1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поддршка или притисок врз Белград?

Ивица Петровиќ/ Кристина Озимец31 октомври 2012

Дипломатската динамика покажува дека на меѓународната заедница и е важно да го забрза решавањето на косовскиот проблем. Аналитичарите предупредуваат, дали српската страна ќе успее да го испорача се’ она што е ветено?

https://p.dw.com/p/16ZwC
Фотографија: picture-alliance/dpa

Американската државна секретарка Хилари Клинтон и високата претставничка на Европската унија Кетрин Ештон по разговорите порачаа дека во Белград не дошле да поставуваат услови. Не постојат никакви ултиматуми околу признавањето на Косово, истакнаа високите гости и нагласија дека Косово е независна држава и дека границите нема да се менуваат. Кетрин Ештон исто така нагласи дека дијалогот на кој инсистира меѓународната заедница и нормализацијата на односите со Приштина не значи признавање на Косово.

Америка зад ЕУ

Иван Вејвода, директор на Балканскиот фонд за демократија, смета дека оваа посета е поддршка за Белград да го продолжи дијалогот со Приштина, и обид да се побара прагматично и флексибилно решение, како за српската така и за албанската страна:

„Мислам дека посетата претставува порака дека Америка во секој поглед ги поддржува напорите на Европската унија и дека стои зад ЕУ во намерите да се завршат европските интеграции. Исто така, дека Америка до крајот ќе поддржува изнаоѓање на решение и ќе помага онаму каде што треба ако дојде до некој застој“.

Кој ќе признае притисок?

Во пресрет на посетата многу се говореше за тоа дека таа претставува некаков вид на охрабрување на Белград за дијалог со Приштина, како и за процесот на европските интеграции на Србија. Но исто така, се наведуваше и дека оваа посета ќе претставува некаков вид на притисок врз Белград за поголеми отстапки околу Косово. Јелена Митиќ, директорката на Центарот за евроатлански студии, оценува дека посетата била комбинација на охрабрување и притисок:

Clinton und Nikolic in Belgrad
Хилари Клинтон во БелградФотографија: picture-alliance/dpa

„Во секој случај комбинација. Но, мислам дека овој пат беше добро спакувана. Можам да го разберам и фактот дека никој не сака да каже дека тоа всушност е притисок, со оглед на тоа дека за ниедна влада не би било едноставно да направи некои работи.“

Се брза и Србија

Дипломатската динамика која изминатите денови се одвива во Белград покажува дека меѓународната заедница сака да го забрза процесот околу решавање на косовскиот проблем. Иван Вејвода оценува дека меѓународната заедница можеби брза, но исто така и се брза и на Србија:

„Значи, заедно имаме еден предизвик во регионот, во овој случај помеѓу Белград и Приштина, но параметрите се потполно јасни веќе долги години. И сега, со оглед на познатата реалност која нема да се менува, би кажал во еден стеснет маневарски простор за Белград, се оди на изнаоѓање на решение. Ми се чини дека не е само во интерес на меѓународната заедница да го затвори едно прашање во правец на понатамошна стабилност и мир, туку е во интерес и  на Белград, но и на Приштина, да немаат таканаречен замрзнат спор“.

Како да се исполни ветеното?

Без оглед на тоа што посетата на Клинтон и Ештон на некој начин го подигна оптимизмот, сепак постои и скепса дали српската страна ќе успее да испорача се што е ветено, вели Јелена Милиќ.

„Особено се грижам за она што ќе се случува кога ќе дојде до обид за демонтирање на паралелните институции на Косово. И тоа не само оние институции кои се однесуваат на структурата на безбедноста, туку паралелните полициски единици и останатото, а и оние за кои во најавите слушавме деновиве, а тоа е демонтирањето на паралелните финансиски институции“.