1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поддршка за Македонија во НАТО

ЕМФ/миа/макфакс30 април 2012

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Попопски, во разговор за американската телевизија МСНБЦ, порача дека Македонија треба и заслужува да биде членка на НАТО.

https://p.dw.com/p/14n69
Фотографија: DW/Petr Stojanowski

„Македонија е петти најголем поддржувач на мисијата во Авганистан, согласно бројот на жители, и ние покажавме дека имаме капацитет да дејствуваме и да придонесеме кон оваа мисија. Македонија дефинитивно е земја која треба да биде членка на НАТО и го заслужува тоа“, изјави Попоски за МСНБЦ.

Телевизијата, во прилогот насловен како „НАТО – игра со името“, посочува на грчкото вето за членството на земјата во алијансата поради спорот со името, но и на грчкиот став дека Македонија не треба да има исто име со нејзината северна провинција.

За спорот со името станува збор и во писмото на трите балтички земји - Литванија, Летонија и Естонија кои го повикуваат данското претседателство на ЕУ на следниот Совет на Европската унија, во јуни, да го постави на агендата прашањето за почеток на претпристапните преговори со Македонија, како и да се побара позитивна одлука од Советот. Спорот за името не смее да го попречува евроинтеграцискиот процес на Македонија, туку преговорите под покровителство на ОН и претпристапните преговори за членство на државата во ЕУ, треба да се одвиваат паралелно, се вели во писмото. Според потпретседателот на литванското Собрание и претседавач со Комитетот за европски прашања Чесловас Станкевичиус, кој денеска имаше средба со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, кој е во работна посета на Литванија, заедничката изјава на претседавачите со комитетите за европски прашања на Литванија, Летонија и Естонија, е доставена до нивниот дански колега Ева Кјер Хансен, а потоа и на состанокот на комитетите за европски прашања на националните парламенти на земјите членки на ЕУ (ЦОСАЦ), кој се одржа во Копенхаген.

Поддршка за зачленување на Македонија во НАТО денеска (30.04) доаѓа и од Норвешка. Норвешкиот министер за одбрана Еспен Барт Ејде по средбата во Осло со македонскиот колега Фатмир Бесими изјави дека Норвешка е силен поддржувач на македонското членство во НАТО и дека поддршката ќе продолжи и по самитот во Чикаго. „Со Македонија продолжуваме тесно да соработуваме како партнер и контрибутор во мисиите. Заедно со македонските трупи сме рамо до рамо во Авганистан и се надевам дека континуирано ќе продолжиме да ја јакнеме соработката се‘ до вашето добивање полноправно членство во Алијансата“, рече Ејде.