1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подмладокот на Македонија почнува квалификации за ЕП

АМ/макфакс8 јуни 2013

Репрезентацијата на Македонија до 21 година денеска во Баку против Азербејџан ги отвора квалификациите за пласман на Европското првенство, кое во 2015 година ќе се одржи во Чешка.

https://p.dw.com/p/18m7z
Фотографија: Fotolia/erika8213

Селекторот на младата репрезентација Бобан Бабунски вели дека македонската селекција е созреана за постигнување добар резултат.

„Се наоѓаме пред почеток на нов, за нас, многу важен квалификациски циклус. Нашата цел е да наметнеме модел на игра со кои дефинитивно ќе се чувствуваме посигурно во секој настап, ќе добиеме самодоверба и тоа е единствениот правилен начин да постигнеме добри резултати. Во претходниот циклус на квалификации бевме многу близу до голем успех, но не успеавме да се пласираме на завршница на големо натпреварување, но играчите потврдија дека можат да играат на резултат. Позитивно е тоа што оваа генерација фудбалери веќе се наоѓаше на чекор од ЕП. Генерацијата предводена од селекторот Бочевски играше во елитната група квалификации, ја минаа првата фаза и мислам дека имаат изградено победнички менталитет“, вели селекторот Бабунски.

На списокот за натпреварот против Азербејџан се наоѓаат 19 фудбалери. Стефан Ристовски и Александар Трајковски му се приклучија на тимот од „А“ репрезентацијата.

„Имаме талентирана генерација, се' што треба е да се надоградуваме, да веруваме во себе и да наметнеме стил на игра кој ќе биде препознатлив за нас. Тое е моделот за остварување на нашите амбиции. Првиот натпревар секогаш е тежок. Во составот на Азербејџан се играчи кои секој првенствен натпревар играат по 90 минути во своите клубови. Фудбалскиот закон во Азербејџан ги обврзува клубовите да им даваат шанса на младите играчи и за нив тоа е позитивно. Имаат на располагање 30 фудбалери во натпреварувачки ритам. Ние одиме да оствариме позитивен резултат и се надевам дека фудбалерите ќе го дадат најдоброто од себе. Тоа е нашиот пристап на тренинзите и ќе се обидеме да го пресликаме на натпреварот“, рече селекторот на младата репрезентација.

Во квалификациската Група 8, покрај Азербејџан, противници на македонската селекција ќе бидат и репрезентациите на Норвешка, Израел и Португалија.