебен начинот на кој децата ја преработуваат нивната жалост: „Тие ги покажуваат нивните чувства. Тие врескаат: „Сакам мама да остане“. Потоа се вртат и велат: „Сега сакам да јадам сладолед!“

И за Фриц Рот темата смрт била дел од неговото животно искуство. Четири негови браќа и сестри починале при раѓањето. На селскиот имот на неговите родители со кокошки, свињи и крави Рот чувствувал среќа: „Владееше чувство на заштитеност. Јадевме сите заедно на една голема маса. Потоа му се качував на татко ми на рамената. И тој беше ќелав како мене. Потоа ми раскажуваше приказни.“

При сопствената смрт само умираме

Неговиот татко имал изразено чувство за култура. За време на прошетките низ шумата раскажувал за замоци и суштества од бајките. „Таа фантазија и љубовта кон уметноста ја наследив од него“, додава Рот. „Уметноста ни‘ дарува слики. Со нив можеме да го изразиме она што тешко можеме да го разбереме.“ Како животот, или пак, смртта.

Gesichter Deutschlands Porträt FrRoP3
Фриц Рот повикува: „Да не го чекаме рајот после смртта, туку да го бараме во животот„Фотографија: DW

Фриц Рот е убеден дека на модерното општество повторно му треба повеќе спиритуалност. Кога ќе го прашате што мисли со тоа, одговара:

„Прифатете ја смртта повторно лично!“ Потоа цитира стихови од поемата Мементо од германско-еврејската поетеса Маша Калеко: „При сопствената смрт само умираме. Но, со смртта на другите мораме да живееме.“

Автор: Жозе Оспина-Валенсија / Виолета Вај

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска